Свет
ЕУ обезбеди 9,8 милиони евра помош на Мијанмар
Европската комисија денес најави нов хуманитарен пакет во вредност од 9 милиони евра за потребите на семејствата погодени од насилствата во Мијанмар.
„Ситуацијата во Мијанмар ги надминува страдањата на Рохингите бегалци. Не смееме да ги заборавиме жртвите во Мијанмар кои беа присилени да ги напуштат своите домови поради насилството во земјата. Заштитата на цивилното население ќе остане да биде најголем приоритет на ЕУ“, изјави Христос Стилијанидес, еврокомесар за хуманитарна помош и цивилна заштита.
Стилијанидес додава дека помошта има цел да ги заштити најранливите категории чии најосновни права се одземени, посебно на оние кои живеат во Качин, Шан и Ракине.
„Сите учесници во конфликтот мора да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и да дозволат пристап за хуманитарна помош во сите делови од земјата“, додава тој во соопштение.
Според соопштението на Европската комисија, ЕУ обезбедува средства за хуманитарни акции во Мијанмар уште од 1994 година, а досега се обезбедени хуманитарни пакети во висина од над 249 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лавров: Америка го распарчува светот
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека САД го „распарчуваат“ светот со своите постапки кон Венецуела и Иран.
Лавров рече дека САД го фрагментираат меѓународниот систем со преземање на она што тој го нарече нелегална операција за соборување на венецуелскиот лидер Николас Мадуро и со закана кон Иран со напад.
„Зборуваме за грубо кршење на меѓународното право“, рече Лавров за операцијата на САД за апсење на Мадуро. Тој додаде дека Русија останува посветена на своите договори со Венецуела, руски сојузник.
Лавров посочи дека САД го оштетуваат сопствениот имиџ со напуштање на принципите што ги промовираа толку долго. „Нашите американски колеги изгледаат несигурно кога дејствуваат на овој начин“, предупреди Лавров на прес-конференција со својот намибиски колега во Москва.
Запрашан за извештајот на Блумберг дека претставникот на Белата куќа Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, сакаат да ја посетат Москва за да се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин, Лавров истакна дека Путин постојано повторува дека е отворен за сериозни мировни разговори во Украина.
„Би било корисно ако Вашингтон ја информираше Москва за најновите мировни предлози за Украина“, истакна Лавров.
Свет
„Последиците би биле невидени кога би се загрозил суверенитетот на сојузниците“, предупреди Макрон
Доколку суверенитетот на една европска земја и нејзините сојузници биде загрозен, последиците би биле невидени, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на денешната седница на кабинетот, алудирајќи на напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз арктичката територија.
„Не ги потценуваме изјавите за Гренланд“, рече Макрон, според портпаролката на владата Мод Брежон.
„Доколку суверенитетот на една европска земја и нејзините сојузници биде загрозен, последиците би биле невидени. Франција ја следи ситуацијата многу внимателно и ќе дејствува во целосна солидарност со Данска и нејзиниот суверенитет“, додаде тој.
Претходно во текот на денот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека постои силна врска меѓу ЕУ и Гренланд и дека народот на Гренланд може да смета на поддршката на ЕУ.
Министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд ќе се сретнат подоцна денес во Белата куќа со потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, по неколкунеделните закани од претседателот Доналд Трамп против Гренланд, автономна територија во рамките на Данска.
Свет
Јапонската премиерка ќе го распушти парламентот и ќе свика предвремени избори
Јапонската премиерка Санае Такаичи планира да го распушти парламентот следната недела и да свика предвремени општи избори, изјави во среда генералниот секретар на нејзината владејачка партија.
Според информиран извор и домашни медиуми, Такаичи размислува за одржување на изборите на 8 февруари. „Мораме да побараме нов мандат“, изјави Шуничи Сузуки, генерален секретар на Либерално-демократската партија, за новинарите по состанокот со премиерот во среда.
Како прва жена премиер во Јапонија, Такаичи сака да го искористи порастот на јавната поддршка за нејзината влада откако ја презеде функцијата во октомври за дополнително да го зајакне своето парламентарно мнозинство.
Сузуки рече дека изборите ќе им овозможат на гласачите да одлучат за новата коалиција на Либерално-демократската партија со десничарската Јапонска партија за иновации (ЈИП), позната како Ишин. Минатата година, Такаичи ја прекина соработката со долгогодишниот коалициски партнер Комеита.
„Една од причините за распуштањето на парламентот е тоа што претходните избори беа одржани под владите на Либерално-демократската партија и Комеита; јавноста сè уште не го дала својот став за промената на нашиот коалициски партнер“, рече Сузуки.

