Македонија
Вонреден инспекциски надзор во болницата „Жан Митрев“

Државниот санитарен издравствен инспекторат вчера извршил вонреден инспекциски надзор во болницата „Жан Митрев“ и констатирал дека здравствената дејност се врши согласно решението за дозвола за вршење дејност издадено од Министерство за здравство.
Ова следува откако детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски и неговиот тим дадоа отказ од „Жан Митрев“ откако во февруари годинава од државната клиника преминаа да работат во приватната болница, по јавното приватно партнерство што го воспоставија Министерството за здравство и Фондот.
„Државниот санитарен издравствен инспекторат на 12.08.2019год. изврши вонреден инспекциски надзор во ПЗУ Клиничка болница ЖАН МИТРЕВ Скопје, а во врска со исполнување на законската обврска на здравствената установа во вршењето на здравствената дејност согласно дозволата за работа издадена од Министерство за здравство бр.22-665/3 од 01.03.2019г. При надзорот е констатирано дека здравствената дејност во ПЗУ Клиничка болница ЖАН МИТРЕВ Скопје се врши согласно Решението за дозвола за вршење дејност издадено од Министерство за здравство“, се вели во соопштението.
Претходно, во јавноста беа изнесени сомнежи околу тоа кој ќе ги врши операциите на бебињата во „Жан Митрев“, особено оние под една година, со оглед на тоа што единствено Чадиковски има лиценца за детска кардиохирургија, додека Жан Митрев има за адултна.
Антикорупциската комисија вчера отвори предмет за овој случај.
Клиниката Жан Митрев соопшти дека ја поздравува иницијативата на Антикорупциската комисија за испитување на случајот со детската кардиохирургија. ,,Клиниката е отворена за соработка за обезбедување на сите потребни информации и документи кои ќе бидат потребни за утврдување на вистината”, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес се евидентирани вкупно 22 пожари на отворен простор

На територијата на државава денеска до 18 часот се евидентирани вкупно 22 пожари на отворен простор, од кои 14 се активни, а по четири се под контлола и изгаснати.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни пожари има: во Општина Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино, планината Голем Готен и Малешевските планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки, ниска вегетација); Општина Прилеп 1 – с. Бешиште, Бешишки Рид, крак према с. Градешница и границата со Р. Грција (мешана шума); Општина Прилеп 2 – активен кракот кон с. Дрен, проширен кон с. Галиште (Кавадарци), додека делот помеѓу Царевиќ и Смолани е под контрола (мешана шума и ниска вегетација); Општина Македонски Брод – помеѓу с. Црешево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума, грмушки, ниска вегетација); Општина Желино – меѓу с. Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума); Општина Струмица – с. Баница и нас. Софилар (висока трева); Општина Петровец – с. Средно Коњаре, кај реката Пчиња (ниска вегетација и ниска шума); Општина Крива Паланка – с. Нерав (висока борова шума); Општина Старо Нагоричане и Куманово – с. Облавце кон с. Бењаковце (ниска вегетација); Општина Старо Нагоричане 2 – с. Руѓинце (ниска вегетација); Општина Куманово – нас. Бедиње (ниска вегетација); Општина Гази Баба – с. Трубарево (ниска вегетација); Општина Зелениково – с. Гумалево (ниска и мешана вегетација); и Општина Василево 2 – с. Сушево (ниска вегетација).
Под контрола се ставени пожарите во Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и сува трева); Македонски Брод 2 – с. Латово (ниска вегетација и деградирана шума); Карбинци – с. Јунузлија (шума); и Штип – помеѓу с. Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева);.
Изгаснати се пожарите во Струмица – м.в. Три Води (ниска вегетација и мешана шума); Василево – с. Василево (ниска вегетација); Струга – с. Калишта (ниска вегетација и ѓубриште); и Шуто Оризари – ул. Брсјачка Буна (дива депонија).
Македонија
Родителите на загинатите деца во „Пулс“ прашуваат до каде е постапката за полициските службеници за пожарот

Родителите на загинатите деца во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на денешниот 16. Марш на ангелите пред зградата на Полициската станица во Кочани побараа одговор од ОЈО ГОК, кое ја води постапка за над 20 те полициски службеници од ОВР Кочани и СВР-Штип, до каде е истрагата за нив и формирање на обвинителен предлог.
-Сакаме да ги прашаме до каде е постапката на ОЈО ГОК или чекат одмори, да си одведат нивните деца на одмор, на вода, а ние на нашите деца врз гробовите да им фрламе вода за да ги освежеме. Блазе си им, нека им служи на чест, оти развлекуваат само, вели мајка на загинато момче.
На денешниот Марш на ангелите главната порака им беше „Слушнето го гласот на оние што повеќе не можат да зборуваат“. Родителите и семејствата на загинатите деца што учествуваа на протестниот марш се револтирани што нивниот настан денеска имаше убедливо најслаб одѕив. Револтирано им се „заблагодарија“ на поддршката на граѓаните и семејствата кои имаат настрадано деца, а денеска не учествуваа на маршот кој почна во 18.05 часот од Паркот на револуцијата, а заврши пред зградата на Судот и Обвинителството во Кочани.
Една од мајките пред зградата на Општина Кочани истакна дека на денешен ден се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје, кој однесе голем број на човечки животи и направи материјални штета. Посочи дека на денешниот Марш на ангелите им одаваат почит на загинатите во земјотресот во Скопје во 1963 година, но истовреме се сеќаваат и на оние кои помогнале да се обнови градот Скопје.
Македонија
МВР во Охрид покажа вежба на спасување на вода и евакуација на патници од опожарен пловен објект

Со показна вежба на спасување на вода и евакуација на патници од опожарен пловен објект, како и со презентација на дел од опремата, возилата и другите материјално технички средства што ги користат полициските службеници при извршувањето на секојдневните задачи, попладнево во Охрид беше реализирана активноста на МВР насловена „До Вас, за Вас“.
Активноста е осмислена со цел приближување на полицијата до граѓаните, во рамки на концептот „Комјунити полисинг- Работа во заедницата“, подигнување на јавната свест за зголемена јавната безбедност во заедницата, спроведување едукативни и интерактивни активности со граѓаните поврзани со превенција и сузбивање на разните форми на криминал…
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој ги следеше активностите истакна дека со полициските службеници од повеќе оддели во рамки на МВР се презентираат активностите што ги преземаат, средствата што ги користи службата, начинот на спроведување на полициските активности и сите дејствија што се преземаат во рамки на редовното полициско работење.
– Еден од поводите за посетата на Охрид денеска е и заедничката соработка што ја имаме со српските полициски службеници во Охрид. Имаме четворица колеги од Србија кои во летниот период се заедно со нашите полицајци патролираат, си помагаат во рамки на сите дејствија што треба да бидат преземени, а се во делот на српските туристи. Ова е една убава прилика да поразговараме со нив за тоа како ги обавуваат нивните службени задачи тука, рече Тошковски.
Тој уште додаде дека македонската полиција е тука за граѓаните, да им обезбеди мирен престој во туристичките центри.
– Безбедносната сеостојба во Охрид е стабилна, а туристите можат да уживаат во преубавите туристички центри…Во рамки на летната сезона СВР – Охрид е потпомогната со полициски службеници од други центри. Така што и оваа година ќе бидеме подготвени да ги преземени сите дејствија и да одговориме на сите предизвици, рече тој.