Регион
Демонстранти го зазедоа албанскиот национален театар во обид да ја спасат зградата

Судбината на Народниот театар на Албанија останува несигурна откако демонстрантите ја зазедоа институцијата и продолжуваат со протестот.
Тие водат битка со владата која додели дозвола за рушење на зградата од 1939 година и изградба нова, заедно со блокови станбени згради, кои ќе бидат во сопственост на приватни инвеститори.
Директорот на театарот, Кастриот Чипи, го искажа своето незадоволство од процесот, велејќи: „Немаше јавни консултации, никој не сака да знае што мислат уметниците и граѓаните. И така, ова стана борба да се заштити и зачува демократијата во оваа земја и да се каже стоп на сојузот на бизниси и корумпирани политичари“.
Демонстрантите ја почнаа својата „окупација“ минатиот месец, по што властите дојдоа за да почнат со нивно отстранување – што резултираше со помали немири.
Актери волонтери организираат околу три претстави неделно за да соберат средства за кампањата.
Демонстрантите велат дека не станува збор само за заштита на физичката зграда, туку и за заштита на нејзината историја. Тие, исто така, велат дека дополнителното јавно земјиште што ќе ѝ се даде на приватната градежна компанија за изградба на станбени згради е одземање на правата на луѓето во Тирана.
Тауланда Јупи, предавач на Универзитетот во Тирана, е убедена дека ја прават вистинска работа.
„Ние реагираме на нивното насилство со нашата уметност и ова е најважната порака што театарот може да ѝ ја пренесе на политиката“.
Властите велат дека во театарот е премног топло во лето, а премногу ладно во зима, а потребата за нов театар е поддржана и од многу членови на уметничката фела во Албанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Додик: Кога историјата се препишува, жртвите стануваат џелати, а ослободителите стануваат криминалци

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека е горд на фактот што Српска денес стои рамо до рамо со Русија во борбата против заборавот, посочувајќи дека ревизионизмот не е само опасност за историјата, туку и опасност за сегашноста и иднината, бидејќи ако дозволиме вистината да се промени, што нè спречува повторно да станеме жртви.
Додик го кажа ова во колумна за бањалучкиот „Глас Српска“ по враќањето од Москва, каде што присуствуваше на парадата по повод Денот на победата над фашизмот, каде, како што истакнува, Република Српска е препознаена како горд, достоинствен, цврст и искрен меѓународен актер.
„И таму, на Црвениот плоштад, стоев рамо до рамо со оние кои знаат што значи да се бориш и да умреш за слобода“, изјави Додик, истакнувајќи дека Република Српска е пречекана во Москва како пријател, и дека е горд што е под нејзиното име и што Република Српска има свое место меѓу оние кои се бореле против фашизмот и кои денес стојат зад вистината.
„Советскиот Сојуз направи незамисливи жртви. Повеќе од 27 милиони луѓе загинаа за време на Втората светска војна. Да, 27 милиони. Тоа се повеќе жртви отколку Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Франција заедно. Тоа е бројка што сведочи за тоа колку Русите ја платија цената за слободата на светот. Гледајќи ја парадата, се сетив на тие жртви. Се сетив дека без нив можеби немаше ни да постои денешна Европа, можеби немаше ни да постои слободата што ја земаме здраво за готово денес“, рече Додик.
„Двајца од тројцата најголеми светски лидери – Владимир Путин и кинескиот претседател покажаа дека се искрени пријатели на Република Српска. И во време кога светот минува низ големи промени, кои можат да се споредат само со оние по победата над нацизмот, Република Српска има пријатели на силни места. Пријатели кои знаат што значи да се бориш против хегемонијата, против препишувањето на историјата и вистината“, рече претседателот на Република Српска.
Ревизионизмот, истакнува тој, не е само опасност за историјата – тој е опасност за сегашноста и иднината.
„Затоа што ако дозволиме вистината да се промени, што нè спречува повторно да станеме жртви? Ако историјата се препишува, тогаш жртвите стануваат џелати, а ослободителите стануваат криминалци. Затоа денес, со ова искуство од Москва, велам: Нема да заборавиме. Нема да дозволиме да ни ја одземат вистината за нашата борба против фашизмот. Нема да заборавиме 27 милиони Руси и стотици илјади Срби кои ги дадоа своите животи за слобода“, изјави Додик.
Регион
Силен земјотрес го погоди грчкиот остров Крит

Земјотрес со магнитуда од 6,1 степени го погоди островот Крит во Грција во средата, објави ЕМСЦ.
Според објавените информации, земјотресот бил на длабочина од 71 километар.
Земјотресот бил почувствуван и во соседна Турција.
Засега нема информации за жртви и материјална штета.
Регион
Парламентот во Бугарија одби воведување на еврото

Претседателката на бугарскиот парламент, Наталија Киселова, го отфрли предлогот на претседателот Румен Радев за организирање референдум за воведување на еврото, велејќи дека тоа е спротивно на уставот, објави бугарската новинска агенција БТА.
Радев предложи одржување референдум за воведување на еврото следната година.
„Дали се согласувате дека Бугарија треба да ја воведе единствената европска валута „евро“ во 2026 година?“ е прашањето што би се поставило.
Владата го критикуваше ова, а еден министер рече дека тоа е обид за саботирање на нејзините напори за воведување на еврото.
Враќајќи го предлогот, Киселова рече дека тој е неконзистентен со неколку членови од бугарскиот устав и договорите на ЕУ, како и со одлуката на бугарскиот Уставен суд.
Бугарскиот Уставен суд претходно го отфрли барањето за организирање референдум за воведување на еврото.
Бугарската влада планира да го воведе еврото во јануари доколку Европската комисија и Европската централна банка во јуни оценат дека земјата ги исполнила сите критериуми.