Култура
„Скопје пее“ – прв меѓународен хорски фестивал во Скопје
Од 29 до 31 август, во организација на Град Скопје и ЈУ Универзална сала, градот ќе биде домаќин на првото издание на хорскиот меѓународен фестивал „Скопје пее“. Десет хора од земјава и странство со своите изведби на добро познатите класични дела, но и џез, рок и современи композиции, на нивен својствен начин, ќе ги спојат музиката, одморот, пријателството и забавата.
Свеченото отворање на фестивалот е закажано в четврток (29.8.) во 21 на Школка во Градскиот парк, каде што скопјани и сите други добронамерници и љубители на музиката и културата ќе имаат можност да бидат дел од градскиот музички хепенинг наречен „Скопје пее“.
В петок (30.8.) фестивалот програмски ќе се вклучи во културните лета на општините Карпош и Аеродром. На Културното лето „Карпош 2019“ на плоштадот „Делфина“ во Влае ќе настапат Машкиот хор од Пловдив, ХМД „Кочо Рацин“ – Скопје, женскиот хор „Аурин“ од Кецкемет, Унгарија, ГМХ „Вардар“ – Скопје и Академскиот женски хор на Студентскиот културен центар во Ниш. Како дел од Back to School Week во Општина Аеродром, во паркот на езерата со почеток во 20.30 част ќе настапат женскиот хор „Менада“ од Тетово, хорот „Хаџи Зека“ од Пеќ, пензионерскиот хор „Серенада“ од Скопје, хорот „Славјанско единство“ од Горна Ораховција, Р. Бугарија и хорот „Елегија“ од Општина Центар – Скопје.
Фестивалот „Скопје пее“ е првиот меѓународен фестивал на хорови и хорска музика, кој се одржува во Скопје и идејата на фестивалот е да ја донесе музиката поблиску до граѓаните и да ја претстави хорската музика типична за концертните сали на некарактеристичен начин, на улиците и плоштадите во Скопје.
За последниот ден од фестивалот (сабота, 31.8), од 20.30 часот со настап на хоровите во објектот на Македонската филхармонија и официјално ќе се затвори првото издание на „Скопје пее“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

