Македонија
(ВИДЕО) Студија за Водно – експанзија на населбите главна закана за планината
Обемната студија во која се вброени сите аспекти за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума „Водно“ денеска беше презентирана во големата сала на Град Скопје. Меѓу многубројните податоци во оваа студија за природните, социо-економските и остатнатите вредности на Водно обработени се и заканите, односно дадено е резиме на главните фактори за уништување со кои се соочува ова подрачје. Тука се посочени експанзија на населбите, пробивање на патиштата, изградбата на предаватели и антени, заканите од ерозија, пожарите, губењето на хабитатите и др.
„Како резултат на истражувањата може да се заклучи дека досегашното управување на заштитеното подрачје парк-шума Водно, од аспект на законските надлежности и преземени активности, не придонесе во доволна мера кон неговото соодветно интегрирано управување, односно не ги даде потребните ефекти, со оглед на што се јави несоодветно користење на земјиштето и неконтролирана урбанизација, пренамена на зелените површини на Водно во градежно земјиште и др. поради што се препорачува формирање на посебно Јавно претпријатие за управување со заштитени подрачја на територија на Град Скопје“, пишува во студијата.
Според градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, градежните работи на коридорот за изградба на гасоводот што минува низ Водно се готови во 90 проценти, а исечени се 100 проценти од предвидената шума. Шилегов најави и подготовка на нова студија која ќе се однесува на изградба на оплеменување на Водно со спортско-рекреативни реквизити.
„Оваа студија која е прв ваков обемен и стратешки документ за Водно ни доаѓа токму кога коридорот за изградба на гасоводот што минува низ Водно е речиси готов. По долгите полемики лани, кога беа сослушани сите страни и експерти за изградбата, а се направи промена на трасата, проектот успешно се движи кон крајот. Сигурен сум дека не е направена штета врз природните богатства на Водно, а граѓаните ќе имаат бенефит од гасоводот. Откако е завршена оваа студија за валоризација на заштитеното подрачје Водно, подготвуваме нова за оплеменување на планината со спортско-рекреативни реквизити“, рече Шилегов.
Проектот за валоризација на Водно е финансиран од Еврoпската Унија, преку ИПА 2 – Секторската оперативна програма за животна средина и климатска акција 2014-2020. Таа се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Предмет на оваа студија била ревизија на постојната Студија за валоризација на природните вредности на парк-шумата Водно од 2009 година.
„Со оглед дека во 2012 година од страна на МЖСПП беше донесен нов Правилник за содржината на студијата за валоризација или ревалоризација на заштитено подрачје, извршено е нејзино ревидирање, односно пополнување со нови содржини согласно правилникот. Во оваа студија се дополнети геолошко-геоморфолошките и хидролошките информации за предметното подрачје, детално се обработени флористичките и фаунистичките карактеристики на подрачјето, како и хабитатите, фитоценозите и пределските типови. Во делот на социо-економските карактеристики обработени се населението и населбите, користењето на земјиштетео, постојната инфраструктура, како и стопанските дејности на подрачјето. Главен акцент е даден на идентификацијата и валоризацијата на важните екосистеми и живеалишта, како и на поедините видови растенија, габи и животни и нивната застапеност на меѓународните листи за заштита на биодиверзитетот. Истите се класифицирани според Светската црвена листа на IUCN, Европската црвена листа, Националните црвени листи, листите на видови на меѓународните договори од областа на заштитата на природата ратификувани од страна на Република Македонија…“, пишува во студијата.
Во градителското наследство на парк-шумата Водно вонредно важни се сакралните објекти лоцирани во неговите граници, како што е манастирот Св. Пантелејмон, џамиите во селата Крушопек и Грчец. Црква Св. Пантелејмон – Нерези.
„Според добиените податоци од Агенцијата за катастар на недвижности, од 39,4 km2 или 3943.3 хектари во предложената граница-опфат, 25,83 km2 или 65,23% е државно земјиште, а 13,76 km2 или 34.77% е приватно земјиште. Овие податоци треба да се земат со одредена резерва, со оглед на тоа што мал дел од земјиштето, според катастарската евиденција има непознат сопственик или е ‘неизложено’. Како и да е, во структурата јасно доминира државното земјиште, особено во повисоките делови над 700 m надморска
височина.“
Од увидот во ГИС-системот на Министерството за економина, на подрачјето на парк-шумата Водно не се водат постапки и не се дадени концесии за детални геолошки истражувања, како и експлоатација на минерални суровини. Од страна на Агенцијата за електронски комуникации која издава одобренија за користење на радиофреквенции на правни и физички лица на подрачјето на парк-шумата Водно се доделени повеќе одобренија, и истите се поставени во регистарот на издадени одобренија, кој го води агенцијата, така што за ова подрачје издадени се вкупно 116 концесии, пишува во студијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На Клиниката за ортопедија успешно изведени две трансплантации на коска од починат донор кај педијатриски пациенти
Првата интервенција е извршена кај 14-годишно девојче со вродена аномалија на стапалата. Постигната е стабилна корекција и пациентката се врати на вообичаените активности, информира Министерството за здравство.
Операцијата ја предводеа науч. сор. д-р Ненад Атанасов и асс. д-р Милена Богојевска Доксевска, со тим составен од д-р Даница Поповска, д-р Армин Амедовски, д-р Ријад Ајро, анестезиолог д-р Лилјана Анѓелеска, анестетичарка Гордана Захариева, инструментарките Билјана Тројановиќ и Сузана Пејчиновска, радиолошкиот техничар Крешник Шеху и болничарката Ирена Галевска.
