Македонија
Антикорупциска ќе го испитува јавното приватно партнерство со Жан Митрев

Антикорупциската комисија отвори предмет по сопствена иницијатива откако Владимир Чадиковски, единствениот лиценциран детски кардиохирург, даде отказ од болницата „Жан Митрв“, со која државата имаше склучено јавно приватно партнерство. Антикорупциската комисија ќе испитува дали постојат причини за раскинување на договорот меѓу државата и болницата „Жан Митрев“, особено по објавените информации дека кардиохирургот Жан Митрев нема лиценца да се занимава со детска кардиохирургија, а тој веќе најави дека во идниот период ќе се оперираат 20 бебиња.
Чадиковски и неговиот тим во февруари годинава од државната клиника преминаа да работат во „Жан Митрев“, по јавното приватно партнерство што го воспоставија Министерството за здравство, Фондот и приватната болница. Чадиковски даде отказ поради неисполнети услови во договорот и различни концепти на работа со кардиохирургот Жан Митрев.
Од Министерството за здравство изјавија дека ова не менува ништо и дека јавното приватно партнерство продолжува да функиционира. Единствено не дадоа одговор кој ќе ги оперира бебињата, со оглед на тоа што Чадиковски е единствен лиценциран кардиохирург во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска: „Храбриот“ Меџити наместо да дојде во Чаир заедно со неговата „принцеза на дивоградбите“, промовира туѓи проекти

Изет Меџити наместо да дојде во Чаир, таму каде што е најповикан заедно со неговата „принцеза на дивоградбите“, тој се исмева со граѓаните додека промовира туѓи проекти, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, по промоцијата на електричните автомобили.
Арсовска вели дека проектот за споделување на автомобили е проект започнат во соработка со приватна компанија и претпријатијата на градот Скопје.
„’Храбриот’ Меџити никаде го нема да се соочи на терен со мене за дивоградбите кои тој и Висар Ганиу со години спротивно на закон ги граделе и легализирале во Чаир, со фалсификување на документи и одобренија за тие дивоградби“, вели Арсовска.
Срам за Македонија и оваа влада, додава таа, се Изет Меџити и Висар Ганиу.
„Замислете, човек кој стои позади стотици дивоградби, ставил во ризик илјадници граѓани, фалсификувал документи со својот измеќар, сега е вицепремиер и промовира туѓи проекти пред медиумите и граѓаните“, вели Арсовска.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев се сончаше по плажите додека беснееја пожари

Заев се сончаше по плажите додека беснееја пожари, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има конкретен план за справување со пожари во претстојната сезона, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„Во време на СДС, Заев се сончаше по плажите и не се врати во државата додека во Македонија беснееја пожари. Седум години државата беше оставена без пилоти и со стари возила и технички средства. 7 години двата авиони за гаснење на пожари беа вон функција и без пилоти. 7 години СДС не инвестираше во возила за гаснење на пожари и во технички средства. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на сериозна и целосна трансформација на целиот систем за управување со кризи“, пишува во реакцијата.
Од таму велат дека „Ер тракторите“ моментално се на сервисирање и во краток рок се очекува да има три „ер трактори“ во пресрет на сезоната на пожари.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи посветено и има план за полесно справување во претстојната сезона на пожари“, велат од партијата.
Македонија
Јавно објавен предлог – законот за ратификација на Договорот со Обединетото Кралство

Предлог законот за ратификација на Договорот со Обединетото Кралство пристигна во Собранието, сѐ ќе биде јавно и транспарентно, објави пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Само што пристигна во Собранието – Предлог на законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерството за реализација на инфраструктурните проекти. Ништо нема да биде скриено до јавноста и секој детал ќе биде јавно објавен и транспарентен. Ова е историски договор. Ова е историска работа за нашата држава“, вели Мицевски.
Заедно со граѓаните, додаде тој, се обврзавме на обнова на Македонија и тоа го правиме секој ден.
„Тие се нашиот партнер. Железница, студентски дом, болници, хидроцентрали и многу нови проекти. После стратешкиот договор со Обединетите Американски Држави – ова е уште еден огромен успех за Република Македонија“, рече Мицевски.