Спорт
Сафин: Ѓоковиќ ќе го надмине Федерер, ќе стане најдобар на сите времиња

Некогашниот прв светски тениски рекет, Русинот Марат Сафин е уверен дека српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ ќе го престигне Швајцарецот Роџер Федерер и ќе стане најдобар тенисер на сите времиња.
„Мислам дека Новак ќе го престигне Роџер, има доволно време за тоа. Тој има 32 години, ако биде здрав и ако продолжи вака, верувам дека ќе игра додека не наполни 40“ – смета Сафин.
Рускиот тенисер неколкупати беше кобен за Федерер, како во полуфиналето на Австралија Опен во 2005 година кога во петтиот сет славеше со 9-7. Сафин мораше да се повлече од светскиот тенис во 2009 година поради повреда.
„Федерер имаше среќа во кариерата, избегна големи повреди. Остатокот од нашата генерација имаше проблеми – Куертен и Налбандијан имаа мака со колковите, јас со коленото. Ја завршив кариерата на 29 години поради повреда“ – рече Русинот.
Ѓоковиќ моментно има 16 гренд слем титули, четири помалку во однос на Федерер и две помалку во однос на Надал.
По бројот на недели на врвот на АТП листата, Србинот моментно заостанува зад Швајцарецот 47 недели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Челзи го совлада Флуминенсе со 2:0 и се пласира во финалето на Светското клупско првенство

Фудбалерите на Челзи обезбедија пласман во финалето на Светското клупско првенство со убедлива победа од 2:0 над бразилскиот тим Флуминенсе. Натпреварот се одигра на стадионот „Метлајф“ во САД, каде што англискиот претставник доминираше во текот на целиот меч.
Двата гола за „сините“ ги постигна Жоао Педро, во 18. и 56. минута, носејќи му на Челзи сигурна предност и контрола над играта. Педро е поранешен играч на Флуминенсе, па со вечерашните два гола успеа да го елиминира својот поранешен клуб.
Флуминенсе не успеа да се закани сериозно, и покрај неколкуте обиди во второто полувреме.
Челзи сега го очекува финалето, каде ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Манчестер Сити и Ал-Ахли.
Спорт
Шкендија одигра нерешено, 0:0, против ТНС во Велс, реванш во вторник во Скопје

Без голови заврши првиот натпревар во првото квалификациско коло во фудбалската Лига на шампиони. Екипата на Шкендија одигра нерешено, 0:0, на гостувањето против екипата ТНС во Велс, Велика Британија.
Шкендија беше рамноправен ривал на ТНС. Во најголем дел од мечот топката беше кај нив, имаа неколку нереализирани можности, но не успеаја да најдат простор за гол и по продолжението од четири минути.
Судија на натпреварот беше Ирецот Роб Хенеси.
0:0 останува стартен резултат за реваншот кој ќе биде за седум дена, во вторник на 15 јули, во Скопје.
Спорт
(Видео) Најдобриот скијач во светот одмара во Хрватска

Светскиот шампион во скијање Марко Одермат објави видео од Хрватска. Брилијантниот Швајцарец одмара, сурфајќи користејќи специјална даска со електричен мотор. Одермат е на одмор со пријатели, а со него е и Џино Кавизел, исто така швајцарски скијач и редовен учесник во трките од Светскиот куп. Одермат го сподели видеото на Инстаграм.
Марко Одермат е најдобриот скијач во светот. Специјализиран е во велеслалом и супер-џи. Неговата професионална кариера започна во текот на сезоната 2020/21, кога ги постигна своите први победи во Светскиот куп. Во последниве години, Одермат ја зацврсти својата позиција како еден од најдобрите скијачи во светот.
Во сезоната 2021-22 ја освои титулата во Светскиот куп, станувајќи првиот швајцарски скијач што ја освоил оваа престижна титула од 1992 година. Покрај титулата во Светскиот куп, Одермат го освои златниот медал во велеслалом на Зимските олимписки игри 2022 во Пекинг.
Тој, исто така, освои медали на Светските првенства, вклучувајќи го и златото во велеслалом на Светското првенство 2021 во Кортина д’Ампецо. Минатата сезона го освои Големиот кристален глобус со голема разлика.