Регион
Голи Оток по шест децении – го посетуваат само туристи, нудисти и ретки истражувачи
Голи Оток по шест децении е напуштен и единствени посетители се љубопитните туристи, нудисти и ретки истражувачи. Сега на островот се останати само овци, кои селаните од Раб ги носат на пасење, како и зајаците одгледувани за лов од жителите на околните острови.
Поради недостиг на вода, змија ретко се наоѓа. Засадувањето дрвја долги години беше неуспешно – само суви стебла се останати на островот. Покрај напуштените згради, овие стебла остануваат еден вид споменик на тортурата што ја претрпеле политичките затвореници: едно од мачењата била наредбата затворениците да засадат дрво и да го заштитат од сонцето со нивното тело. Биле обезбедени 0,5-0,7 литри вода за секое дрво (нема извори на вода за пиење на Голи Оток), додека на затворениците им следувале по 0,2 литри, или една чаша на ден.

Островот се протега на површина од околу 4,7 километри. Голи Оток е најмалиот од трите острови во близина на популарната туристичка дестинација Раб, се вели во репортажата што на објави балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Островот Голи Оток во Јадранското Море, познат и како „хрватски Алкатраз“, од 1949 до 1956 година беше единствениот камп на „политичко образование“ на територијата на поранешна Југославија. Првично беше основан за казнување на југословенските сталинисти, односно оние кои ја поддржуваа Резолуцијата на Информбирото за Југославија (1948) и затоа беа прогласени за „непријатели на југословенскиот народ“. Првата група на политички затвореници пристигнала на островот на 9 јули 1949 година.

Пред да се воспостави кампот, островот бил ненаселен. Поголем дел од овој комплекс е изграден од затвореници. Историчарите веруваат дека првиот камп на голиот остров е основан за време на Австро-унгарската Империја за време на Првата светска војна. Неговите затвореници наводно биле руски воени заробеници.
Од 1956 до 1980 година комплексот бил официјално користен како логор за „превоспитување” на „противниците на комунизмот“. По смртта на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито во 1980 година, кампот бил претворен во колонија за малолетници, која била затворена истата година бидејќи меѓународните организации за човекови права ја обвиниле Југославија за нехумано постапување со затворениците. По комплетното затворање на комплексот во 1988 година, заминале и неговите последни чувари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

