Свет
Рохани: Иран ќе ѝ даде на Европа два месеца за да го спаси нуклеарниот договор

Европа има два месеца да преговара за олеснување на санкциите за Техеран, во спротивно Иран ќе ја иницира „фазата 3“ за повлекување од обврските од нуклеарниот договор од 2015 година, рече иранскиот претседател Хасан Рохани, пренесува РТ.
„Европа има уште два месеца рок за преговори, спогодби и враќање на своите обврски“, предупреди Рохани на состанокот на кабинетот.
Техеран ја повика ЕУ да му обезбеди ослободување од строгите санкции што ги воведе Вашингтон кога САД еднострано го напуштија договорот од 2015 година, познат како ЈЦПОА. Иранските власти предупредија дека постепено ќе ги намалуваат обврските од договорот ако тоа не се случи.
Во почетокот на јули Иран ја активира првата фаза на оваа стратегија со зголемување на резервите од збогатен ураниум над ограничувањето од 300 килограми, наметнато од ЈЦПОА. Втората фаза, збогатување на ураниум над 3,66 отсто, беше реализирана набргу потоа.
Рохани не прецизира кој ќе биде следниот чекор, но навести дека тоа ќе игра важна улога во трансформацијата на нуклеарната програма на нацијата.
„Третиот чекор е од исклучително важна природа и значително ќе ги забрза активностите за нуклеарната енергетска организација на земјата“, рече тој.
Рохани истакна дека влијанието на овој потег ќе биде исклучително огромно.
Франција претходно предложи да му се понуди на Иран 15 милијарди долари кредитни линии ако во целост се врати во согласност со JЦПOA. Овој потег ќе му помогне на Иран да ги неутрализира санкциите на САД, кои беа насочени кон неговата трговија со нафта и кон финансискиот сектор.
Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, потврди дека земјата ќе се врати на договорот ако ЕУ продолжи да купува нафта од Иран или ако обезбеди соодветна кредитна линија.
Вашингтон инсистира дека санкциите се неопходни за да се изврши притисок врз Иран да ги затвори своите нуклеарни и балистички ракетни програми, како и да ги прекине врските со неколку милитантни групи на Блискиот Исток. Меѓутоа, Техеран негира какво било дело и тврди дека санкциите се неоправдани и незаконски според меѓународното право.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан: Штета е што Фон дер Лајен мора да се грижи, листата на недостатоци на ЕУ им е позната на сите

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека е штета што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, морала да се грижи и да се бори додека ја презентирала состојбата на ЕУ во својот годишен говор до нацијата бидејќи листата на слабости на Унијата им е позната на сите.
„Урсула фон дер Лајен денес ја оценува состојбата на Унијата. Штета е што мора да се грижи“, напиша Орбан на својата страница на социјалните мрежи, објавува унгарски „Немзет“.
Тој додаде дека листата на недостатоци им е позната на сите – бавна економија, влошување на конкурентноста, миграциска криза и насилство, изгубена војна, бесмислена зелена политика.
„Народите на Европа се презаситени од ова. Затоа патриотските сили стануваат посилни во цела Европа. Затоа француската влада постојано пропаѓа, затоа Навроцки победи во Полска и затоа Андреј Бабиш ќе победи во Чешка“, напиша Орбан на „Фејсбук“ со забелешка дека „срамно е што Урсула фон дер Лајен мора да страда“, пренесува „Танјуг“.
Денес, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го одржа својот годишен говор до нацијата во Европскиот парламент, прв во нејзиниот втор мандат, и изјави дека само обединета и повторно обединета Европа може да биде независна Европа, дека поголема и посилна Унија е гаранција за безбедноста на сите и дека иднината на Западен Балкан, Украина и на Молдавија е во ЕУ.
Фото: принтскрин
Свет
Британскиот премиер: Упадот со руски беспилотни летала во Полска е исклучително загрижувачки

Британскиот премиер Кир Стармер утрово остро го осуди рускиот упад во полскиот воздушен простор нарекувајќи го екстремно загрижувачки.
Стармер го опиша нападот врз Украина како варварски и додаде дека тоа е грубо неодговорен потег на Русија што само го потврдува очигледното непочитување на мирот од страна на Путин и континуираното бомбардирање невини Украинци.
Тој рече дека разговарал со полскиот премиер Доналд Туск за јасно да ја стави до знаење поддршката на Обединетото Кралство. „Искрено сум им благодарен на НАТО и на полските сили, кои бргу реагираа за да ја заштитат алијансата“, рече Стармер.
Тој додаде дека Велика Британија, заедно со партнерите и преку раководството на коалицијата на волјата, ќе продолжи да го зголемува притисокот врз Путин сè додека не се постигне праведен и траен мир.
Фото: принтскрин
Регион
Трагедија на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград: маж почина штом слета од Тунис

Вистинска драма се одвивала синоќа, еден час по полноќ, на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, кога на патникот Н. Л. (64) му се слошило штом неговиот авион слетал од Тунис.
Според информациите објавени од „Блиц“, лекарите на аеродромот „Никола Тесла“ веднаш му укажале помош, но човекот не можел да се спаси.
Неговата сопруга била до него цело време. Таа, неофицијално, изјавила дека на нејзиниот сопруг му се слошило штом излегол од авионот. Лекарите итно реагирале, но и покрај нивните напори, немало начин да се спаси.
За случајот било известено Вишото јавно обвинителство, кое нареди обдукција на телото на мажот, објавија српските медиуми.