Култура
„Болка и слава“ на Алмодовар го отвора фестивалот „Браќа Манаки“, кинематограферот Алкаине гостин во Битола
Јубилејното 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ на 14 септември ќе го отвори новиот филм на Педро Алмодовар „Болка и слава“, соопшти Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот. Во Битола ќе пристигне и кинематограферот на филмот, Хозе Луис Алкаине, кој е лауреат на „Златна камера 300“ на 34. издание на фестивалот во 2013 година.
„Заедно со Благоја Куновски – Доре последните години настојувам повеќе да ја вклучиме Битола во она што значи наш и ваш фестивал, тој е заеднички проект што го прославува филмот и кој ни ги носи најинтересните и најкротки луѓе од филмската индустрија. Годинава, покрај големиот број кинематографери што ќе бидат гости, на фестивалот ни доаѓа шпанскиот киематографер, кој е наш лауреат и прв соработник на Алмодовар, тоа е Хозе Луис Алкаине, кој доаѓа за филмот на отворањето, кој многу тешко го добивме и чест ми е што ова јубилејно 40. издание на Фестивалот „Браќа Манаки го отвораме со ремек-делото на Педро Алмодовар, „Болка и слава“. А по официјлната проекција, обезбедивме уште една проекција на филмот, што не беше лесно, но секоја година се обидуваме граѓаните од Битола да имаат свое место зашто ова е наш заеднички фестивал. Повеќето од екипата се од Битола, на кои јас искрено им благодарам за нивната снаодливост и професионализам. Им благодарам и на нашите партнери: агенцијата „Меккен“, „Електрани“, „Тиквеш“, „Пелистерка“, „Божиновски“, „Вертиго“, „Филеви“, „Неком“ и „Неотоел“, Халк банка и Комерцијална банка. Ви носиме многу филмски изненадувања и доживувања, меѓу кои е и филмот за затворање на фестивалот, тоа е „Манаки во слики“, новиот филм на Роберт Јанкулоски. Се одлучиве јубилејното издание да го затвориме со оние на кои им го посветуваме овој фестивал, пионерите што со своите камери се втрурнале во животот и како што кажале: „Едно кадро за мене, едно за историјата“ и навистина така излезе“, рече Теодосиевска.
По повод отворањето на Фестивалот со шпанскиот филм на Алмодовар. вчера се обрати и амбасадорот на Кралството Шпанија, Емилио Лоренцо Сера, кој истакна дека дека е среќен што е во Битола, градот на конзулите и на браќата Манаки.
„Навистина ми е драго што Фестивалот одлучи да ја проследи траекторијата на 40-годишната работа на Алмодовар и на неговиот соработник и пријател Хозе Луис Алкаине да ја спои со својот јубилеј и го избраа нивниот филм за отворањето. Како амбасадор на Кралстовто Шпанија, се гордеам со Алмодовар и сум благодарен што ја слави неговата работа затоа што самиот тој се наметна како можеби најрепрезентативен режисер за Шпанија зашто најдобро го отслика она што се случуваше во последните 40 години откако станавме демократска држава. Алмодовар одеше во чекор со демократските промени, но и го критикува општеството со доза од својот специфичен хумор. Неговите филмови навистина се рефлексија на модерна Шпанија“, рече амбасадорот Сера. Тој додаде дека примерот на Шпанија , која не е идеална држава, е пример за демократски промени кон кои се стреми Република Северна Македонија, која ја чекаат влезот во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. „Само со конструктивна критика се оди напред и затоа уметниците и режисерите како Алмодовар се толку важни за општеството“, рече тој.
Уште еден специјален гостин, покрај познатиот режисер Фатих Акин, е и светски познатиот ирски драматург, режисер, сценарист и продуцент Џим Шеридан, кој на Фестивалот доаѓа како претставник на Европската филмска кадемија (ЕФА). Тој има шест номинации за „Оскар“ и е автор на антологиски филмови во светската кинематографија, како „Моето лево стапало“ (1989), „Во името на таткото“ (1994), „Боксер“ и други.
„Големото име како Џим Шеридан покажува каков е односот на ЕФА кон нашиот фестивал кога како свој делегат за 40. издание го испраќаат големиот автор Шеридан“, рече Благој Куновски – Доре.
Уметничкиот директор и селектор на главната програма, Куновски, ја претстави годинешната селекција на филмови во конкуренција за „Златна“, „Сребрена“ и „Бронзена камера 300“.
