Соопштенија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го уништи земјоделството, а денеска субвенциите се исплаќаат редовно, неселективно и навремено

ВМРО-ДПМНЕ 11 години го уништуваше земјоделството во земјава, а земјоделците беа мета на притисоци, закани, уцени заради остварување на личните бизнис интереси на раководството на тогашната власт, порача СДСМ.
„Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека аграрните реформи кои ги спроведува Владата предводена од СДСМ се реални и земјоделците конечно имаат придобивки од својот труд, а не зијан како во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ може само да гледа и да учи што значи вистинска грижа за земјоделците и земјоделството. Официјалните податоци ја докажуваат успешноста на земјоделските политики на СДСМ.
Денес, субвенциите се исплаќаат редовно, неселективно и навремено тогаш кога им се најпотребни на земјоделците. Бележиме пораст на откупните цени на голем број земјоделски производи. Имаме раст на цената кај лубеницата од 89,1 отсто, а споредено со 2015 година, за 116 отсто. Откупната цена на белото грозје во 2016 година била 30 денари за килограм, а оваа година 50 денари, значи раст од 67 отсто.
Кај сливите, откупната цена е зголемена за 18,8 отсто или за 23 отсто споредено со јули 2016 година.
Раст на откупните цени се забележува и кај зеленчукиот и тоа кај краставицата бележи пораст за 145,8 отсто, а споредено со 2013 година за 240 отсто.
За 85,5 отсто е зголемена откупната цена на доматот или за 143 отсто споредено со јули 2015 година,а за 31 отсто расте откупната цена на пиперката и оризот за 8,7 отсто.
Оваа година пченицата се откупува за 10,4 денари, за разлика од 2016 година кога била 8,48 денари за килограм, што е пораст од 23 отсто.
Денес, немаме интервентни мерки како што имаше во времето на ВМРО-ДПМНЕ ,затоа што денес се следи реалната состојбата во земјоделството.
Владата предводена од СДСМ посветува големо внимание на земјоделството бидејќи тоа е еден од носечките столбови на македонската економија, затоа се става посебен акцент на развојните мерки и проекти, но и нови инвестиции кои ќе придонесат кон забрзан раст на оваа стратешка економска гранка“ се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
ЗНАМ: Вложуваме во повеќе паркови и зеленило, инвестираме во здрава иднина на граѓаните

Движењето ЗНАМ – за наша Македонија, денеска ги претстави приоритетите од изборната програма за идниот мандат во Куманово посветени на подобрувањето на животната средина со повеќе паркови и зеленило.
„Зелените површини и парковите се белите дробови на градот. Тие обезбедуваат чист воздух, создаваат простор за одмор, дружење и рекреација, а истовремено ја зголемуваат убавината и квалитетот на урбаното живеење. Вложувањето во паркови и зелени површини значи инвестиција во здравјето на граѓаните, подобра животна средина и одржлива иднина за сите“ изјави кандидатот за советник од редовите на Движењето ЗНАМ Душан Крстиќ.
Тој нагласи дека Општина Куманово целосно ги реконструираше двата најголеми паркови – Соколанскиот Градскиот парк, исклучително важни локации што го разубавуваат градот и се одлично место за рекреација на граѓаните. А, за идниот период најавуваат уште позасилено темпо на работа и повеќе десетици проекти. Меѓу кои:
· Изработка на стратегија за урбано зеленило и делување според акцискиот план.
· Урбан сквер со зелена површина или мини парк во секоја локална заедница.
· Воспоставување катастар на зеленило.
· Заштита на сите неизградени, а планирани зелени површини во опфат на Генералниот урбанистички план и нивна реализација како уредено зеленило во паркови со урбана опрема.
Пет нови паркови:
· Изградба на нов парк на влез во с. Проевце;
· Изградба на урбан сквер „Гоце Делчев“ со парк, фонтана и урбана опрема на влез во населба Гоце Делчев;
· Нов парк на место на времените објекти на локалитет Табакана.
· Парк со урбан сквер и шеталиште до Спортската сала, спроти Градскиот кеј по должина на бул. „Октомвриска револуција“.
· Парк на улица „Карадачки одреди“ во населба Тоде Мендол.
· Збогатување на содржините на Спомен костурница со ново игралиште, нова урбана опрема, простор за пикник и рекреација.
· Изградба на урбани зелени скверови на локација Ловец, до поранешен хотел „Кристал“, на ул. „Гоце Делчев“, на завршеток на ул. „Илинденска“ со ул. „Доне Божинов“, на место на времени објекти помеѓу ул. „Трст“ и ул. „Доне Божинов“.
· Нови дрвореди на ул. „Ленинова“, ул. „Браќа Рибар“ (Нагорички сокак), бул. „Октомвриска револуција“, бул. „Трета МУБ“ и на други локации каде има услови.
· Уредување на сите водни текови согласно Студија за водни текови на територија на Општина Куманово.
· Уредување на просторот околу речните корита со зелени површини, трим патеки, урбана опрема и простор за рекреација.
· Промоција на позитивни примери на општествено одговорни граѓани, обезбедување грантови и кампањи за поттикнување на еко активизам.
· Пешачка патека во шумскиот предел на локација Студена вода со летниковци за одмор до с. Биљановце – погодна за развој на детско извидништво.
· Уредување на просторот меѓу ул. „Вараждинска“ и бул. „Октомвриска револуција“ со урбана опрема и зеленило.
· Уредување на државно неизградено земјиште меѓу блок згради на бул. „Октомвриска револуција“, како и во населба Гоце Делчев и Зелен Рид.
· Поставување на систем за наводнување „капка по капка“ на зелени површини долж бул. „Трета МУБ“, бул. „Октомвриска револуција“ и на други зелени површини.
· Поставување фонтани за пиење вода на повеќе локации.
· Поставување јавни тоалети во сите градски паркови и во центарот на градот.
„Куманово денес ја покажува својата посветеност кон поубава и поздрава животна средина. Секое засадено дрво е дел од нашата грижа за иднината, секој уреден парк е симбол на општината што мисли на своите граѓани.
Зелено Куманово не е само проект – тоа е наш заеднички дух, начин да покажеме дека се грижиме за градот и идните генерации. Со повеќе паркови, повеќе дрвја и чист воздух, Куманово станува град по мерка на човекот – модерен зелен дом за сите нас“.
Соопштенија
Бајовски: Чучер Сандево заслужува инфраструктура што функционира

