Свет
Руската воздухопловна база „Хмеимим“ во Сирија успешно пресретнала напад со дронови

Шест самоубиствени беспилотни летала лансирани кон руската воздухопловна база „Хмеимим“ во неделата биле соборени, соопшти руското Министерство за одбрана, пренесува РТ.
Воздушната одбрана ги уништила дроновите на безбедно растојание и не е причинета штета во базата.
Милитантите постојано се обидуваат да го погодат рускиот објект лоциран во сириската провинција Латакија. На 8 август тие истрелаа четири ракети во обид да ја погодат базата. Ниеден проектил не успеа да ја постигне својата цел бидејќи сите експлодираа во воздух. Сепак, во инцидентот загинаа двајца цивили од блиското село, а четворица се повредени.
Претходно неделава екстремистите се обидоа да ја гранатираат базата, но објектот остана недопрен додека во нападот беа повредени уште четворица цивили.
Нападите врз базата понекогаш се совпаѓаат со милитантни офанзиви во провинцијата Идлиб, каде голем дел од територијата сè уште е под контрола на радикалните исламисти како терористичката група Хајат Тахрир еш-Шам (порано позната како Фронт Ал-Нусра). За време на една таква офанзива кон крајот на мај, базата беше цел на 17 проектили, кои или беа пресретнати или не стигнаа до целта.
Базата Хмеимим е цел и на беспилотните летала во повеќе наврати во последните неколку години. Во 2018 година објектот забележал најмалку седум вакви напади помеѓу мај и август при што некои од нив се случиле во рок од 24 часа еден по друг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц: Без реформи, Европа ќе стане пиун на Азија и САД

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, предупреди дека Европската унија ризикува да ја изгуби својата економска независност ако итно не спроведе реформи за зголемување на конкурентноста.
Во обраќање пред германскиот парламент, во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел, Мерц рече дека во наредните години ќе се решава дали Европа ќе остане независна економска сила или ќе стане „пиун на економските центри во Азија или Америка“.
Тој ја повика ЕУ да го намали бирократскиот товар за компаниите, да го зајакне единствениот пазар и да потпише нови трговски договори, особено со јужноамериканскиот блок Меркосур до крајот на годината.
Мерц се соочува со растечки притисок дома поради економската стагнација во Германија, која се влошува поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека решенијата за европската економија веќе постојат во извештаите на Марио Драги и Енрико Лета, кои предлагаат продлабочување на внатрешниот пазар и јакнење на конкурентноста, додавајќи дека тие препораки треба веднаш да станат дел од агендата на Европската комисија.
Регион
Грција го усвои контроверзниот закон – отворен патот за 13-часовно работно време

Грчкиот парламент денес го усвои новиот закон за труд, кој предизвика бурни реакции и протести во целата земја. Со 158 гласа „за“ и 109 „против“ владиниот предлог беше изгласан, а левичарската опозициска партија СИРИЗА одби да учествува во гласањето.
Законот, кој според владата има цел да го направи пазарот на труд поприспособлив и поефикасен, им овозможува на работодавците во приватниот сектор да бараат од своите вработени да работат до 13 часа дневно наместо досегашните осум. Продолженото работно време може да се применува најмногу 37 дена годишно, а работниците се заштитени од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.
Владата тврди дека со новите правила се зголемуваат флексибилноста и заштитата на работниците, особено оние со семејства, и дека законот дозволува четиридневна работна недела доколку има претходен договор меѓу работодавецот и вработениот.
Меѓутоа, синдикатите и опозицијата остро реагираа предупредувајќи дека реформата ја укинува суштината на осумчасовниот работен ден и ја легализира прекумерната експлоатација. Синдикатот на државните службеници ADEDY порача дека „флексибилното работно време во пракса значи уништување на семејниот и на општествениот живот и укинување на работничките права“.
Синдикатите потсетуваат и дека просечните плати во Грција се значително пониски од европскиот просек, а нерегистрираниот труд и натаму е голем проблем. Опозициските партии оценија дека законот е застарен и спротивен на европските тенденции за скратување на работното време и воведување пократка, но поквалитетна работна недела.
Новите одредби предвидуваат и поголема флексибилност при вработувања на определено време, со цел, како што наведува Министерството за труд, да се стимулираат продуктивноста и модернизацијата на пазарот на труд.
И покрај уверувањата на владата дека законот ќе ги заштити работниците и ќе овозможи подобра рамнотежа меѓу работа и приватен живот, јавноста останува поделена.
Свет
Индонезија, Азербејџан и Пакистан – три земји во преговори за мировна мисија во Газа

Американски официјален претставник изјави дека Индонезија, Азербејџан и Пакистан разговараат со САД за можноста да испратат војници во идната меѓународна мисија за стабилизација на Пojaсот Газа, објави американски функционер од одбраната, кој побарал да остане анонимен поради чувствителноста на преговорите, јавува „Политико“.
Ова е дел од планот во 20 точки за мир предложен од Доналд Трамп, кој предвидува привремени сили за обука и поддршка на палестинската полиција и соработка со Египет и Јордан.
САД нагласуваат дека американски војници нема да влегуваат во Газа, туку ќе дејствуваат од координативен центар северно од Израел. Египет, Катар и ОАЕ ќе имаат свои официри таму. Досега нема официјални потврди од трите земји.
Целта на мисијата е привремено да се обезбеди обука на палестинските безбедносни структури и да се овозможи разоружување на Хамас. Аналитичари и дипломати ја доведуваат во прашање изводливоста на планот, а формирањето на силите може да трае неколку месеци од моментот на одлуката.