Свет
Франција го повика Иран да се воздржи од какви било акции

Француското Министерство за надворешни работи го повика Иран да се воздржи од какви било конкретни акции кои не се во согласност со обврските на таа земја кон нуклеарниот договор од 2015 година.
Иран претходно соопшти дека од петок ќе почне со развој на центрифуга заради забрзување со збогатувањето на ураниумот, што е уште еден чекор во намалувањето на почитувањето на обврските од договорот постигнат со светските сили.
„Иран мора да се воздржио д сите конкретни акции, кои не се во согласност со неговите обврски и кои можат да ги нарушат напорите чија цел е деескалација“, рекла портпаролката на француското министерство, Агнес фон дер Мил.
Таа додала дека Париз ќе проучи објавата за Иран, заедно со своите партнери и агенцијата за атомска енергија во ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Реакции на ЕУ и НАТОпо американскиот напад врз Иран

Британскиот премиер, Кеир Стармер, го повика Иран да се врати на преговарачката маса и рече дека стабилноста во регионот останува приоритет, се вели во соопштението од Даунинг стрит, по американските напади врз три од главните ирански нуклеарни постројки, додека НАТО објави дека ја следи ситуацијата, а ЕУ исто така повика на преговори.
„Нуклеарната програма на Иран е сериозна закана за меѓународната безбедност. На Иран никогаш не смее да му се дозволи да развие нуклеарно оружје, а САД презедоа чекори за да ја ублажат таа закана“, рече Стармер во изјавата.
„Го повикуваме Иран да се врати на преговарачката маса и да постигне дипломатско решение за ставање крај на оваа криза“, рече тој.
Британскиот министер за трговија изјави за Скај њуз дека Лондон не бил вклучен во американските напади врз Иран и дека не добил барање за користење на британската база во Диего Гарсија, но дека бил информиран за нападите.
Претставник на НАТО за Ројтерс изјави дека Алијансата внимателно ја следи ситуацијата. Запрашан за одговорот на Алијансата на нападите и какво било можно влијание врз неборбената мисија на НАТО која спроведува активности за обука и градење капацитети во соседен Ирак, официјалниот претставник рече: „Се разбира дека внимателно ја следиме ситуацијата“.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, побара од сите страни да се вратат на преговарачката маса, но исто така нагласи дека не смее да му се дозволи на Техеран да развие нуклеарно оружје.
„Ги повикувам сите страни да се повлечат, да се вратат на преговарачката маса и да спречат понатамошна ескалација“, рече таа, додавајќи дека министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе разговараат за ситуацијата.
„Не смее да му се дозволи на Иран да развива нуклеарно оружје“, рече Калас во објавата на платформата на социјалните мрежи „Икс“.
Ирак остро ги осуди американските напади врз нуклеарни постројки во соседен Иран и предупреди на последиците за безбедноста на Блискиот Исток.
„Оваа воена ескалација претставува сериозна закана за мирот и безбедноста на Блискиот Исток и сериозни ризици за регионалната стабилност“, соопшти ирачката влада.
Багдад повика на итна деескалација и употреба на дипломатија за смирување на кризата.
„Ова мора да се направи на начин што ќе ја заштити колективната безбедност и ќе ги почитува принципите на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации“, додаде портпаролот на ирачката влада во онлајн изјава.
Ирак, кој одржува добри односи и со Вашингтон и со Техеран, се обидува да остане настрана од сегашната војна меѓу Иран и неговиот голем ривал Израел.
Саудиска Арабија изрази „голема загриженост“ по американските напади врз иранските нуклеарни локации, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на „Икс“.
Кралството ја повика меѓународната заедница да ги засили напорите во такви „многу чувствителни околности“ за да се постигне политичко решение за ставање крај на кризата.
Катар рече дека опасните тензии по американските напади врз иранските нуклеарни локации ќе доведат до „катастрофални последици“ на регионално и меѓународно ниво, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на „Икс“.
Министерството го осуди „влошувањето“ на ситуацијата по американските напади, се вели во соопштението.
Свет
Претседателот на Израел: Не знаев дека САД ќе нападнат во Иран, се разбудив кога се случи тоа

Израелскиот претседател Исак Херцог изјави за Би-Би-Си дека американскиот напад врз Иран е „историска и храбра одлука“.
На прашањето дали иранскиот нуклеарен капацитет е уништен, Херцог рече дека не ги знае сите детали, но додаде: „Сосема ми е јасно дека иранската нуклеарна програма е сериозно погодена“.
На директно прашање дали Израел побарал од американскиот претседател Доналд Трамп да го нападне Иран, Херцог рече: „Одлуката ја оставивме на Американците“ и додаде дека не знаел дека САД ќе ги нападнат иранските нуклеарни постројки.
„Се разбудив кога тоа се случи“, рече тој.
На прашањето дали Израел сега ќе престане да го напаѓа Иран, Херцог не даде директен одговор. Наместо тоа, тој рече дека Иран истрелува ракети на израелска територија и дека мора да направат се што е потребно за да се одбранат од ракетите.
„Начинот да се направи тоа е, се разбира, да се реши прашањето на меѓународно ниво и да се обезбеди стратегија за излез“, додаде тој.
Свет
Небото над Блискиот Исток по нападот на САД

Авионите продолжија да избегнуваат големи делови од Блискиот Исток денеска по американските напади врз иранските нуклеарни постројки, според сајтот за следење летови „Флајт Радар 24“, при што сообраќајот веќе се заобиколува во воздушниот простор на регионот поради неодамнешните меѓусебни ракетни напади на Израел и Иран.
„По американските напади врз иранските нуклеарни постројки, комерцијалниот сообраќај во регионот функционира под новите ограничувања на воздушниот простор воведени минатата недела“, известува „Флајт радар“ на платформата „Икс“.
Нивната веб-страница покажува дека авиокомпаниите не летаат во воздушниот простор над Иран, Ирак, Сирија и Израел. Тие избраа други рути како север преку Каспиското Езеро или југ преку Египет и Саудиска Арабија, дури и ако тоа резултира со повисоки трошоци за гориво и екипаж и подолги летови.