Култура
ЕКСКЛУЗИВНО СО ТУРСКИОТ АКТЕР ХАЛИЛ ЕРЃУН – Али Риза во Битола: Би се преселил во Македонија, луѓето уште не се поразени од капитализмот
Бунтовен, прогресивен, поборник за вистинските човечки вредности, како правдата и половата рамноправност, исклучително харизматичен, турската актерска ѕвезда Халил Ерѓун, познат на домашната телевизиска публика како Али Риза во турската серија „Кога лисјата паѓаат“, изминативе две недели беше во Битола за потребите на снимањето на филмот „Најтешкото нешто“ каде што ја толкува улогата на Африм. Станува збор за првиот македонски филм на турски јазик во режија на Сердар Акар ( „Долина на волците“, „Збогум Румелија“), а во продукција на „Сектор филм“ ( Владимир Анастасов, Ангела Несторовска) од Скопје. Го затекнавме пред да замине на последниот ден од неговото снимање во Битола, а едночасовниот разговор беше само мало ѕиркање во личноста на Ерѓун, кој во својата богата професионална и лична биографија со повеќе од 80 улоги во театар, филм и телевизиски серии, како и на прагот на осмата деценија од животот со часови би имал што да раскаже.

Роден е во Изник во 1946 година, студирал политички науки во Анкара, а актерската кариера ја почнува во театар во Бурса. Неговото филмско деби се случува во 1974 година со големиот турски режисер Јилмаз Гуну. За своите улоги е повеќепати наградуван, а вели улогите внимателно ги бира и прифаќа да игра единствено ако му се допаѓаат.
За улогата во „Најтешкото нешто“ пресудило сценариото, а со македонската продукција се поврзал преку нашиот актер Ертан Шабан, кој исто така има филмска кариера во Истанбул.

Иако голема актерска ѕвезда во Турција, без трошка ароганција природно и спонтано одговори на неколку прашања. За својата младешка верба во правда кога кон крајот на шеесеттите и во седумдесеттите години има големи политички превирања во Турција бил во затвор, но вели дека и до денес ја негува истата идеолошка ориентација и нема намера да отстапи.
Ерѓун во Македонија доаѓа првпат, но вели дека веќе размислува и да се пресели тука бидејќи смета дека либерал капитализмот не успеал комплетно да навлезе во секојдневието и да ја избрише човечноста.
„Првпат сум во Македонија, но воопшто не ја доживувам како странска земја. За мене, земјите од Балканот се многу блиски, и историски и културолошки. Ние сме нераскинливо поврзани уште од времето на балканските војни. Уште како дете, миграциите ми оставија голем впечаток. Ги набљудував доселениците и нивната носталгија по родниот крај, но исто така и нивното поврзување со населението и културолошкото соединување. Верувам дека големите мешања на народите од Балканот се вистинско културолошко богатство“, вели Ерѓун.

Со оглед на тоа што пред актерската кариера завршил политички студии во Анкара, нему му се познати историските и политичките услови на Балканот. Од друга страна, пак, како креативен човек со емпатичен сензибилитет носи посебни впечатоци од детството и младоста кога ги набљудувал доселениците во неговиот роден крај.
„Доаѓам од Измир, и во местото каде што потекнувам имаше многу мигранти од балканските земји. Особено лично ги доживувам приказните што се одвиваа пред моите очи. Тоа беа луѓе кои морале да ги напуштат своите домови и беа многу носталгични кон своите земји. Жените се собираа во дворовите и пееја песни што ги потсетуваат на нивните домови. За жал, овие процеси на миграции и денес не се завршени и многу луѓе дури и во вашата убава земја се принудени да талкаат по светот за подобар живот“.
Воопшто не се кае што поради своите идеолошки убедувања за време на револуцијата во 1968 година бил затворен од страна на тогашните турски власти.
„Бев и останав социјалист, верувам во рамноправност. Бев воодушевен од југословенската федерација, титовата Југославија. И моите пријатели со слични политички убедувања ја гледаа Југославија како земја во која царуваат и демократијата и рамноправноста. Но, во седумдесеттите во Турција состојбите беа поинакви. Не беше баш дозволено да се спротивставиш, па така завршив и во затвор. Не се каам за ништо и денеска верувам во истите нешта. Сметам дека секој уметник треба да биде на страната на правдата, да ги почитува работничките права и да се спротивстави на хегемонијата. Исто така, верувам дека жените треба да бидат рамноправни со мажите“.
Улогата што ја толкува како Африм во филмот „Најтешкото нешто“ на некој начин е симбол на неговите убедувања. Тој толкува татко чиј син се инфилтрира во некој поинаков криминоген свет и нивниот конфликт доаѓа од спротивставените убедувања за вредноста на животот.

„Многу сум среќен што дојдов во Македонија и што играм во овој филм. Ми се допадна сценариото и без размислување ја прифатив улогата. Имам одлична соработка со режисерот Акар и со македонската продукција. Особено ме пленат љубезноста и гостопримливоста на луѓето тука и размислувам дури и да живеам тука“.
Филмската индустрија во Турција произведува квалитетни филмови и има хиперпродукција на телевизиски серии. Ерѓун смета дека иако комерцијални, овие серии се значајни за публиката, но и за актерите, кои можат брзо да заработат за сметка на популарноста со која се стекнуваат преку малите екрани.
„Не гледам многу серии, на телевизија главно гледам музички канали. Јас сум театарски глумец и во филмот влетав во седумдесеттите во соработка со мојот добар пријател и тогаш режисер во подем. За сериите најпрво имав задршка, но кога почнав да снимам, тоа почна да ми се допаѓа. Пазарот е голем, а за секој актер е најважна гледаноста на тоа што го сработил. Филмската индустрија е напорна и скапа работа и ако порано се почитувале само големите евергрин филмови, таа состојба денес е значително променета. Серијата ’Кога лисјата паѓаат’ стигна дури до Перу и беше прифатена од тамошните гледачи, што укажува на тоа дека животните приказни се универзални и препознавањата со други култури се случуваат спонтано. Се радувам што сум дел од снимањето на сериите, но секако прифаќам единствено ако видам дека сценариото е добро и улогата ми се допаѓа“, вели глумецот.
Ерѓун смета дека приказната во филмот „Најтешкото нешто“ го носи тој убав човечки психолошки фактор и ќе допре до широка публика.
„Сите улоги во овој филм се подеднакво важни. Испреплетени се многу приказни кои зборуваат за човечноста, сентименталноста и душата. Тоа ќе биде препознаено од широка публика и верувам дека ќе доживее голем успех“.
На крајот, рече дека е оптимист и дека верува во тоа дека светот ќе ги надмине овие уништувачки синдроми и стремеж кон материјализмот и ќе се вратат есенцијалните човечки вредности.

Снимањето на „Најтешкото нешто“ почна на 28 јули, а завршува до крајот на неделава. Кастингот во оваа современа филмска приказна го сочинуваат турски актерски ѕвезди и познати и успешни македонски актери.
Сценариото е на Оливер Ромевски, познат по романите со интригантни трилер и криминалистички приказни. Во главните улоги се играат и Ердал Бешикчиоглу, во чија филмографија се впишуваат и главна улога во култната серија „Бехзат Ч.“, во филмот „Мед“ што беше добитник на „Златна мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал и многу други; Белчим Билгин позната по филмовите „Сонот на пеперутката“, „Љубовта ги сака случајностите“, „Сезона на носорогот“ серијата „Сети се сакана“; нашиот актер Ертан Шабан, кој се прослави во Турција, и нашите познати и успешни актери и актерки: Луран Ахмети, Бедиа Беговска, Сара Климоска, Сузан Акбелге, Џенап Самет, Дениз Абдула, Ивана Павлаковиќ, Ерман Шабан, Неат Али, Осман Али и многу други.
Кинематографер на филмот е Дејан Димески (добитник на „Сребрена камера 300“ на ИФФК „Браќа Манаки“), костимограф е Емилија Атанасовска, сценографијата е на Кирил Спасески. „Сектор филм“ го реализират проектoт во копродукција со турската продуцентска куќа „Ен-те-џе медиа’ (NTC Medya). Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
Дејствието на филмот се одвива во актуелно време и прикажува неколку испреплетени животни судбини чии патишта се вкрстуваат во определен миг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.

