Македонија
ОЈО отфрли иницијатива на антикорупциската за вработување судски соработник, застарело делото
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на иницијативата за кривично гонење поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата против три лица за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Ваквото решение е донесено бидејќи настапила застареност на кривичното гонење.
Пријавата се однесува на објавен оглас за вработување 30 судски службеници во Основниот суд Скопје 1 – Скопје меѓу кои Државната комисија за спречување на корупцијата утврдила пропусти при вработувањето едно лице на позицијата помлад судски соработник. Меѓутоа, јавниот обвинител по приемот на иницијативата за кривично гонење на тогашниот претседател на судот, претседателот на комисијата за избор и прием на кандидати на огласот и на судскиот администратор оцени дека постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење – застареност.
Имено, постапката за вработување целосно е завршена во мај 2015 година. За кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353, ст. 1 од Кривичниот законик, законодавецот предвидел казна затвор од 6 месеци до 3 години, а во согласност со чл. 107, ст. 1, т. 5 од Кривичниот законик, кривичното гонење не може да се преземе ако поминат три години од извршувањето на кривичното дело за кое според законот може да се изрече затворска казна над една година. Со оглед на ова застареноста на кривичното гонење во предметот настапила најдоцна во мај 2018 година, а иницијативата за кривично гонење од страна на Државната комисија за спречување корупција е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје во јуни 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пецаков: Охрид не само што ќе изгледа поинаку туку ќе има и многу подобри услови за сите жители и за сите туристи
Кирил Пецаков го почнува вториот мандат како градоначалник на Охрид. Тој најави дека Охрид не само што ќе изгледа поинаку, туку ќе има и многу подобри услови за сите жители и сите туристи
„За мене е голема обврска и чест да продолжиме заедно по патот на успехот и да работиме за подобра иднина за нашите поколенија. Реализиравме многу проекти кои што значат за Охрид и стратешки го менуваат, а така продолжуваме и во вториот мандат. Имаме 10 нови капитални проекти на кои ќе се надополни и финиширањето на четири проекти, кои беа ветени во претходниот мандат. Станува збор за сериозна промена на сето она што ние го перцепираме во Охрид, првично за охриѓани и за сите оние кои што доаѓаат и уживаат во неговите убавини. Пред нас следува инвестициски период кој верувам дека ќе заврши успешно, односно за многу работи за кои што охриѓани разговарале, побарувале и било како насушна потреба во изнинативе 30 години, ќе се остварат, ќе се завршат и сметам дека Охрид не само што ќе изгледа поинаку, ќе има и многу подобри услови за сите жители и сите туристи кои го посетуваат“, рече Пецаков.
Македонија
Новата градинка во Бутел 2 ќе згрижува 200 деца
Градоначалникот Дарко Костовски изврши увид во градежните активности за изградба на нова детска градинка во Бутел 2.
„Градежните активности напредуваат со одлична динамика. Стариот објект кој беше изграден во далечната 1964 години е срушен и на негово место локалната самоуправа гради нова детска градинка на површина од 1800 м2. Новиот објект ќе има 3 влеза, 7 занимални со 7 спални соби, 2 занимални со заеднички спални соби и една просторија за јасли. Покрај тоа, во новата градинка ќе има и посебна просторија за изолација и медицинска сестра како и млечна кујна. Новиот објект ќе ги исполнува сите услови за згрижување на 200 деца“, вели Костовски.
Тој додава дека изградбата на новата детска градинка е најголема инвестиција во населеното место Бутел 2.
Македонија
Ѓорѓиевски ја отстапи функцијата во Кисела Вода: Бети Стаменкоска-Трајкоска е новата мајка на општината
Орце Ѓорѓиевски, кој во вториот круг од изборите беше избран за градоначалник на Скопје, утрово ја отстапи градоначалничката функција во Општина Кисела Вода на неговата сопартијка, Бети Стаменкоска-Трајкоска. Примопревадањето на функцијата го објави на социјалните мрежи.
„Кисела Вода од денес има нов градоначалник. Бети Стаменкоска-Трајкоска е новата мајка на општината. Знам колку си посветена, колку искрено ја сакаш Кисела Вода и колку труд вложуваш во сѐ. Убеден сум дека ќе го продолжиш патот кој го трасиравме со истата сила, со ист жар и љубов. Ти благодарам за сѐ што направи и за она што допрва ќе го направиш. А со поддршка на градот Скопје, ќе продолжиме да правиме уште поголеми дела. Го имаш мојот збор!“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
Стаменкоска-Трајкоска беше избрана за градоначалничка на Кисела вода во првиот круг од овие избори, а ја презема функцијата денес откако го доби уверението од Државната изборна комисија.
Ѓорѓиевски, доцна синоќа кога излезе да прослави откога беше избран за градоначалник на Скопје, рече дека го очекува уверението за победа до четврток за да може да почне да го чисти Скопје. Во изборната кампања ветуваше дека за 72 часа откога ќе бид еизбран за градоначалник, ќе го исчисти Скопје од ѓубрето.