„Времињата во кои светот ја препознава својата цивилизациска реалност, за жал, се оловно тешки од многу аспекти кои ја отсликуваат декаденцијата на човештвото. На тоа вистинските автори не може да останат слепи и да ја кријат вистината под тепих.
Во селекцијата „Камера 300“ природно морав да вклучам што повеќе филмови со таква, би рекол, експлозивна визуелна динамика што ги одразува и надградува идеите на сценаристите и режисерите. И како врв на задоволството за квалитетната селекција во компетицијата „Камера 300“ е ремек-делото, според мене, моралниот победник во Кан – „Болка и слава“, рече Куновски.
Тој додаде дека повеќето од кинематограферите на филмовите во главната програма ќе бидат гости на Фестивалот во Битола.
Исто така, тој ги соопшти и имињата на годинешното меѓународно жири, во чиј состав се Едвард Лакман (САД), претседател, и Ненад Дукиќ (Србија), Доминик Велински (Франција), Калојан Божилов (Бугарија) и Фејми Даут (РС Македонија).
Бистра Георгиева, раководителка на програмата „Креативна Европа – медија“, ѝ честита на екипата на Фестивалот и рече дека е голем успех на Фестивалот што оваа европска програма го препозна тоа и стана партнер на Фестивалот, што е голем успех. Таа информира дека на ова фестивалско издание „Медија деск МК“ во соработка со „Медија дескот“ од Хрватска и Хамбург, на 19 септември ќе организира „Филмски разговори“ на тема: Успех: отскок или стапица?!
Покрај другите филмски програми, и годинава ќе се одржи Детската програма, во партнерство со „Бимилк“, кој за децата ќе организира креативна работилница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Факултетот за музичка уметност го најави годишниот концерт „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“
Факултетот за музичка уметност – Скопје го најави годишниот концерт насловен „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“, кој ќе се одржи во петок, 5 декември, со почеток во 20:00 часот во Големата концертна сала на Македонската филхармонија. Настанот е дел од одбележувањето на 59-годишнината од постоењето на институцијата.
ФМУ – Скопје истакнува дека како алма матер на голем број уметници од земјата и регионот, останува централниот столб на музичкото и балетското образование, создавајќи генерации изведувачи, педагози и творци кои го обликуваат уметничкиот живот во Македонија.
На концертната програма ќе настапат Симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“, Оркестарот од народни инструменти со солисти, студенти од Катедрата за балетска педагогија, од Катедрата за џез и популарна музика, како и дувачкиот ансамбл на ФМУ, под водство на проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски.
Публиката ќе има можност да слушне дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, македонска традиционална музика, како и нови композиции од студентите А. Голчева и М. Цветановска.
Влезот на настанот е слободен.
Култура
Сè што ни е заедничко“ – во МСУ изложба што го иницира прашањето „Дали навистина го дишеме истиот воздух?“
Сè што ни е заедничко (Институција во дишење) – нова изложба во МСУ-Скопје од 27 ноември
Во Музејот на современата уметност – Скопје на 27 ноември 2025 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција во дишење)“, кураторски проект на Мира Гаќина и Јованка Попова.
Во изложбата учествуваат Forensic Architecture, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и Палестинскиот музеј.
Проектот тргнува од прашањето дали навистина го дишеме истиот воздух. Изложбата го поставува воздухот како ресурс што формално го делиме, но не и еднакво, укажувајќи на токсичните атмосфери – буквални и политички – и на позицијата на маргинализираните заедници.
Инспирирана од концептот на Фанон за „борбено дишење“, поставката ги истражува уметничките практики што откриваат колонијални, империјални и капиталистички структури впишани во воздухот што го дишеме. Авторите визуелизираат токсични облаци, архиви на насилство и невидливи атмосфери што влијаат врз секојдневието.
Паралелно со изложбата, која ќе трае до крајот на февруари, ќе се одржат јавни програми. Во рамките на проектот „Институционални градини“ на Зорица Зафировска ќе има детски работилници за садење и изработка на семенски топчиња, активности за чистење и обновување на просторот околу МСУ, поставување компостна кутија и прикажување едукативни видеа.
Со оваа поставка МСУ-Скопје се претставува како „институција во дишење“ – отворена, инклузивна и ориентирана кон заедницата, со повик за заедничко размислување и акција. Визуелниот идентитет на проектот е дело на Албана Бектеши.
Култура
Промоција на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска
Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.

