Македонија
Филипче ја посети реновираната Итна помош во Битола

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска го посети Здравствениот дом Битола по повод промовирање на реновираната Служба за итна медицинска помош во оваа јавна здравствена установа.
Извршени се повеќе реконструкциски зафати, меѓу кои позначајни се: отворена е амбуланта во склоп на дневната болница во која дежураат матични доктори, отворен е шалтер за прием на документација од пациенти и набавена е нова медицинска опрема – апарати за ЕКГ, столови за транспорт на пациенти по скали и ново санитетско возило. Воедно, набавен е нов стоматолошки стол за ургентна стоматологија и опремена е посебна просторија за едукација на медицински персонал.
Исто така, извршено е комплетно реновирање на ходниците во ИМП со ѕидни и подни плочки, поставена е автоматска лизгачка врата, извршена е санација на просториите и тоалетите, набавени се мебел, канцелариска опрема и медицимски мебел и соодветна компјутерска опрема. Воедно, извршено е комплетно санирање на одводната канализација, поставена е нова водоводна мрежа, нова електрична инсталација и поставен е медицински под.
Вкупната сума за реализација на овие активности изнесува шест милиони денари, со средства обезбедени од Здравствениот дом Битола.
Инаку, Здравствениот дом Битола во континуитет реализира активности за кадровско зајакнување и за таа цел во изминатите две години се ангажирани 14 доктори, девет медицински сестри и по еден психолог и фармацевт.
Во тек е процедура за вработување уште 10 доктори и се реализира постапка на транформација на работниот однос на 11 лица ангажирани со договор на дело на неопределено, а во меѓувреме распишани се и пет специјализации.
Сето ова ќе придонесе за унапредување на условите за поквалитетна здравствена заштита за пациентите од Битола и околните места, но и за работа во Здравствениот дом.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.
Македонија
Јаневска: Со буџет од 34 милиони евра, Владата ќе ја поддржи инфраструктурната модернизација на Универзитетот „Мајка Тереза“

Универзитетот „Мајка Тереза“ е нашиот најмлад државен универзитет. Владата е посветена кон обезбедување на ресурси потребни тој и натаму да се развива. Со буџет од 34 милиони евра кои ќе се обезбедуваат етапно, почнувајќи од оваа и во текот на следните пет години, ќе го поддржи градењето на модерен кампус кој ќе биде центар за академска извонредност, за наука и технологија. Студентите и наставниот кадар ќе добијат современи услови за работа и напредување.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната церемонија организирана по повод примопредавањето на должноста ректор на оваа високообразовна установа.
Посакувајќи му добредојде на новата функција на проф. д-р Беким Фетаји, министерката Јаневска изрази очекување дека тој ќе продолжи со визијата за уште поголем раст на квалитетот на студиските програми и со својата стручност ќе придонесе универзитетот да се развива како модерна образовна и научна институција, достојна за поддршката што ја добива.
„Очекувам да внесе нова енергија и да ги мотивира универзитетските професори и истражувачи професионално да напредуваат и да ги инспирираат студентите да тежнеат не само за добивање на диплома, туку да станат вистински академски образувани граѓани, подготвени за меѓународно одмерување на знаењата“, рече Јаневска.
Министерката се заблагодари на досегашниот ректор проф. д-р Изет Зеќири, посочувајќи дека како прв човек на универзитетот и како професор, тој дал важен придонес во градењето на академски генерации кои се веќе интегрирани во општествените процеси и функционирањето на државата.
Македонија
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ одбележува 33 години постоење

Првата детска амбасада во светот – Меѓаши годинава ја одбележува 33-годишната посветеност на заштитата на детските права, постојаната и активната улога во градењето мир и меѓусебно разбирање.
По тој повод, Меѓаши најави промоција на повеќе значајни активности и материјали и тоа нова веб-страница (https://www.childrensembassy.org.mk/pocetna.nspx) и документарен филм: ,,30 години Меѓаши” – Документирано сведоштво за развојот, достигнувањата и влијанието на Меѓаши низ годините“.
Исто така, достапни се уште два кратки видео-прилози поврзани со историјата и работата на организацијата „Како започна приказната на Меѓаши“ и „Како Меѓаши влијаеше на општеството“.
Објавена е и монографија „30 години Меѓаши” – Публикација која ја отсликува историјата на организацијата, активностите и резултатите во изминатите три децении.
„Преку овие промотивни материјали, Детската амбасада Меѓаши не само што го документира своето повеќедецениско активно дејствување, туку и ја засилува својата мисија за поттикнување на одговорноста, едукација и активирање на пошироката јавност во поддршката на децата, воедно потсетувајќи на важноста од мировното образование и градење култура на мирот од најмала возраст“, соопштија од таму.