Македонија
(Видео) Мицкоски: Сакаат да ме вовлечат во играта, дека сум зел пари од Кичеец
Власта сака да ме вовлече и инкриминира во случајот „Рекет“, сакаат да создадат слика во јавноста дека Мицко зел пари од Зоки Кичеец, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција во обраќањето за случајот „Рекет“.
„Сум се гледал со сите слободни граѓани, но суштината е дека власта сака да покаже дека тој Зоки му дал пари на Мицко. Сакаат да ме вмешаат во таа рашомонијада. Еве, дајте доказ дека сум инкриминиран, не треба Рускоска и Реџепагиќ да ме спроведат, сам ќе се пријавам во истражниот затвор“, рече Мицкоски.
Мицкоски потврди и дека се сретнал со првосомничениот Бојан Јованоски, но потврди дека тоа нема врска со негова вмешаност во случајот.
„На првосомничениот лично му го честитав роденденот од почит кон медиумите и кон телевизијата чиј сопственик беше тој. Да, сум се видел и со другите кои се дел од оваа афера, но доколку имаат каков било доказ што ќе значи мое инкриминирање, охрабрувам уште веднаш да го објават“, додава Мицкоски.
Во однос на неговото излагање за поврзаноста со „белградската куфер-политика“, како што ја нарече, Мицкоски рече дека легитимно било да ја праша власта дали се точни наводите од соседните медиуми за евентуална вмешност на соработниците на Заев во афетата со рекетирањето на Камчев.
„Медиуми од соседството имаа написи дека соработниците на премиерот се вклучени во оваа афера. Немаме докази, но сакам јавно да прашам, да објасни дали овие лица имаат врска со случајот. Сомнително е што во време кога излегуваат вакви натписи премиерот им ги продолжува договорите на соработниците од Белград“, рече Мицкоски.
Ги повикува институциите да се охрабрат и да ги истражат наводите од граѓаните по допрен глас за каква било вмешаност во случајот.
„Ако има некакви закани, ги упатуваме кон институциите. Ги охрабрувам да ги процесуираат сите такви индиции. Немам намера да интервенирам. Институциите нека истражат по допрен глас, си има обвинители кои треба да истражат дали има индиции, без разлика за кого се работи. Ако има, треба да отворат предмет и да го процесуираат. Ако има вина, да постапат, ако не, да ги ослободат од вина“, рече Мицкоски.
Во своето обраќање Мицкоски повторно побара притвор за осомничената обвинителка Катица Јанева, а не да биде амнестирана од вина и унапредена во републички обвинител, како што планира власта со новиот закон.
„Катица Јанева не е во притвор, може да избега, може да влијае на сведоците и како прв човек, да го повтори делото. Зошто телефонот на Катица не е на вештачење и зошто наместо да се забрза истрагата таа е на слобода и се сонча на плажите кај нашиот јужен сосед“, рече Мицкоски.
На прашањето кои чекори ќе ги преземе ВМРО-ДПМНЕ како опозиција за добивање датум за избори кој опозицијата континуирано го бара, шефот на опозцијата рече дека во партијата се размислува за најоптималното решение при што не исклучуваат протести и блокади на институции.
„Не можам однапред да најавам како ќе постапиме. Но, не сакам како опозиција да ги повториме грешките од минатото. На оваа битка гледам не како на брз спринт туку како на долг маратон. Не е исклучена можноста за напуштање институции, но чекорите што власта ќе ги преземе ќе ја изненадат власта“, додаде лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

