Македонија
Министерот Кучи оствари работен состанок со првиот човек на ЕЛЕМ
Состојбите во електроенергетскиот сектор и во енергетските производствени капацитети, како и инвестициите во нив беа темите на кои разговараа министерот за економија Дритон Кучи и генералниот директор на ЕЛЕМ Дејан Бошковски на вчерашниот работен состанок.
Со оглед на фактот што електричната енергија е најважен фактор за економскиот развој на една земја, министерот Кучи изрази интерес за инвестициските активности на ЕЛЕМ, како за реализираните, како што се изградбата на Паркот на ветерни електрани „Богданци“, модернизацијата на хидроелектрана „Вруток“, реконструкцијата на Речкиот и Шарскиот канал и ревилтализацијата на ТЕ „Битола“, така и за тековните и идните енергетски проекти кои се однесуваат на изградба на нови производни капацитети, како што се Чебрен и Галиште, Бошков Мост и модернизација на ТЕЦ Осломеј. Директорот Бошковски потенцираше дека примарна цел на ЕЛЕМ, покрај континуираното и стабилно производство на електрична енергија, е и изнаоѓање на нови извори на енергија и подобрување на еколошката свест. ЕЛЕМ дури 96 отсто од вкупното домашно производство на електричната енергија го обезбедува од сопствените капацитети. Со оглед на фактот што производството од домашни ресурси е најисплатливо и долгорочно прифатливо за Македонија, Бошковски ги претстави актуелните и идните инвестициони проекти на компанијата во делот на хидроенергијата, термоенергијата, обновливите извори и рудниците.За време на работниот состанок беше разговарано и за подготовките за самитот во Париз, во однос на меките мерки во делот на електриката, како и за можностите за ангажирање на стручни кадри во сите производни капацитети на АД ЕЛЕМ./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.
Економија
Зголемени цените во индустријата во ноември
Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во ноември 2025 година се зголемени за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, соопшти Државниот завод за статистика.
Месечниот раст на цените е забележан кај интермедијарните производи, освен енергија, каде што има зголемување од 0,5 отсто, како и кај трајните производи за широка потрошувачка, кои пораснале за 3,0 отсто.
На годишно ниво, односно во споредба со ноември 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се зголемени за 4,6 отсто. Во овој период, раст на цените е регистриран кај енергијата за 6,9 отсто, кај интермедијарните производи, освен енергија за 4,2 отсто, како и кај нетрајните производи за широка потрошувачка, каде што е забележано зголемување од 4,4 отсто.

