Црна хроника
Три лица во Прилеп осомничени за насилство, жртвата ја нападнале во кафе-бар
Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица поради основано сомневање да сториле кривично дело насилство.
По тој повод, како што информираа од Обвинителството, приведен е 44-годишен прилепчанец, а останатите двајца, на возраст од 23 и 18 години, сè уште се недостапни за органите на прогонот.
„Осомничените, на 19 август, во кафе-бар во Прилеп, во група ја загрозиле сигурноста и извршиле грубо насилство врз едно оштетено лице. Тие без повод и причина физички го нападнале 21-годишникот додека седел во кафе-барот. Потоа, пред кафе-барот продолжиле со нападот, при што оштетениот добил тешка телесна повреда, а во јавноста било предизвикано чувство на несигурност, загрозување и страв. Поради сериозноста на повредите, оштетениот итно е пренесен на понатамошно лекување во Скопје“, велат од Обвинителството.
По предлог од Основното јавно обвинителство Прилеп, судијата на претходна постапка на осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена, која за двајцата осомничени, кои се недостапни, ќе почне да се пресметува од денот и часот кога ќе бидат лишени од слобода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Инцидент во филијала за брзи кредити на Бит Пазар: маж со оружје се обидел за земе пари
Инцидент се случил вчера во филијала за брзи кредити на подрачјето на Бит Пазар.
Маж со закана со огнено оружје се обидел да одземе пари од вработената, но во намерата бил спречен од странка во објектот, по што го напуштил местото на настанот, информираа од МВР.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Девојчиња истепани од нивни врснички во Карпош
Две девојчиња биле нападнати вчера од малолетнички на подрачјето на Карпош.
Случајот во МВР го пријавил еден од родителите на девојчињата.
„Околу 18.00 часот, на подрачјето на Карпош, малолетно девојче и неговата другарка биле физички нападнати од две други малолетнички“, објави полицијата.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
Покрив и кат од семејна куќа изгореа во Струмица
Денеска околу 09:30 часот во пожар изгореа покрив и кат од семејна куќа на улицата „Спиро Захов“ во Струмица, соопштија од ТППЕ Струмица.
Пожарот го гаснеле три против пожарни возила и 10 пожарникари, кои успеале навреме да го локализираат и ликвидираат и спречиле да се прошири и да предизвика поголема штета.
Во пожарот нема повредени лица, а предизвикана е материјална штета.