Македонија
Комунална со апел до верниците да не фрлаат органски отпад на јавни површини
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани, придружуван од градоначалникот на општината Чаир, Висар Ганиу, скопскиот муфтија Кенан Исмаили и претставниците од Здружението на еснафот на Старата скопска чаршија, денеска одржа прес-конференција за решавање на актуелните проблеми со неконтролираното одлагање органски отпад во пресрет на верскиот празник Курбан бајрам.
Директорот Шабани нагласи дека ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје секоја година во овој период се соочува со еден навистина голем проблем, а тоа е неконтролираното одлагање органски отпад, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните и се загадува животната околина.
„На сите ни се познати традициите и обичаите при подготовките и празнувањето на овој значаен муслимански празник, но апелираме до нашите сограѓани дека исфрлањето органски отпад на јавни површини може да доведе до многу несакани последици. На овие температури таквиот отпад брзо се распаѓа и претставува извор на зарази во непосредната околина. Оваа година ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје на повеќе локации во скопските општини Чаир, Бутел, Шуто Оризари и Сарај ќе постави специјални садови во коишто верниците ќе можат контролирано и правилно да го одложат органскиот отпад, за истиот да може да биде навремено отстранет и транспортиран од страна на нашите екипи“ – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.
Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во текот на вчерашната ноќ и денешниот ден спроведоа акција за генерално чистење на Старата скопска чаршија, при што беше извршено рачно миење со ВАП-машини, како и метење и чистење на сите делови на чаршијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Средбите со градоначалниците и советниците ми даваат јасна слика за потребите на општините
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински заедно со заменик министерот, Ерџан Селими остварија средба со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски и претставници на Советот на општината.
На средбата со градоначалникот Мицевски беше разгледана динамиката на спроведување на проектите одобрени во рамки на вториот јавен повик од потпрограмата АА за инфраструктурни проекти во општините. Општина Сопиште, преку двата јавни повика, доби поддршка за 11 проекти, со вкупна вредност од 54.016.646 денари.
На средбата со советниците се разговараше за клучните активности на Министерството како и за воспоставениот Ресурсен центар за поддршка на општините.
„Во рамки на центарот веќе се подготвуваат неколку прирачници кои ќе им ја олеснат работата на новоизбраните градоначалници“, нагласи министерот.
Перински го презентираше Прирачникот „Патоказ за ефикасно локално управување“, изработен како едно од првите продукти на Ресурсниот центар. Документот е осмислен да им даде јасна поддршка на новите градоначалници во почетниот период од мандатот преку конкретни чекори, препораки и насоки за клучните процеси и додаде дека ќе биде доставен до сите градоначалници низ државата.
Nајави и дека е во тек развојот на дигитална алатка преку која општините ќе можат лесно и брзо да побараат поддршка, да преземат корисни документи за секојдневната работа, да се информираат за новитети од нивен интерес и директно да комуницираат со Министерството за локална самоуправа.
„Она што го презентираше министерот само ја потврдува вредноста на прирачникот како документ кој ќе ни ја олесни работата и ќе нè води низ процесите“, истакна Мицевски.
Македонија
Почна доградбата на ООУ „Јоаким Крчоски“ во Ѓорче Петров, инвестиција од 42 милиона денари
Општина Ѓорче Петров денес официјално го потпиша договорот за доградба на ООУ „Јоаким Крчоски“, со што започнува реализацијата на инвестиција вредна 42 милиони денари.
Проектот опфаќа проширување на училиштето со современ, функционален и енергетски ефикасен простор со површина од околу 600 метри квадратни, целосно прилагоден на потребите на учениците и наставниот кадар.
Со доградбата, училиштето ќе добие осум нови училници на две нивоа, придружени со нови санитарни простории, современ скалишен простор и комуникациски ходници, како и нов влез кој ќе го поврзува проширениот дел со постојниот објект. Преку т.н. „топла врска“ ќе се обезбеди непречено движење и целосна интеграција на новиот дел со училиштето, што значително ќе го подобри функционирањето и ќе обезбеди подобри услови за сите.
Во новиот објект ќе биде инсталиран и модерен систем за греење и ладење со топлинска пумпа, кој ќе овозможи висока енергетска ефикасност и стабилна температура во текот на целата година, создавајќи пријатна и продуктивна средина за учење.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека проектот е директна инвестиција во иднината на најмладите.
„За нас, најмладите се највисок приоритет. Со оваа доградба, создаваме подобри услови за работа, поголеми капацитети и современо училиште какво што им доликува на нашите деца – модерно, безбедно и подготвено за иднината“, рече Стојкоски.
Македонија
„Син ми многу сакаше кафе, напијте се”: мајка на загинато дете ги послужи новинарските екипи на паузата од судењето
На првата пуаза од судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откога многумина бранители побараа одлагање на судењето и нова листа на докази бидејќи Обвинителството ги спои постапките за дискотеката „Пулс“ и за агенцијата „Рубикон“, мајка на едно од загинатите деца пред објектот на судницата ги послужи со кафе новинарските екипи и семејствата на загинатите.
„Никаде не одиме без кафе, син ми многу пиеше кафе. Ајде напијте се“, рече таа.

Во тек е пауза на судењето. Судијката одобри 15 минути пауза затоа што голем број од обвинетите побараа пауза за тоалет.

