Европа
Џонсон предвидува договор за брегзит во последен момент

Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, изјави дека во моментов е пооптимистичен дека може да се склучи нов договор за брегзит, по средбите со лидерите на ЕУ во последните неколку дена.
Тој призна дека задачата е тешка и дека договорот може да дојде на самиот крај од процесот.
Говорејќи на самитот Г7 во Бијариц, Франција, британскиот премиер во неколку наврати одби да ја исклучи суспензијата на парламентот со цел да се присили брегзит без договор, доколку не е можен договор со Брисел, објави синоќа „Политико“.
На завршната прес-конференција на својот прв меѓународен самит новиот британски премиер рече дека шансите за договор зависат исклучиво од ЕУ и тоа дали блокот е подготвен да го отстрани планот „бекстоп“ за Северна Ирска од договорот за брегзит.
Со овој аранжман во договорот со ЕУ се предвидува Велика Британија по истапувањето од ЕУ да остане дел од заедничката царинска унија со Унијата сѐ додека не се најде решение за проблемот со границата меѓу ЕУ-членката Ирска и Северна Ирска која ѝ припаѓа на Велика Британија.
За ваквото решение Џонсон смета дека е недемократско.
„Мислам дека ЕУ обично постигнува договор токму на крајот, тоа е она што го забележав при моето анализирање на преговорите во Брисел“, рече тој, додавајќи дека брегзит нема да се случи пред 31 октомври, што е законски рок за Велика Британија да излезе од ЕУ.
Британскиот премиер нагласи дека земјата до тогаш ќе биде апсолутно, колосално, обемно и фантастично подготовена за брегзит без договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП, повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши во сабота, на 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува на погребот да присуствуваат бројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на Телеграм градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона „Шхидни“. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување на персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база, не само за стоки, туку и за опрема и персонал. Со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување на персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата започна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.