Втората трансплантација е направена кај 13-годишно момче со повторен деформитет на стапалото. Пациентот е испишан во добра состојба и го очекува рехабилитација. Тимот го предводеше проф. д-р Зоран Божиновски, со анестезиолог д-р Ивана Крстевска Трпковска и асистенти д-р Теодора Божиновска и Искра Шојлеска Јовановска.
Во интервенцијата учествуваа и средно-медицинскиот кадар: Злата Апостолоска, Кристина Реџеп, Ширете Муртезани, Крешник Шеху и Снежана Тодоровска.
Користењето кадаверични коскени трансплантати има огромно значење во детската ортопедија – се избегнува нова хируршка рана, болка и дополнителна деформација, а интервенциите се побезбедни и пократки.
„Донорството спасува и менува животи. Благодарение на семејствата кои даруваат и на тимовите кои посветено работат, денес имаме две млади лица кои добиваат шанса за подобар и побезболен живот,“ вели националниот координатор за трансплантација, Билјана Кузмановска.
Министерството за здравство изрази искрена благодарност до двата медицински тима и до семејствата на донорите за нивната хуманост.
Македонија
Мицкоски: Европската интеграција не смее да се сведе на пасивно прифаќање, Македонија мора да знае да каже ДА кога тоа е во нејзина корист
Во 21 век, историското наследство не може да биде изговор за застој. Напротив, тоа е најсилен мотив државата да биде поефикасна, поорганизирана и повредносно кохерентна. Жртвите и идеалите на претходните генерации ја прават сегашната неефикасност, институционална слабост или корупција уште понедозволиви, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на своето воведно обраќање на отворениот дел од XVIII конгрес во Кавадарци.
Мицкоски посочи дека македонската државност е создадена низ долг, тежок и историски процес, затоа треба секој ден да се брани преку силни институции и функционална држава.
„Македонската државност е создадена низ долг, тежок и историски скап процес. Затоа мора да се разбере како проект што се брани секој ден преку силни институции, функционална правна држава. Но, исто така, мораме да сфатиме дека ни е потребно стабилно општество и јасна, самоуверена надворешна политика. Македонија е држава изградена врз европските вредности, слобода, демократска традиција и владеење на правото и затоа нејзиното место природно е поврзано со евроатлантското семејство“, рече Мицкоски.
Понатаму, Мицкоски посочи дека европската интеграција на Македонија, не смеат да се сведат на пасивно прифаќање или безусловна зависност.
„Но европската и евроатлантската интеграција не смеат да се сведат на пасивно прифаќање или безусловна зависност. Малата држава може да биде силна држава ако има самодоверба, чувство за сопствена тежина и јасен став за своите интереси. Македонија мора да знае да каже „да“ кога тоа е во нејзина корист, но и да каже „не“ кога се нарушуваат нејзините принципи, достоинство или идентитет“, истакна Мицкоски додавајќи дека партнерството со НАТО и Европската Унија може да биде силно само ако е рамноправно.
Македонија
Орбан: ВМРО стана една од најуспешните политички сили во Европа, ја поставивте вашата татковина на патот на стабилен, предвидлив и безбеден развој
Претставници на сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ упатија честитки за како што велат, достигнувањата на партијата кои ги имаше во последните две години и притоа укажуваат на победите на парламентарните, претседателските и локалните избори.
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, оценува дека ВМРО-ДПМНЕ ја поставила Македонија на патот на стабилен, предвидлив и безбеден развој.
„Им честитам на сите членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ за навистина неверојатните достигнувања што ги постигнавте во изминатите две години. Убедлива победа на парламентарните, локалните и претседателските избори. Исто така, ја поставивте вашата татковина на патот на стабилен, предвидлив и безбеден развој. По долги години опозиција, ВМРО сега стана една од, или можеби најуспешните, политички сили во Европа. Нема подобра препорака од самиот успех. Ви благодарам за можноста да соработувам со вашиот претседател Христијан Мицкоски, и ви препорачувам да продолжите да го поддржувате со вашата доверба кон него. Продолжете по патот на успехот. Ви посакувам многу успех во владините задачи што претстојат. Бог да ги благослови македонските патриоти“, вели Орбан.
Гунтер Крихбаум, пратеник во Бундестагот од ЦДУ и државен министер за Европа, истакна дека иднината на Македонија е во Европа.
„Честитки, бидејќи не е толку својствено за една партија да го прослави овој извонреден успех. Кога ќе погледнам наназад мислам дека овој успех може да се објасни. Она што сакам да го кажам е дека сте блиску до народот, блиску сте до граѓаните, знаете што мислат граѓаните и знаете за нивните потреби и што е потребно за иднината“, кажа Крихбаум.
Според него, Христијан Мицкоски и партијата се приказна за успех и затоа им посакува, многу успех што е потребен за во иднината.
Со честитки и желби за понатамошни успеси и Андреј Пленковиќ, претседател на ХДЗ и премиер на Хрватска.
„Сакам да ви посакам успех во одржување на Конгресот по толку одлични изборни победи на парламентарните ,претседателските и сега локалните избори. Повторно и да му дадам поддршка на мојот пријател Мицкоски. Се радувам на унапредување на соработката помеѓу ХДЗ и ВМРО ДПМНЕ и меѓу Хрватска и Македонија. Голема поддршка на патот за кон ЕУ“, рече Пленковиќ.
Антонио Тајани, потпретседател на Европската народна партија, претседател на Форца Италија и вицепремиер и министер за надворешни на Италија укажа дека Европската народна партија силно ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ.
„ВМРО-ДПМНЕ е почитуван член на семејството на ЕНП, делиме исти вредности, посветеност на демократија, владеење на право, борба против корупција, слободен пазар“, посочи Тајани.

