Свет
САД одбиваат да ги укинат санкциите кон Иран
САД денес ја отфрлија можноста за укинување на санкциите кон Иран, што е предуслов за реализација на заемот од 15 милијарди американски долари за помош на Иран според францускиот предлог.
Претходно денеска висок ирански официјален претставник потврди дека Техеран ќе се врати на своите обврски од нуклеарниот договор ако го добие заемот во износ од 15 милијарди долари.
„Ние јасно ставивме до знаење дека ќе продолжиме да го притискаме Иран и немаме намера да одобриме никакво изземање или да ги укинеме санкциите“, рече американскиот претставник за Иран, Брајан Хук, додавајќи дека Соединетите Американски Држави ја зголемуваат својата кампања за максимален притисок.
Франција предложи 15 милијарди американски долари кредитни линии до крајот на годината, што би се реализирало доколку Техеран целосно го почитува нуклеарниот договор во 2015 година.
Во 2018 година американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор што Иран го потпиша со светските сили. Според тој договор, се укинуваат меѓународните санкции кон Иран во замена за откажување од нуклеарно оружје. Оттогаш, Трамп воведе построги санкции за Иран и забрани секаков извоз на иранска нафта. Извозот беше дозволен во само осум земји, вклучувајќи ги и Кина и Индија, но овие ослободувања беа укинати во мај.
Иранската влада одговори на овие потези делумно откажувајќи се од некои одредби од нуклеарниот договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белата куќа: Фластерите на рацете на Трамп не се поради повреда
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека фластерите кои во неколку наврати беа забележани на рацете на американскиот претседател Доналд Трамп не се резултат на повреда, пренесе Унилад.
Таа на прес-конференција објасни дека Трамп постојано се ракува со голем број луѓе, додавајќи дека Овалната соба „е како Гранд Централ станица“. Ливит наведе и дека претседателот секојдневно зема аспирин, што може да придонесе за појава на модринки.
Објаснувањето предизвика реакции и дополнителни прашања во јавноста, но од Белата куќа инсистираат дека здравјето на претседателот е добро. Лекарот на Белата куќа на 1 декември соопшти дека 79-годишниот Трамп е во „одлична општа здравствена состојба“ по извршен систематски преглед.
Свет
СЗО: Нема поврзаност меѓу вакцините и аутизмот
Светската здравствена организација (СЗО) објави нова анализа со која повторно потврдува дека не постои причинско-последична врска меѓу вакцините и аутизмот, спротивно на тврдењата што кружат во јавноста. Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека аутизмот не е несакан ефект од вакцините.
Анализата на Советодавниот одбор за безбедност на вакцините опфатила 31 научна студија спроведена во повеќе земји во период од 15 години, вклучувајќи вакцини што содржат алуминиум и тиомерсал. СЗО наведува дека ова е четврта ваква ревизија по оние од 2002, 2004 и 2012 година, и сите дошле до ист заклучок – вакцините не предизвикуваат аутизам.
Од СЗО потсетуваат дека тврдењата за поврзаност потекнуваат од студија од 1998 година која подоцна била повлечена поради фалсификувани податоци. Организацијата нагласува дека вакцините остануваат едни од најважните медицински достигнувања и дека значително придонеле за намалување на смртноста кај децата.
Свет
Си-ен-ен објави: Американската ФДА разгледува воведување највисоко предупредување за вакцините против ковид-19
Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) планира да воведе т.н. „блек бокс“ предупредување, највисоко ниво на безбедносно предупредување, за вакцините против ковид-19, објави Си-Ен-Ен.
Станува збор за предупредување кое се користи за истакнување на сериозни ризици, животозагрозувачки и трајни несакани ефекти, кои мора да се земат предвид во однос на придобивките од вакцината. Планот сè уште не е конечен и не е јасно дали ќе се однесува само на мРНА вакцините или на сите вакцини против ковид-19, ниту дали ќе ги опфати сите возрасни групи.
Американското Министерство за здравство и социјални услуги (ХХС) не го потврди планот, наведувајќи дека без официјална објава од ФДА, станува збор за шпекулации.
Според научни проценки што ги пренесува Си-Ен-Ен, вакцините против ковид-19 во првата година од примената спречиле околу 20 милиони смртни случаи во светот. Податоците на американскиот ЦДЦ покажуваат дека вакцинираните деца во сезоната 2024/2025 имале значително помал ризик од итни лекарски интервенции поради ковид-19.
ФДА претходно побара проширување на предупредувањата за ризик од миокардитис и перикардитис, ретки воспаленија на срцето, кои најчесто се јавувале кај млади мажи по мРНА вакцините. Според ЦДЦ, повеќето случаи завршиле со закрепнување, без смртни исходи.
Повеќе експерти предупредија дека воведување на „блек бокс“ предупредување без јавно достапни докази може да ја наруши довербата во вакцините. Од ФДА и HHS ги отфрлија тврдењата дека процесот е политички мотивиран.
Конечната одлука на ФДА се очекува до крајот на годината, но плановите сè уште може да се променат.
Фото: Депозитфотос

