Вести
Јеменските Хусити го гранатираа саудискиот град Наџран

Јеменските шиитски бунтовници од движењето Анасарала, од племето Хуси, против кои коалицијата од десетте сунитски арапски земји од Персискиот залив предводени од Саудиска Арабија водат воена операција, од територијата на Јемен го гранатирале пограничниот саудиски град Наџран, при што јавија дека убиле 15 саудиски војници, пренесуваат јеменските медиуми, додека саудиската државна телевизија го потврди нападот но не објави податоци за настрадани.
Во вторникот агенциите пренесоа дека саудискиот град Наџран, во јужниот дел од кралството во близина на границата со Јемен, бил под минофрлачки оган. Саудиската страна го потврди нападот, а тамошното министерство за образование објави дека поради нападите училиштата во градот нема да работат. Гранатирањето го потврди и портпаролот на воените сили на коалицијата кои ја водат операцијата во Јемен, бригадниот генерал Ахмад Асири кој во Ријад изјави дека зад нападот стојат Хуситите.
„Најмалку 15 саудиски војници загинаа во текот на интензивните престрелки меѓу двете страни во пограничната област“, соопштиле шиитски извори, кои претходните денови се заканија дека поради воената операција против нивните борци во Јемен, ќе започнат со ракети запленети кога ги заземаа јеменските касарни ќе нападната саудиски градови и важни инфраструктурни објекти.
Саудиските интернет портали, пак, објавија дека во гранатирањето на Наџран загинале три лица а уште неколку биле повредени. Не наведувајќи ги изворите, порталот ал-Ријад известува дека во ракетирањето се оштетени и неколку станбени објекти и возила.
Воената воздушна операција „Решителна бура“ против шиитските бунтовници и нивните сојузници војниците лојални на во 2012 година соборениот претседател Абдула Салех во Јемен започна на 26-ти март и официјално заврши на 21-ви април. Покрај Саудиска Арабија, во коалицијата се уште Кувајт, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Египет, Јордан, Мароко и Судан. Иако најави запирање на воздушните удари и можна копнена операција во Јемен, коалицијата во новата операција „Враќање на надеж“, продолжи со воздушните напади врз позициите на шитиската милиција./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.