Македонија
АХВ: Ниту партија ниту директор не вработуваат во ниту една државна институција
Од Агенцијата за храна и ветеринарство реагираат на обвинувањата изнесени на прес-конференцијата на Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ. Како што велат од АХВ, Трипуновски понесен исклучиво од политикантство и воден од интересот за собирање ситни политички поени ја замајува јавноста и креира страв кај граѓаните дека храната што се произведува и увезува во земјава не е безбедна.
„На денешната прес-конференција, од незнаење и нестручност, Трипуновски ги измеша политиката и стручноста, како баби и жаби.
Ниту партија, ниту политика, ниту директор не вработуваат во ниту една државна установа, па ни во Агенцијата за храна и ветеринарство. Кога е безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите во прашање, исклучиво стручноста, компетентноста и соодветното искуство се пресудни за вработување во оваа институција.
Унапредувањата кои им бодат очи на ВМРО ДПМНЕ се однесуваат на лица кои се и сега дел од Агенцијата, кои професионално се вработени уште пред повеќе од десеттина години, а за кои претходните раководства, иако станува збор за врвни професионалци, во изминативе години не мрднале ниту со прст.
За жал, Трипуновски е најмалку повикан да држи вакви прес-конференции и да обелува партиски образ, бидејќи самиот тој, со оскудно професионално искуство, директно од партиски штаб на ДПМНЕ беше поставен на висока позиција во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за потоа од пратеничките клупи да скокне на позицијата директор на Државниот земјоделски инспекторат“, стои во реакцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се зголемува бројот на напуштени кучиња со активен микрочип
Јавното претпријатие „Лајка“ предупредува на континуиран и загрижувачки тренд на кучиња пронајдени на улица со активен микрочип, односно со јасно утврдени сопственици. И покрај тоа, дел од сопствениците одбиваат да ги преземат своите миленици, што создава дополнителен притисок врз капацитетите на прифатилиштето.
Од претпријатието наведуваат дека девет кучиња заловени во последниот период имале сопственици кои свесно ги напуштиле. Секое од овие кучиња, велат од „Лајка“, претставува потенцијален извор на нови легла на улица, што го зголемува бројот на напуштени миленици и проблемите за заедницата.
Во соопштението се посочува дека напуштањето миленик претставува кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните, но дека не постојат прекршочни мерки што би ги санкционирале сопствениците кои свесно ги оставаат чипираните кучиња да талкаат. Овој системски недостаток, додаваат од претпријатието, доведува до тоа ваквите животни да завршуваат во „Лајка“.
Од претпријатието истакнуваат дека секој сопственик има етичка обврска да се грижи за миленикот и, доколку повеќе не може, да побара помош, да најде нов дом или да контактира прифатилиште, но не и да го остави кучето на улица.
ЈП „Лајка“ нагласува дека ќе продолжи да постапува во рамките на своите надлежности, но дека ситуацијата со напуштени чипирани миленици покажува колку е потребно подобрување на системските решенија и јакнење на свеста за одговорно сопствеништво.
Македонија
(Видео) Исмаил: Левица предложи амандман за зголемување на породилното отсуство од 9 на 12 месеци, власта го одби
На Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, го образложи амандманот на пратеничката група со кој се бараше зголемување на ставката за трансфери кон Фондот за здравствено осигурување, а со цел да се создадат услови породилното отсуство да се продолжи од сегашните 9 на 12 месеци.
„Ова е и препорака на Светската здравствена организација. Првата година од животот на детето е клучна за неговото здравје и неговиот понатамошен развој,“ истакна пратеникот од Левица.
Тој посочи дека продолжувањето на породилното има силно позитивно влијание и врз здравјето на мајките. „Истражувањата покажуваат дека колку е подолго породилното отсуство, толку се помали случаите и на постпородилни ризици”, истакна тој.
Во своето обраќање тој потсети и на честата реторика на власта за наводна грижа за наталитетот. „Ако навистина сте загрижени за демографијата, очекувам поддршка бидејќи ова е директна стимулација“, порача пратеникот, но амандманот со којшто се предлагаше зголемување на средствата за да се обезбеди подолго породилно отсуство – беше одбиен без контрааргументи и образложение, велат од партијата Левица.
Инаку, Левица и претходно имаше поднесено Предлог-закон за зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, којшто беше одбиен без какво било образложение од страна на владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, додаваат од партијата.
Македонија
Општина Бутел продолжува со асфалтирање на улиците во Визбегово
Општина Бутел информира дека продолжува со активностите за асфалтирање на улиците во населеното место Визбегово.
„Локалната самоуправа продолжува со силна динамика да ја подобрува патната инфраструктура во сите населени места во општината. Овие активности се реализирани преизборни ветувања на градоначалникот Дарко Костовски“, велат од општината.
Во тек е реконструкција и асфалтирање на вкупно 70 улици, со инвестиција од 150 милиони денари. Проектите имаат за цел унапредување на сообраќајот и зголемување на безбедноста на жителите.

