Македонија
Камчев на распит кај Русковска за случајот „Рекет“
Пријавувачот на аферата „Рекет“, бизнисменот Орце Камчев, денеска бил на распит во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, потврдија од обвинителството.
Според информациите, Камчев бил повикан да даде исказ како сведок во истрагата.
Обвинителството не соопштува дополнителни детали за сведочењето на бизнисменот, инаку осомничен во предметот „Империја“ на СЈО, но истрагата и натаму продолжува.
Во истрагата за „Рекет“, во притвор се Бојан Јовановски, Зоран Милевски Кичеец и специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.
Прво и второосомничениот се товарат за примање награда за противзаконито влијание и едниот од нив за перење пари, а Јанева е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластување.
Од ноември 2018 до април 2019 година Јовановски го искористил влијанието врз Катица Јанева, преку претходно воспоставени пријателски односи, и со тоа влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Јанева го прифатила влијанието од осомничениот и при неизменети околности врз основа на кои бил определен притворот дала предлог до судот, притворот против Камачев во предметот „Империја“ да се укине и да му се определи поблага мерка – куќен притвор.
Бојан Јовановски и Зоран Милевски побарале 8 милиони евра за олеснување на положбата на Камчев. На 20 февруари 2019 година двајцата дошле во домот на Камчев и од него зеле торба марка „Луј Витон“ со еден милион евра, а претходно, додека осомничениот бил во притвор, од неговата сопруга зеле 500 илјади евра.
Јанева, според обвинителството, прибавила имотна корист во значителен износ, и тоа мебел во износ од 298 илјади денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани: Европската интеграција бара континуитет, зрелост и јасна политичка волја
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска се обрати на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на Република Северна Македонија.
Во своето излагање Муртезани истакна дека новиот Годишен извештај на Европската комисија за Северна Македонија за 2025 година, претставува јасен пресек на досегашните постигнувања и на областите во кои реформите треба да се засилат. Тој нагласи дека државата задржува стабилно и добро ниво на подготвеност во низа клучни поглавја, но дека динамиката на напредокот мора да биде поенергична, особено во сегментот на владеењето на правото.
Муртезани посочи дека оваа Влада влегува со јасна политичка волја да ги конкретизира реформите, да го забрза донесувањето на клучните закони и да ја претвори подготвеноста во реални резултати. Тој додаде дека Реформската агенда, скрининг извештаите и Планот за раст ја даваат целосната архитектура за напредок, а задачата на институциите е да обезбедат јасен ритам и доследна имплементација.
Македонија
(Видео) Филипче: Власта врши притисок врз судството
Претседателот на СДСМ и на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, на денешната седница на Советот упати сериозни критики за состојбата во правосудството, посочувајќи дека Европската комисија јасно укажува на тоа дека независноста на судството во државата е нарушена и со тоа директно е загрозена неговата независност и кредибилитет.
„Генералната независност и финансиска автономија на правосудството се поткопани со вмешување и притисок од други гранки на власта за притисок врз членовите на судскиот совет“, рече Филипче.
Филипче исто така нагласи дека во извештајот Европската комисија се задржува на три клучни препораки кои Владата мора итно да ги исполни, а тоа се донесувањето на Закон за парнична постапка, согласно европското законодавство, закон кој се носи со двотретинско мнозинство и кој беше во Собраниска поставка во претходниот Собраниски состав и забрзана имплементација на стратегијата за реформи во судството.
Дополнително, тој предупреди дека Европската комисија бара и доследна примена и унапредување на АКМИС-системот за електронско управување со судските предмети, бидејќи токму транспарентното распределување на предметите е основен предуслов за независно судство.
„Нема напредок ниту во борбата против корупцијата, според Европската комисија таа станува доминантна во многу области и претставува предмет на сериозна загриженост. Јавното обвинителство треба да се зајакне кадровски во истражните центри и да ја подобри ефикасноста на работата во случаите на висока корупција. Клучни препораки за борба против корупција“, рече Филипче.
Филипче зборуваше и за корупцијата која, како што кажа, станува доминантна во многу области и претставува предмет на сериозна загриженост по што ги кажа и клучните препораки кои Европската комисија ги издвои и кои македонското законодавство треба да ги донесе.
„Донесување на нов кривичен закон за ефикасна борба против корупцијата. Подобрување на имплементацијата на антикорупциска стратегија, споредување на препораките на Греко и соодветна подготовка на нова антикорупциска стратегија, 2026-2030 години. Понатаму, доволно човечки финансиски ресурси на јавното обвинителство и сите негови структури“, рече претседателот на Националниот совет за евроинтеграции.
На крајот, Филипче оцени дека пораките од извештајот се јасни и алармантни и тие кажуваат дека реформите за нашата држава се блокирани. Со ова, тој уште еднаш ги повика институциите да престанат со политички влијанија и да почнат со реални, суштински реформи во интерес на граѓаните и европската иднина на државата.
Македонија
„Пајакот“ за една недела крена 144 возила во општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 10.11. до 16.11.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 144 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, велат од ПОЦ.