Чучер Сандево заслужува инфраструктура што функционира, е пораката од вчерашниот митинг на ВМРО – ДПМНЕ и кандидатот за градоначалник, Зоран Бајовски во Чучер Сандево.
На митингот присуствуваа и претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христјан Мицкоски, потпретседателот и министер за правда, Владо Мисајловски и низа партиски функционери.
Бајовски е кандидат кој се обврзува на транспарентност и мерливи резултати, сплотен со тим поддржан од партијата.
Пораката на митингот беше: Чучер Сандево заслужува инфраструктура што функционира, чиста животна средина, поддршка за локалната економија и социјални политики кои ги штитат ранливите.
Соопштенија
Адеми: ВРЕДИ бара гласови за Мицкоски и ВМРО во Љуботен

Она што денес се случува на албанската политичка сцена е без преседан во историјата на плурализмот: коалиција што се нарекува „албанска“ води кампања за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ — и тоа го прави со гордост, со сервилност и со јавно понижување, тврди потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
„ВРЕДИ не се бори за гласот на Албанците, ВРЕДИ се бори за својот политички опстанок преку поддршката на својот политички патрон. Во Бутел, во Скопје, каде што Албанците за првпат се обединети околу еден кандидат, д-р Исамедин Азизи, и каде што историјата може да се промени со првата победа на Албанците во оваа општина – ВРЕДИ ја избра другата страна, страната на ВМРО. Нивните лидери денес шетаат низ Љуботен со Христијан Мицкоски и неговиот кандидат Дарко Костовски – човек кој јавно е поддржан од Јохан Тарчуловски, добро познат по своите дела во ова село. Иронијата е уште поголема: оние што некогаш пролееја „крокодилски солзи“ за мачениците од Љуботен, денес бараат албански гласови за кумовите на Тарчуловски. Постои ли поголемо политичко и морално понижување од ова? Ве прашуваме јавно: до каде може да одите? До кое ниво можете да се понижите – само за едно столче без власт?Ако во Гостивар кандидатот на ВРЕДИ отиде на митингот на ВМРО за да моли за нивна поддршка, во Бутел оди целото нивно раководство за да се поклони за еден глас за ВМРО“, рече Адеми.
Според него, ова веќе не е ниту соработка, ниту поддршка туку е политички вазалитет, целосна покорност кон патронот кој им го дава „електоралниот кислород“ за опстанок.
„Тие веќе немаат албански глас, немаат поддршка ниту почит. Наместо да бараат поддршка од Албанците, тие молат за милост од својот македонски патрон.
Затоа ВРЕДИ ја бара својата „спасувачка гума“ кај Мицкоски. Во Љуботен тие не бараат глас за Албанците – туку глас за својот патрон и неговиот кандидат, Дарко. Ова е најјасниот доказ дека ВРЕДИ веќе не претставува ниту еден албански интерес – ниту политички, ниту национален, ниту морален. Во време кога Албанците во Бутел се обединети за историска победа, ВРЕДИ се обидува да го поткопа тоа единство за да му служи на својот патрон, во трката меѓу Дарко и Исамедин. Но, ни гласовите на ВМРО нема да ги спасат – албанскиот народ ќе им одговори онака како што заслужуваат на 19 октомври, со глас, со достоинство и со единство“, вели Адеми.