Економија
Бектеши: Косово ја укина забраната за увоз на компир и мед од нашата земја
Министерството за трговија и индустрија на Косово, денеска го извести Министерството за економија на Северна Македонија дека се укинати бариерите за извоз на мед и компир. Според договореното на состанокот меѓу министерот за економија, Крешник Бектеши, и министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрид Шала, кој се одржа пред две недели, Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово на крајот на минатата недела ги достави потребните документи дека е извршен активен и пасивен мониторинг на икри и подмладок, кои беа потребни за да може да ги увезува овие производи во Република Северна Македонија.
Кога Агенцијата за храна и ветеринатрство на Република Северна Македонија изврши увид на терен и утврди дека се исполнети сите обврски од косовската страна, во согласност со законската регулатива Министерството за економија денеска донесе одлука Република Косово повторно да биде ставена на листата на земји од кои е дозволен увоз на икра и подмладок.
„Иако со задоцнување од една недела, Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово ја достави програмата за спроведување на активен и пасивен мониторинг за икри и подмладок на риби и согласно тоа Агенцијата за храна и ветеринарство на Северна Македонија повторно го стави Косово на листата на држави од кои може да се увезува икри и подмладок, а со тоа и Косово ја укина забраната за увоз на компир и мед од нашата земја. Со тоа целосно се отстрануваат пречките што настанаа од двете страни“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Тој потенцира дека Северна Македонија нема да прави компроимиси кога станува збор за стандардите што треба да бидат исполнети во согласност со европската регулатива.
„Ние како Влада сме целосно посветени на исполнување на сите стандарди, а имајќи предвид дека во октомври очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската Унија, ние ги преземаме сите обврскии и нема да отстапиме. Како Влада правиме сè што е во наша можност да отвориме нови пазари, но истовремено и да ги заштитиме граѓаните со поголема контрола на здравствената состојба на производите што се увезуваат во земјата“, потенцира Бектеши.
Мерката за забрана на увоз на икри и подмладок не беше преземена само за Република Косово, туку и за сите земји што не спроведуваат активен и пасивен мониторинг во врска со рибните производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos
Економија
ТАВ Аеродроми: 2025 година се заокружи со 3,5 милиони патници што е 9 отсто зголемување
Во 2025 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужија 3,5 милиони патници и 26.500 летови.
Двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид минатата година опслужија 3,5 (3.475.288) патници што е зголемување од 9% во однос на 2024 година.
Во 2025 година двата аеродроми опслужија 26.500 летови, што е за 4% повеќе во однос на истиот временски период, од јануари до декември, 2024 година.
„Успехот што го постигнавме во 2025 година не е случаен. Тој е резултат на јасна стратешка насока, фокусирани инвестиции и силни партнерства. Зголемувањето од 9% на бројот на патници и 4% пораст на летовите на двата македонски аеродроми е директна потврда дека вложувањата во модернизација на инфраструктурата, унапредување на оперативната ефикасност и проширување на мрежата на авиолинии даваат конкретни и мерливи резултати. Дополнително, новите дестинации, континуираната соработка со авиокомпаниите, зголемената побарувачка за патувања и посветеноста на нашите вработени овозможија стабилен и одржлив раст. Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат силна основа за уште поамбициозен развој во наредниот период,“ вели Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Само во декември 2025, статистиката на ТАВ Македонија покажува двоцифрено зголемување на процентите на опслужени патници на двата аеродроми од дури 25% во споредба со декември 2024, една година претходно, или преточено во бројки, 294.781 патници.
Во последниот месец од минатата година пак, реализирани се 2,019 летови што е за 7% повеќе од декември во 2024 година.
Стабилен пораст покажува и дневниот пресек на патници во 2025. Скопскиот аеродром дневно во просек опслужуваше 8.786 патници што е за 9% повеќе од 2024 година, а преку
охридскиот, дневно патувале 767 патници што е за 16,3% повеќе споредено со минатата година.
Одделните анализи за двата аеродроми за периодот од јанури до декември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 3.211.419 што е за 8,7% повеќе споредено со истиот период во 2024 година, а додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 20% со услужени 263.869 патници.
Истанбул, во сите 12 месеци од 2025 беше најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје до двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 16,6% пазарен удел. Потоа следуваат Базел Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен – Меминген (4,2%).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (25,4% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (23,6%), Швајцарија (10,8%), Италија (5,5%) и Шведска (4,3%).
Од Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов летаат вкупно 15 авиокомпании кон 49 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид три авиокомпании летаат до 7 дестинации.
Според најавите на авиокомпаниите, од март годинава, мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома ќе се зголеми, со отворањето на нови авиолинии и нови дестинации. Виз ер ќе почне да лета од Скопје до Неапол и ќе ја врати авиолинијата од македонскиот главен град до Будимпешта, додека од Охрид ќе почне да лета до Милано. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ги врати полските туристи во Охрид со отворањето на новата авиолинија од Вроцлав и враќањето на летовите од Катовице.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash

