Свет
Откриено библиско место во близина на Галилејското Море, каде што Исус извршил чудо

Археолозите што работат на ископини на северниот брег на Галилејското Море тврдат дека ги откриле урнатините на легендарната населба Витсаида, која во евангелијата се споменува како место на кое Исус Христос исцелил слеп човек.
Според „Кристијанити тудеј“, ископувањата почнале во 2016 година под надзор на професорот Мордекај Авијам од колеџот „Кинерет“, со мал буџет и еднакво мал тим.
Работејќи под претпоставка дека во Ел Араџ повеќе од илјада години постоела населба што ги преживеала римските, византиските, исламските и крстоносните периоди, археолошкиот тим најпрвин открил остатоци од фабрика за шеќер на крстоносците, кои претежно ги користеле постојните византиски sидови на локацијата, а подоцна откопале византиски манастир и црква.
Двете ископини под византиските подови изнеле на површина римска грнчарија и значителен број монети, но немало византиски предмети; тимот открил и слој тиња што подоцна го поврзал со реката Јордан.
Како што истакнува медиумот, истражувачите сега се надеваат дека ќе дознаат повеќе за Витсаида за да ги прошират своите знаења за местото на населбата во Библијата.
Веста доаѓа кога археолозите го објавија откритието на славната Апостолска црква, која, според христијанската историја, била изградена во домот на Петар и Андреј, учениците на Исус Христос, во Витсаида.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Америка објави од што зависи намалувањето на рекордните царини кон Кина

Aдминистрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, ќе ја разгледа можноста за намалување на царините на стоките увезени од Кина во зависност од преговорите со Пекинг, изјави извор запознаен со ова прашање, додавајќи дека нема да има еднострани потези.
Изворот го кажа ова по извештајот на „Волстрит журнал“ дека Белата куќа размислува да ги намали тарифите за увоз на кинески стоки во обид да ги намали тензиите.
Царините за Кина ќе бидат намалени од сегашното ниво од 145 отсто на меѓу 50 и 65 отсто, пишува весникот, цитирајќи официјален претставник на Белата куќа.
„Ќе имаме фер договор со Кина“, им рече Трамп денеска на новинарите, но не ги коментираше деталите од извештајот на „Волстрит журнал“ . Претседателот, исто така, во вторникот изрази оптимизам дека е можен договор за пониски царини.
Портпаролот на Белата куќа, Куш Десаи, рече дека секоја вест за царините е чиста шпекулација освен ако не доаѓа директно од Трамп.
Покрај високите царини за Кина, Трамп воведе и царини од 10 отсто за сите други увозни производи во земјата, како и повисоки царини за челик, алуминиум и автомобили. Тој ги суспендираше специјалните царини за десетици други земји до 9 јули и навести можност за воведување дополнителни царини за фармацевтските производи и полупроводниците. Ова ги наруши финансиските пазари и ги зголеми стравувањата од рецесија.
Меѓународниот монетарен фонд вчера објави дека царините ќе го забават економскиот раст и ќе го зголемат задолжувањето ширум светот.
Регион
Се запали градинка во Загреб – пожaрот избил од клима уредот

Пожар изби попладнево во градинка во Загреб.
Според информациите на хрватските медиуми, причина за избувнување на пожарот е палење на клима уредот.
Првата личност која се обидела да се справи со огнот била жена која го гаснела со ПП апарат. Во меѓувреме сите деца навреме го напуштиле објектот и биле испратени на безбедно.
Пожарот се проширил низ една од просториите, а неговото натамошно ширење го спречиле загрепските пожарникари, кои дојавата за пожарот ја добиле околу 16:55 часот.
Допрва ќе се утврдуваат околностите под кои избил пожарот во градинката.
Свет
Зошто папата не може да биде донатор на органи

Официјални лица од Ватикан објаснија зошто поглаварот на Католичката црква не може да биде донатор на органи и по смртта, без разлика дали е регистриран како донатор или не.
Телото на папата Франциско утрово беше префрлено во базиликата Свети Петар за католичките верници да му оддадат последна почит пред погребот кој ќе се одржи во сабота во 10 часот. Јавноста ќе може да му оддаде почит на папата Франциско до петок.
Кога Ватикан беше домаќин на европската донација на органи во октомври 2014 година, папата Франциско го опиша чинот на донирање органи како „сведоштво за љубов кон ближниот“. Сепак, папата не може да биде донатор на органи и ќе биде погребан со сите органи што ги имал во моментот на неговата смрт. Дури и да одлучил да биде донатор на органи порано во животот, пред да биде избран за папа, таа одлука се поништува.
Иако многумина шпекулираат дека папата не може да биде донатор поради неговата возраст, вистинската причина излезе на виделина кога на чело на Католичката црква беше Бенедикт Шеснаесетти, за кој се знаеше дека има картичка за дарување органи. Еден лекар се залагаше за практиката папата да биде донатор на органи, за да послужи како пример, но Ватикан го замоли да престане и објасни дека Бенедикт Шеснаесетти всушност не би можел да ги донира своите органи доколку умре како Папа.
Бенедикт доброволно се пензионира во 2013 година, но додека тој сè уште беше поглавар на црквата, неговиот секретар, монсињор Георг Гаенсвајн, испрати писмо до докторот кое подоцна го објавија медиумите. Во писмото објаснува: „Точно е дека Папата поседува картичка за донирање органи, но спротивно на јавното мислење, картичката издадена во 1970-тите стана де факто неважечка со изборот на кардиналот за папа“.
Официјални лица на Ватикан објаснија дека кога папата ќе умре, неговото тело во целост и припаѓа на Црквата и мора да биде погребано недопрено. Според Ројтерс, официјалните лица додале дека органите на папата, доколку се донираат, ќе станат реликвии во други тела доколку покојниот Папа на крајот биде прогласен за светец.
Коментирајќи ја одлуката на Папата Бенедикт да стане донатор на органи, портпаролот на Ватикан Федерико Ломбарди тогаш рече: „Папата очигледно направи избор пред многу години. Како граѓанин можеше да ја донесе таа одлука, но сега има поинаква улога“.