Македонија
Лекарската комора го осуди нападот на докторот во тетовската болница
Лекарската комора на Македонија најостро го осудува последниот инцидент во Клиничка болница во Тетово во кој, денес во претпладневните часови, родител на пациент нападна и со удари во главата повреди доктор на Одделението за дерматовенерологија. Комората ги повикува надлежните институции и одговорните лица да преземат конкретни мерки за да се спречат ваквите инциденти на физичко насилство над здравствените работници кои согласно законската регулатива на своите рабони места се службени лица.
„Комората има разбирање за здравствените проблеми на пациентите и со нивните блиски, но и во оваа ситуација јасно декларира дека осудува какво било насилство врз медицински персонал. Дотолку повеќе што медицинарите секојдневно се борат за животот на пациентите, посебно кога станува збор за пациенти кои се во сериозна и животозагрозувачка состојба. Комората укажува дека насилството во здравството, за жал, е многу почеста појава отколку што се зборува за неа и покрај тоа што секој поединечен инцидент не е само лична трагедија и траума, туку го урива интегритетот и дигнитетот на докторот, здравствениот работник и здравствениот систем во целина“, се вели во реакцијата на комората.
Лекарската комора апелира секој во рамки на своите ингеренции, да се вклучи во заштита од насилство врз здравствените работници и соработници, а особено на единствено безбедна средина во која се даваат здравствени услуги, гарантира сигурна, стручна и квалитетна здравствена заштита за пациентите.
Заложбата на Лекарската комора е за јасно и транспарентно делување во кое нема никаква толеранција за насилство насочено против лицата кои даваат здравствени услуги, а тоа, мора да се воведе на сите нивоа во секторот на здравствена заштита и јавно да се поддржува, се вели во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски ја претстави Националната стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска го претстави предлог-текстот на новата „Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030“, како петгодишен план за развој на соработката со претставниците од дијаспората, иселениците и припадниците на македонското национално малцинство.
„Денес не претставуваме само документ. Денес ја претставуваме нашата обврска, нашата зрелост и нашата одлучност како држава – конечно, вистински, системски и долгорочно да им се посветиме на нашите луѓе надвор од границите. Македонската дијаспора е најголемата, најсилната и најраспространетата мрежа што ја има нашата земја“, истакна Муцунски во своето обраќање.
„Ова не е Стратегија напишана зад затворени врати, туку во партнерство: институции, експерти, организации, професионалци и, најважно, дијаспората. Таа значи дека Владата ги слуша вашите потреби, предлози и критики. Оваа Стратегија значи дека државата се менува кон модерна, дигитална, достапна и доверлива администрација. Значи дека државата создава систем, а не импровизација; партнерство, а не протокол; долгорочна визија, а не ад-хок мерки“, додаде тој.
Министерот Муцунски нагласи дека културата претставува најсилниот дипломат на државата, бидејќи ја пренесува нејзината душа и идентитет, кој продолжува да живее и преку дијаспората. Тој посочи дека институционалната поддршка за културата, образованието и јазикот е клучна, бидејќи токму јазикот и знаењето се корените што ја чуваат нашата посебност во глобализираниот свет.
Дополнително, истакна дека Стратегијата ја зајакнува националната самобитност и преку развојот на спортот и спортската дипломатија, чии успеси допираат до милиони. Притоа, подвлече дека со инклузивниот пристап при изработката на документот, државата ја гради заедно со сите граѓани, без разлика дали живеат во земјата или во странство, гледајќи на дијаспората не како на „заминати“, туку како мостови на соработка, амбасадори и партнери.
Покрај министерот за надворешни работи и надворешна трговија, на јавната дебата се обратија и неколку министри од клучни ресори важни за подобрување на односите на матичната земја со дијаспората.
На крај, претставниците од дијаспората, граѓанскиот сектор и академската заедница имаа можност да дебатираат на темите опфатени во Стратегијата, која во следните неколку дена ќе биде отворена за јавноста, а секоја заинтересирана страна ќе може да даде дополнителен придонес за нејзино понатамошно подобрување.
Македонија
Словенија ги призна возачките дозволи oд Македонија
Словенија усвои измени на Законот за возачи, со кои им се овозможува на носителите на возачки дозволи издадени во Македонија, кои живеат во Словенија, да ја заменат својата возачка дозвола без да го полагаат практичниот дел од возачкиот испит.
Истите бенефиции важат и за лицата чии дозволи се издадени во БиХ, Србија, Црна Гора и Косово.
Според новите правила, секој што има регистрирано живеалиште во Словенија ќе може да ја замени својата возачка дозвола во рок од една година од аплицирањето. Практичниот дел од испитот нема да биде потребен, но ќе биде задолжително да се обезбеди доказ за ментална и физичка способност за возење.
Во име на предлагачот, Сандра Газинковски (Свобода) објасни дека овие измени не воведуваат никакви привилегии, туку ја отстрануваат непотребната нееднаквост.
„Тоа е административна пречка што ги забавува процедурите за вработување и им предизвикува на луѓето непотребни трошоци, чекање и дополнителни тестови“, изјави таа.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Кејот на Вардар ќе се чисти секојдневно, скопјани заслужуваат убава, уредена и чиста метропола
Во рамки на тековните активности за уредување на јавните површини и подобрување на хигиената во градот, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја информира јавноста за интензивното чистење и одржување на кејот на реката Вардар.
„Континуирано се врши темелно чистење на кејот на реката Вардар, заедно со нејзиното корито. Екипите на јавните претпријатија во координирана и организирана акција, ги расчистуваат пешачките и велосипедските патеки – сè она што со години беше занемарено и што создаваше слика недолична за нашиот град, конечно станува дел од минатото.

Ова одржување ќе биде трајна практика. Кејот ќе се чисти секојдневно, бидејќи скопјани и сите гости на нашиот град заслужуваат убава, уредена и чиста метропола. Вардар, скопскиот бисер, повторно ќе го носи својот сјај, онаков каков што му доликува“, напиша Ѓорѓиевски.

