Вести
Абас бара од Израел веднаш да ја прекине офанзивата на Газа
Претседателот на Палестинската самоуправа, кој има влијание засега само во палестинската енклава Западниот брег (на реката Јордан) Махмуд Абас, побара во вторникот Израел веднаш да ја прекине опсежната воздушна операција покрената во текот на ноќта врз другата палестинска енклава Појасот Газа, која е под контрола на исламистичкото движење Хамас.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас побара до меѓународната заедница „веднаш да интервенира за да ја запре опасната ескалација којашто би можела да предизвика уште повеќе разорувања и нестабилност во регионот“, се наведува во соопштението што го цитира AFP.Абас истакнува во соопштението и дека Палестинската самоуправа им упатила повици на арапските челници за да извршат притисок врз Израел за да се сопре неговата воздушна офанзива врз Газа. Израелските воздухопловни сили ноќта кон вторникот преземаа повеќе од десет воздушни напади врз Појасот Газа, како одговор на интензивното ракетирање на израелската територија од оваа палестинска енклава. Палестинската ослободителна организација (PLO – Фатах), којашто ја води Махму Абас на 23-ти април склучи договор за помирување со Хамас со кој се надминаа политичките поделби настанати по неколкумесечниот оружен судир меѓу двете движење од 2007 година кога беа поделени и нивните влијанија на Западниот брег и во Појасот Газа. Овој договор според кој треба да се формира палестинска технократска влада од неполитички личности којашто ќе ги спроведе сепалестинските избори, всушност ги прекина израелско-палестинските мировни преговори, бидејќи Израел Хамас го смета за терористичка организација којашто не го признава постоењето на еврејската држава. Израелската армија во вторникот по воздушната офанзива во Појасот Газа, не исклучува и покренување на копнена инвазија во енклавата насочена против палестинсктие милитанти, јавуваат агенциите. Во текот на изминатата ноќ, израелската воена авијација бомбардирала вкупно 50 цели, соопшти во вторникот воениот портпарол Петер Лернер. Предупреди и дека операцијата постепено ќе се проширува „и во квалитет и во квантитет“ и оти не е исклучена можноста од копнен напад./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.