Изложби
Познатиот уметник Драган Спасески Охридски одбележува три децении од неговата прва самостојна изложба
„Спокоен сум ко врвот… Не прашувам зошто сум се извишил“ е насловот на мултимедијалниот проект на познатиот уметник Драган Спасески Охридски, којшто заедно со пресекот од неговите најзначајни ликовни и поетски дела ќе биде промовиран во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“, утревечер, со почеток во 21 часот во катедралната црква „Света Софија“.
Спасески Охридски одбележува три децении од неговата прва самостојна изложба што се случи во 1989 година кога всушност тој го направи и првиот мултимедијален проект во нашата држава, насловен како „Апокалиптичен нарцис“.
„Оваа година славам 30 години творештво. Насловот на овој мултимедијален проект е ‘Спокоен сум ко врвот… Не прашувам зошто сум се извишил’. Проектот се состои од два дела, едниот дел е промоција на книга со истиот наслов ‘Спокоен сум ко врвот…Не прашувам зошто сум се извишил’ и пресек од досегашното творештво ќе биде презентиран во катедралната црква ‘Света Софија’. Промотор ќе биде проф.д-р Кристина Николовска, а стихови ќе чита актерот Димитрие Доксевски. Другиот дел ќе се одвива на терасата ‘Аквариус’ каде што исто така ќе биде презентирано дел од моето творештво, ‘Охридските ангели’, компјутерска графика. Гости ќе бидат ‘Кукузел’, млади уметници кои се занимаваат со музика“, најави уметникот Драган Спасески Охридски.
По повод тридецениот творечки јубилеј на Драган Спасески Охридски, градоначалникот на Охрид, кој е колега, но пред сè пријател на Спасески, вели дека големо богатство е Охрид да има ваков сестран интелект каков што е токму Спасески Охридски.
„Со Драган Спасески Охридски сме пријатели и колеги повеќе од две децении. Сакам да му честитам за 30-годишниот јубилеј на едно извонредно творештво на повеќе полиња и да му се заблагодарам за сите совети и патишта на кои ме насочил во животот. Како градоначалник на Охрид, би истакнал дека вистинско богатство е да имаме еден ваков сестран интелект во градот,а потоа и доктор, и уметник, и пред сè човек. Сум ги посетил повеќето негови изложби, а со нетпрпение очекувам да ја погледнам и последната изложба“, вели Георгиески.
Драган Спасески Охридски е роден 1960 година и по професија е доктор специјалист ортопедски хирург.
Досега ги реализирал следните мултимедијални проекти:„Апокалиптичен нарцис“ (1989 год.), „Сè трепери (1996 год), „Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли“ (1999 год), „Вибрација, креација, совршена релација“ (2001), „Охридски ангели“ (2003), „Погледни во себе“ (2004), „Трите точки“ (2008), „Охридски бисери на мудроста“ (2010), „Битолска трилогија“ (2011), „Човек е трепет …и ангелот трепет е …а ти Боже мој…“ (2017 год.), речиси сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги поезија со истоимениот наслов како мултимедијалниот проект, а некои се проследени и со архитектонски ентериерни креации.
Спасески Охридски е голем презентер на македонската уметност надвор од границите на земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.
Изложби
„Фрагментирана интроспекција“ – изложба на скулптури на Слободан Милошевски во Неготино
На 23 мај 2024 од 19:30 часот во изложбениот салон на Музеј на град Неготино ќе биде отворена изложбата „Фрагментирана интроспекција“ од авторот Слободан Милошески.
Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 1 јуни.
„Фрагментирана интроспекција“ е технички умешна и концептуално богата изложбена поставка која ја истражува сложената врска помеѓу нашето Јас, перцепцијата и идентитетот. Го ангажира гледачот и на интелектуално и на емоционално ниво, поттикнувајќи подлабоко истражување на сопственото битие. Оваа изложба е доказ за умешноста на уметникот и неговата способност да пренесува сложени и длабоки концепти преку медиумот на метал, што резултира со прекрасни уметнички дела кои предизвикуваат контемплација.“ – вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.
До сега има реализирано 30 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година , нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година. и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски,
Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет, сите во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

