Македонија
ССНМ: Заев да внимава што зборува за новинарите
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро ја осудува изјавата на премиерот Зоран Заев во која тој покажа голема доза на нетрпеливост кон неименуван новинар нарекувајќи го „суетен“.
ССНМ смета дека кога вакви, во најмала рака непримерни, изјави насочени кон новинарите и медиумските работници доаѓаат од највисоките државни функционери, може да се толкуваат, перципираат и прифатат од дел од јавноста како отворање фронт кон новинарите, загрозување на нивната безбедност и ограничување на слободата на печатот и затоа бара од премиерот Заев да се извини. Нагласуваме дека на почетокот на мандатот владата на Заев ветуваше борба против нападите врз новинарите и се залагаше за слобода на изразувањето, но вчерашната изјава на премиерот Заев е во целосна спротивност на тие заложби.
„Иако премиерот Заев не прецизираше за кој ‘суетен новинар’ се работи, јавноста препозна дека изјавата е насочена кон уредникот Бранко Героски, кој и самиот соопшти дека по изјавата бил цел на зголемен број напади и дискредитации на социјалните мрежи. Тоа докажува дека политичарите, а особено оние на највисоки функции мораат да бидат внимателни при своите изјави бидејќи една несоодветна изјава може да предизвика штети од несогледливи размери како кон поединци, така и врз слободата на изразување”, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АВМУ реагира на нападите на новинари и медиуми од страна на СДСМ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за континуираните етикетирања и јавни напади од страна на политичката партија СДСМ, насочени кон одделни новинари и медиуми, соопшти Агенцијата.
„Агенцијата потсетува дека слободата на изразување, медиумскиот плурализам и уредувачката независност се темелни демократски вредности. Јавната комуникација, особено кога доаѓа од политички субјекти, мора да биде одговорна и да ја почитува улогата и автономијата на медиумите. Јавното дискредитирање или етикетирање на новинари и медиуми создава атмосфера на притисок, го поткопува јавниот дијалог и може директно да влијае врз безбедноста и професионалниот интегритет на новинарите. Медиумите не смеат да бидат третирани како политички противници, ниту да бидат вовлекувани во партиски или политички конфронтации. Напротив, тие треба да имаат можност непречено, слободно и без притисоци да ја извршуваат својата професионална улога, во интерес на јавноста и демократските процеси“, се наведува во реакцијата.
Агенцијата ги повикува сите политички субјекти да се воздржат од реторика која придонесува за поларизација, притисок или дискредитација на медиумите и новинарите и да ја почитуваат нивната уставна и професионална улога во демократското општество.
Македонија
Ѓорѓиевски-Лосон: во фокусот стратешките приоритети на Град Скопје, со посебен акцент на образованието, културата, локалниот економски развој
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски оствари средба со британскиот амбасадор во Република Македонија, Метју Лосон, како и со делегација од Обединетото Кралство, на која беа разгледани можностите за унапредување на соработката меѓу Скопје и Обединетото Кралство.
На средбата се разговараше за развојните планови и стратешките приоритети на Град Скопје, со посебен акцент на образованието, културата, локалниот економски развој и креативните индустрии, како и за потенцијалната поддршка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата 2028“.
„Во рамките на средбата го запознав амбасадорот Лосон со програмата и плановите за развој на Скопје, кои се темелат на јасна визија, конкретна стратегија и долгорочни, одржливи политики, насочени кон унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.
Разговаравме и за можностите за понатамошно продлабочување на соработката преку заедничка реализација на проекти, програми и активности од заемен интерес, со посебен акцент на образованието и културата, како и преку размена на позитивни искуства и успешни практики во областа на локалниот економски развој и креативните индустрии.
На работниот состанок, беше отворено и прашањето за потенцијална соработка и поддршка во рамките на активностите поврзани со проектот „Европска престолнина на културата 2028“, вклучително и неговата меѓународна промоција и вмрежување со европските градови, како значаен чекор кон меѓународна афирмација на Скопје“, истакна Ѓорѓиевски.
Македонија
Општина Кисела Вода: Унапредени условите во спортската сала „Независна Македонија“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска изврши увид во спортската сала „Независна Македонија“, која се наоѓа во кругот на ООУ „Невена Георгиева Дуња“, каде што се реализираа повеќе зафати за унапредување на условите во овој спортски објект.
Во рамки на извршените активности, набавени и монтирани се нови ЛЕД рефлектори со моќност од 200W и 400W, кои се енергетски ефикасни и еколошки, со што значително е подобрено осветлувањето во салата. Дополнително, извршена е замена на сигурносните вентили за висок притисок на топловодната инсталација, како и зајакнување на кровната конструкција.
Сите зафати се реализирани согласно актуелните потреби и важечките стандарди, со јасен фокус на безбедноста и подобрување на условите за учениците и корисниците на салата, соопштија од општината.
-Унапредувањето на спортската инфраструктура е наша обврска, но и искрена желба. Со овие инвестиции обезбедуваме побезбедни и поквалитетни услови за спорт и физичка активност на нашите деца. Верувам дека вложувањето во вакви објекти директно придонесува за здрав развој, спортски дух и позитивни навики кај младите. Ќе продолжиме посветено да работиме на создавање подобри услови за образование, спорт и развој на младите генерации- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

