Македонија
(Видео) Јанушев: Снимките што излегоа во медиумите се доволна причина Јанева наместо на плажа да биде во притвор
Зоран Заев има милион причини за нелагодност. Ништо ама апсолутно ништо нема да биде во ред сè додека Заев и октоподот владеат во Македонија. Со Заев и октоподот на СДСМ правдата е мисловна именка. Сè додека Јанева е на слобода, а не во притвор и додека русковска-обвинителството ги крие вистинските организатори од врвот на власта, граѓаните ќе бидат ограбувани, а рекетарите ќе се шетаат со Луј Витон торби полни со милиони евра, обвини генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
„Катица Јанева може да се заканува колку што сака, но слушнавме како таа лично ветува дека сè она што Боки 13 го зборува се остварува. Јанева лично дава ветување за прекинување истраги. Снимките што излегоа во медиумите се доволна причина Јанева наместо на плажа да биде во притвор. Дополнително обвинителката Стефанова денеска во изјава за медиуми потврди дека ѝ било наложено токму од Јанева да ги затвори предметите, за осомничените да не одат во затвор.
По ваквите снимки и изјави, потребно е итна акција од страна на ЈО, но и одговорност за досегашното неделување и потенцијално прикривање.
Русковска со своето неделување ѝ овозможи на Јанева период за прикривање и уништување докази. Русковска мора да одговара за пропустите во истрагата. Вилма Русковска нема кредибилитет да го води овој случај. Потребно е случајот „Рекет“ да биде преземен од друг кредибилен јавен обвинител и да биде проширена истрагата. Веднаш да се определи мерка притвор за Јанева и да се испита колку предмети на СЈО биле користени за рекетирање.
Рекет од вакви размери не може да се случи без знаење на врвот од власта. Зоран Заев мора да понесе одговорност. Власта треба да одговори и каква е замешаноста на Радмила Шекеринска, која се споменува во видеото, и дали таа знаеле или можеби и учествувала во милионскиот рекет.
Се наметнува и прашањето дали и други лица од власта биле во релација со Боки 13 и која била нивната улога.
Одговорност мора да има. Сите ќе одговараат! Сите кои се огрешиле пред законите ќе одговараат, и извршители, и нарачатели, и оние кои ги штитат!
Одговорност ќе има, и тоа бескомпромисно, неселективно!
Зоран Заев и владата мора да дадат оставка. Заев не смее да остане премиер, со него на чело на државата ниту правда ќе има, ниту правна разрешница. Потребни се итни и неодложни предвремени парламентарни избори“, порача Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

