Економија
Анѓушев: Домашниот бруто-производ продолжува со раст од 3,1 отсто во вториот квартал

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, денес, на прес-конференција, ги презентира најновите податоци соопштени од Државниот завод за статистика, кои се однесуваат на растот на домашниот бруто-производ и на намалување на невработеноста.
Тој потенцира дека во вториот квартал на 2019 година продолжи растот на домашниот бруто-производ, пред сè, како резултат на развојот на реалната економија и без интервенции на државата.
„Растот на домашниот бруто-производ во вториот квартал на 2019 година е уште на високи 3,1 отсто, што практично и се очекувани и заедно со растот од првиот квартал од 4,1 отсто тоа е просечно раст од 3,6 отсто во првата половина на годината, што е над предвидувањата и во буџетот кој на почетокот беше детерминиран на 3,2 отсто, а потоа со ребалансот е коригиран на годишен раст од 3,5 отсто“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.
Осврнувајќи се на состојбите на пазарот на трудот, Анѓушев потенцира дека ДЗС забележа нова рекодно ниска стапка на невработеност од 17,5 отсто.
„Сакам само да потсетам дека невработеноста во вториот квартал на 2017 година беше 22,6 отсто, или ако сакаме во апсолутни бројки да кажеме, во тој период од 2 години се вработени 54.391 лице. Од тие, само во вториот квартал на 2019 година вработени се 4.869 лица и оттука е падот од 17,8 на 17,5 отсто“, појасни Анѓушев.
Индустријата, земјоделството, градежиштвото и трговијата се главните столбови на домашниот бруто-производ и сите бележат раст во вториот квартал на 2019 година, рече Анѓушев на прес-конференцијата.
„Индустриското производство исто така е пораснато. Ако земеме само за јули, во споредба со истиот месец 2018 година, тоа е пораснато 5,8 отсто, или ако земеме кумулативно за период од јануари до јули месец 2019 година, во споредба со истиот период лани бележиме раст од 4,9 отсто. Главните генератори на растот на економијата во нашата држава сè уште се индустријата, градежништвото, земјоделството и како резултат на овие гранки и трговијата. Јасно е дека стандардот се зголемува со оглед на покачувањето на нето-платите за ефективни 10 отсто во последните две години, со тоа се зголемува јавната потрошувачка, а воедно се зголемуваат бруто-инвестициите“, заврши вицепремиерот Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности потпишаа Меморандум за соработка

Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности денеска потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува рамка за унапредена размена на податоците и информации од заемен интерес, во функција на подобрување на аналитичките и институционалните активности на двете институции.
Меморандумот, кој го потпишаа гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, претставува основа за систематска и безбедна размена на информации, пред сѐ од Регистарот на цени и закупнини што го води Катастарот како дел од Геодетско-катастарскиот информациски систем.
Преку оваа соработка, Народната банка ќе ги збогати анализите на ризиците од пазарот на недвижности како важен сегмент во рамки на нејзините активности за придонесување кон постигнување и одржување на финансиската стабилност.
Овој документ е одраз на заемната определба на Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности за интензивирање на меѓуинституционалната соработка, базирана на принципите на професионалност, транспарентност и ефикасност, во насока на унапредување на квалитетот на податоците и политиките од јавен интерес.
Економија
Министерството за финансии и Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора почнуваат со редовна комуникација за состојбите на пазарот

На 7 октомври Министерството за финансии и претседателството на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија одржаа работен состанок, којшто го водеше државниот секретар во Министерството, Андриана Матлиоска. На состанокот беа дискутирани актуелните состојби на финансискиот пазар во делот на финансиските друштва.
Врз основа на направените анализи е констатирано успорување на растот на кредитната активност на финансиските друштва по донесувањето на последните измени на Законот за финансиски друштва во јули 2023 година и Правилникот за кредитен ризик од април 2024 година. Така, податоците покажуваат дека во првото полугодие на 2025 година, во вкупното кредитирање во земјата, финансиските друштва учествуваат со 2,3%. Воедно, засилениот надзор од Министерството за финансии над работењето на финансиските друштва влијаеше во насока на консолидација на секторот и намалување на бројот на финансиските друштва од 35 на 26 финансиски друштва.
На состанокот беше поздравено формирањето на Одделението за следење и надзор над работата на небанкарските институции во рамки на Секторот финансиски систем во Министерствот за финансии, преку кое се зајакнува вонтеренскиот и теренскиот надзор на финансиските друштва и имплементацијата на законската рамка и подзаконските акти донесени од Министерството за финансии во својство на регулатор.
Како што беше истакнато на состанокот примарна цел на Министерството за финансии и на Групацијата на небанкарски финансиски друштва е заштита на потрошувачите. Во таа насока од страна на државниот секретар Матлиоска беше истакнато дека Министерството за финансии како регулатор во оваа област, постојано работи на зајакнување на регулативата со цел обезбедување висока заштита на правата на потрошувачите кои користат финансиски услуги од финансиските друштва. При тоа таа додаде дека преку постојани подобрувања на регулативата, финансиските друштва се обврзани да воспостават систем за
управување со кредитен ризик, што значи дека се обврзани одговорно да ја проценуваат кредитната способност на клиентот пред да одобрат кредит.
Во тој контекст претседателството на Групацијата информираше и за спроведување на Етичкиот кодекс кој беше донесен во јуни 2025 година, а кој
На состанокот беше истакната заедничката заложба за поголема транспарентност на податоците и информациите за работата на финансиските друштва во јавноста. Во контекст на ова, а согласно последните измени, покрај регуларните извештаи и обврски за известување кои и досега ги имаа финансиските друштва, истите сега имаат обврска задолжително транспарентно и јавно да го објават својот тарифник со надоместоците на својата веб-страница и на видно место во своите работни простории. Тоа на потрошувачите ќе им овозможи целосен увид во сите трошоци пред склучување на договорот.
Заеднички беше констатирано дека сите преземени досегашни мерки ја потврдуваат посветеноста за финансиската стабилност на пазарот и заштитата на потрошувачите.
(ПР)
Економија
Цените на нафтата се искачија над 66 долари

Цените на нафтата денес се искачија над 66 долари на меѓународните пазари, при што водечките производители објавија само умерено зголемување на понудата кон крајот на годината и индикации за стабилна побарувачка за гориво во САД.
На лондонскиот пазар, цената на барел попладне беше за 1,04 долари повисока од вчерашното затворање, на 66,49 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше по цена повисока за 1,13 долари, на 62,86 долари.
Инвеститорите беа изненадени од објавата на почетокот на неделата од водечките производители дека имаат намера само умерено да ја зголемат понудата кон крајот на годината.
Групата од осум членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници објавија во неделата дека ќе испумпаат само дополнителни 137.000 барели дневно на пазарот во ноември.
Тие веќе ја зголемија понудата за 411.000 барели дневно во септември.
„Осумката“ забележа дека изгледите за глобалната економија се „стабилни“ и дека пазарните индикатори се „моментално здрави“, судејќи според „ниското ниво на залихи“.
Пазарите очекуваа октомври да означи само краткорочен одмор во забрзаната нормализација на залихите.