Европа
Ричард Гир: Салвини е мал Трамп, кој користи омраза и незнаење

Италијанскиот министер за внатрешни работи и лидер на десницата, Матео Салвини, е мал Трамп, кој ги искористува стравовите на луѓето за да освои гласови, изјави американскиот актер Ричард Гир, кој е ангажиран во прашањето за мигрантите на Медитеранот.
Гир (69) неодамна се судри со Салвини во врска со бродот на хуманитарната организација „Отворени раце“. Италија забрани бродот во кој има над 100 мигранти да се закотви во нејзино пристаниште.
Салвини тврдеше дека организацијата лаже за состојбата на мигрантите и дека медицинскиот преглед од италијанските власти покажал оти ситуацијата на бродот не е алармантна.
„Вашиот министер за внатрешни работи го има истиот менталитет како претседателот Трамп. Всушност, јас го нарекувам мал Трамп. Тој го користи истото радикално незнаење искористувајќи ги стравот и омразата“, изјави Гир за италијанскот дневен весник „Кориере дела сера“.
Холивудскиот актер го посети хуманитарниот брод пред две недели им донесе храна на мигрантите и им даде утеха дека ситуацијата добро ќе заврши.
Потоа Салвини го повика да ги однесе мигрантите во Холивуд и да ги прими во неговите вили.
„Ако вашиот министер помине неколку часа со овие луѓе слушајќи ги нивните приказни и семејни трауми, тој би го сменил ставот“, рече актерот.
Тој додаде дека би сакал да се сретне со Салвини затоа што е сигурен дека министерот не е таков како што се прикажува во јавност.
Во меѓувреме, Салвини потклекна под политичкиот притисок и порача дека ќе им дозволи на малолетните мигранти да се симнат од бродот во кој се наоѓаат две недели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Шефот на германската разузнавачка служба: Имаме докази, Русија планира напад врз НАТО

Шефот на германската служба за надворешно разузнавање, Бруно Кал, предупреди дека Германија има „конкретни“ разузнавачки докази дека Русија планира напад врз територијата на НАТО за да ја тестира клучната клаузула во алијансата – Член 5, кој гарантира заемна одбрана.
Во ретко интервју за германскиот подкаст „Table Briefings“, Кал рече дека руското раководство повеќе не верува дека НАТО ќе застане на страната на своите членки и дека Москва би можела да се обиде да провери дали таа обврска всушност се почитува.
„Многу сме сигурни, а имаме и разузнавачки докази за ова, дека [руската инвазија на] Украина не е крај, туку само чекор на патот на Русија кон Западот“, рече Кал.
Тој додаде дека ова не значи дека Германија очекува „големи тенковски единици да се движат од исток кон запад“, туку дека има луѓе во Москва кои сериозно се сомневаат во ефикасноста на Член 5.
Неговите изјави се надоврзуваат на претходните предупредувања на германскиот министер за одбрана Борис Писториус, кој постојано нагласуваше дека Германија „мора да биде подготвена за војна“ до крајот на оваа деценија. „Во моментов не верувам дека е веројатен руски напад“, изјави Писториус за „Тагесшпигел“ минатата година. „Нашите експерти проценуваат дека ова би можело да стане можно во рок од пет до осум години“.
Слична проценка даде данското воено разузнавање во извештај објавен во февруари. Според нив, ако војната во Украина заврши, Кремљ би можел да ослободи значајни воени капацитети и да започне нов конфликт во соседната земја во рок од шест месеци.
Кал, кој наскоро ќе ја преземе својата нова функција како амбасадор на Германија во Светата столица, рече дека Москва сака да го врати НАТО на границите од 1990-тите, да ги истисне САД од Европа и да го прошири своето влијание со сите расположиви средства. „Мора да го спречиме ова додека сè уште можеме“, предупреди тој.
Тој истакна дека соработката со Соединетите Американски Држави останува стабилна и покрај повремените тензии. „Американците го сфаќаат Член 5 многу сериозно“, рече Кал, „но тие со право инсистираат дека Европа мора да го преземе својот дел од одговорноста“.
Иако војната е сè уште ограничена на украинска територија, германската агенција за внатрешна безбедност, Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок (BfV), предупредува дека Русија сè повеќе го шири конфликтот на Запад преку кибернапади и шпионажа.
Според годишниот извештај на BfV, презентиран во Берлин, Москва користи таканаречени агенти со низок профил за извршување саботажи. Овие агенти се осомничени за испраќање запаливи направи во пратки, што предизвика серија пожари во логистичките центри низ Европа минатата година.
„Забележуваме дека агресијата на Русија против Украина сè повеќе ги тестира нашите одбранбени способности во областите на кибер и разузнавачки операции“, рече Синан Селим, заменик-претседател на BfV.
Европа
Словачка се заканува дека ќе ги блокира новите санкции кон Русија

Словачка би можела да го блокира новиот пакет санкции на Европската Унија кон Русија доколку Европската комисија не понуди решение за загриженоста на земјата-членка во врска со снабдувањето со енергија, изјави вчера премиерот Роберт Фицо.
„Словачката Република нема да го поддржи предложениот 18-ти пакет санкции против Руската Федерација доколку Европската комисија не понуди вистинско решение за кризата што ќе ја зафати Словачка по целосното прекинување на снабдувањето со гас, нафта и нуклеарно гориво од Русија“, напиша Фицо на Фејсбук.
Словачка, која граничи со Украина и е членка на ЕУ и НАТО, е во голема мера зависна од руската енергија. Прекинот на протокот на руски гас низ Украина влијаеше на снабдувањето, предизвикувајќи спорови со Киев и загриженост во Братислава.
Словачкиот парламент минатата недела со тесно мнозинство одобри необврзувачка резолуција со која се повикуваат владините претставници да се спротивстават на какви било идни санкции што се сметаат за штетни за економијата на земјата.
Фицо, левичарски националист, постојано јавно ги критикуваше поединечните санкции на ЕУ, тврдејќи дека тие ќе ѝ наштетат на Словачка повеќе отколку на Русија. Но, за разлика од конзервативниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, Фицо и други словачки владини претставници на крајот ги поддржаа сите санкции против Русија без исклучок.
Европа
Жителите на Грац запалија свеќи во центарот на градот за да оддадат почит на жртвите од нападот

Граѓаните на Грац се собраа на главниот плоштад во градот за да запалат свеќи и да им оддадат почит на жртвите од пукањето.
Фотографиите покажуваат како луѓето оддаваат почит во тишина додека градот се обидува да го разбере трагичниот напад.
Се огласи училиштето каде што се случи масакрот
БОРГ Драјершуценгасе, средното училиште во северозападен Грац каде што се случи пукањето, објави порака на Инстаграм по трагедијата. Пораката е напишана на германски јазик, официјалниот јазик на Австрија.
„Ова беше ужасен ден кој длабоко нè погоди и шокираше сите нас. Да продолжиме да се држиме заедно како училишна заедница и да се поддржуваме едни со други. Вашите наставници и вашиот директор“, се вели во пораката.
Според првичните извештаи, во училиште во Грац околу 10 часот вчера наутро се случило пукање. Најмалку 11 лица се мртви, вклучувајќи го и напаѓачот. Уште 11 лица се повредени во нападот, од кои седум се во критична состојба.