Вести
Трамп повика да им се забрани на муслиманите влегување во САД
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/donald20tramp20prsti20govornica.jpg)
Водечкиот кандидат за номинација на Републиканската партија за американските претседателски избори во 2016-та, милијардерот Доналд Трамп, повика на „целосна и комплетна“ забрана за влегување на муслиманите во САД, сметајќи дека тие „ги мразат Американците“, во атмосфера на впечатоците од неодамнешниот терористички напад во Калифорнија кога млада муслиманска брачна двојка која се радикализирала уби 14 и рани уште 21 човек.
„Дури и без резултатите од разните испитувања на јавното мнение, секому е очигледно дека омразата го надминува секој разум. Од каде доаѓа и зошто, ни претстои да утврдиме. Додека ние размислуваме и се обидуваме да го разбереме проблемот и заканата што тој ја претставува, нашата земја ќе стане жртва на страшен напад од луѓе кои веруваат само во џихад кои немаат расудување и уважување за човечкиот живот“, се вели во писмената изјава на Доналд Трамп во која ја објаснува својата идеја.
Притоа се истакнува дека некои испитувања на јавното мнение, како на Центарот за безбедносни политики, покажуваат омраза на муслиманите кон Американците, што нацијата може да ја доведе во опасност.
Во изјавата се укажува на податоци од социолошко истражување, според коешто „значителен дел од муслиманското население на САД чувствува омраза кон Американците“ и „25 отсто од испитаниците се согласни дека насилството врз Американците е дел од глобалниот џихад“, при што половината од муслиманските испитаници сметаат дека муслиманите во САД имаат право да живеат според шеријатскиот закон.
„Доналд Трамп повикува на општа и целосна забрана за влез на муслиманите во САД, сé додека оние кои ја претставуваат земја не разберат што се случува“, се вели во соопштението објавено од неговата служба за односи со јавноста. Се додава и оти Трамп изразува уверување во својата победа на американските претседателски избори во ноември 2016 година. „Одново ќе ја направиме Америка голема земја“, ветува тој.
Медиумите побарале од предизборниот штаб на Доналд Трамп да прецизира за кои групи точно се однесува предложената забрана за влез во САД, на имигрантите или на туристите и странските студенти. „За сите“, лаконски изјавил портпаролот на кампањата, Кори Левандовски, пренесуваат агенциите.
Белата куќа веднаш реагираше на оваа изјава, нарекувајќи ја „неамериканска“, и појаснувајќи делка таа е спротивна на сите американски вредности, а исто така и спротивна на интересите на националната безбедност.
Невладината организација Совет за американско-исламски односи, пак, го нарече предлогот на Трамп „фашистички“. „Водечкиот претендент на републиканците за претседател издаде соопштение кое во својата суштина е фашистичко. Тоа треба да ги алармира не само американските муслимани, туку и сите Американци“, изјави директорот на организацијата, Ибрахим Хупер.
Според оцените на американските политички коментатори, изјавата на Трамп е најжестоката, според формата и смислата, реакција меѓу политичарите во САД, по трагедијата од 2-ри декември во Сан Бернардино, која двајцата исламски радикализирани сопружници, Саид Ризван Фарук и неговата сопруга Тешфин Малик, вооружени со автоматски пушки го извршија масакрот на божикниот прием во центарот за лица со ментални пречки.
Двајцата беа застрелани по неколку часа во престрелка со полицијата, а истрагата откри дека внимателно го подготвувале нападот, а можеби и поголем, бидејќи во нивниот дом биле откриени елементи за изработка на десетици импровизирани експлозивни направи./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.