Економија
(Видео) Димковски: Се исплатија 106 милиони денари за интервентната мерка за индустриско јаболко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска во Ресен одржа работни средби со градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, и со земјоделци од овој регион. На средбата со градоначалникот беа презентирани активностите коишто ги презема општината во секторот земјоделство во делот на создавање услови за обезбедување модерни откупни и преработувачки центри, со коишто ќе се овозможи сигурен пласман и откупот на јаболката, како и капиталните проекти кои општина Ресен ќе ги реализира преку мерките од Програмата за рурален развој.
На средбата со земјоделците министерот Димковски ги информираше дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати 106 милиони денари за дополнителната субвенција од 3 денари за килограм предадени јаболка во преработувачки и откупувачки центри до 25 декември 2018 година. Оваа интервентна мерка МЗШВ ја донесе со цел да се покријат загубите на овоштарите поради проблемите коишто се јавија при откупот на јаболка во реколтата 2018 и да се ублажат последиците од временските непогоди во изминатиот период.
„Денска се исплатени 106 милиони денари, а на 2.100 овоштари им се исплатени одредени суми во зависност од предадените количества. Воедно на средбата со земјоделците ги поделиме и зелените картички на земјоделците за зелената нафта. Веќе една недела се делат зелените картички преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. На средбата со земјоделците разговаравме и за сите други актуелни теми и активности коишто и ние како министерство ги планираме, а тоа се пред сè планските инвестиции за откупно-дистрибутивните центри, еден од планираните центри преку проектот на Светска банка треба да се изгради токму тука во Ресен“, изјави министерот Димковски.
Инаку, во Ресен беа поделени 2.156 зелени картички со вкупна вредност од околу 7,5 милиони денари, со коишто земјоделците од овој регион ќе имаат можност да точат гориво за земјоделската механизација, за што 30 отсто од трошоците покрива државата. Преку новата мерка за субвенционирано гориво за земјоделската механизација, се создаваат услови за порентабилно производство, помали производствени трошоци, а поголеми приходи за земјоделците. Досега се поделени 34 илјади картички, со вкупна сума од околу 88,5 милиони денари, што претставува сериозна сума којашто се враќа директно кај земјоделците токму во време кога имаат и најмногу активности на поле.
На средбата со земјоделците беше разговарано и за мерките што МЗШВ ги презема за справување со негативните последици од климатските промени, при што министерот Димковски информираше за проектот за авионско засејување на облаците, за којшто УХМР ја финализира постапката за објава на тендер.
Градоначалниот Гошаревски посочи дека од последното силно невреме што го зафати Pреспанскиот Rегион, се уништени 420 хектари, а општината забрзано работи на подготовка на елаборатите со цел земјоделците побрзо да бидат обештетени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

