Европа
Џонсон не сака одлагање на брегзит, убеден е дека има време за нов договор со ЕУ
По донесениот закон кој го обврзува премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, да го одложи најавениот излез на земјата од ЕУ до 31 октомври, ако не биде постигнат договор, тој најави дека брегзит ќе се случи до закажаниот датум и дека нема никакви „ако“ и „но“.
„Премиерот беше многу јасен кога рече дека ќе ја изнесе земјата надвор од Европската Унија до 31 октомври без ‘ако’ или ‘но’. Веќе нема да се согласува на никакви одлагања“, соопштено е од канцеларијата на Џонсон откако со акт на кралицата предлог-законот стана закон.
Пратениците утре ќе гласаат за предлогот на премиерот Џонсон за предвремени избори, со кои тој се обидува да избегне одложување на брегзит, но веројатно е дека Парламентот ќе го отфрли и ова негово барање.
Излегувањето од ЕУ, најдраматичниот геополитички потег на Обединетото Кралство во последните децении, останува под знак прашалник повеќе од три години по референдумот во 2016 година, а можниот исход вклучуваат повеќе сценарија – од излегување без договор до целосно откажување од резултатите на референдумот.
Според законот што го потврди денес кралицата Елизабета Втора, премиерот мора да побара одложување на брегзит до 2020 година, освен ако во меѓувреме не се постигне нов договор со Брисел.
Затоа сега е нејасно кој ќе биде следниот потег на Џонсон, бидејќи лидерите на ЕУ тврдат дека немаат добиено нови предлози, но премиерот е решен да го спроведе брегзит до 31 октомври, во спротивно, според него, ќе се изврши трајна штета во довербата во демократија на земјата.
Џонсон е убеден дека до самитот на ЕУ на 17 и 18 октомври има доволно време да се постигне нов договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Коалицијата на волните договори што по мирот во Украина
Триесет и пет земји од таканаречената Коалиција на волните во вторникот ја поддржаа Париската декларација во која се детално опишани „силните безбедносни гаранции за цврст и траен мир“ во Украина, вклучително и распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот, објави францускиот претседател Емануел Макрон.
Безбедносните гаранции што земјите од коалицијата, првенствено европските, планираат да ги обезбедат со поддршка од САД по евентуалното завршување на непријателствата „се клучни за да се обезбеди дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи предавање на Украина и дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи нова закана за Украина“ од Русија, изјави Макрон на прес-конференција.
Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа политичка декларација што вклучува распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот во Украина.
Претставници на 35-те земји-членки на Коалицијата на волните се собраа во вторникот во Париз за да разговараат за начините за одржување на мирот во Украина во случај на прекин на огнот. Зеленски зборуваше на состанокот, а учествуваа и американскиот претставник за преговори со Русија, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, еден од преговарачите.
Зеленски по состанокот изјави дека сојузниците од Киев го дефинирале начинот на кој европските сили за одвраќање ќе дејствуваат во Украина по прекинот на огнот, како и кои земји ќе учествуваат во него.
Тој додаде и дека Украина водела конкретни разговори со САД за следење на прекинот на огнот и дека смета на наскоро потпишување на безбедносните гаранции.
Некои земји, исто така, веднаш по состанокот изјавија дека нема да испраќаат војници, вклучувајќи ја и Италија, додека Шпанија и Европската Унија изјавија дека имаат намера да го сторат тоа.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека ги информирала европските сојузници на Украина и американските претставници дека ја исклучува можноста за испраќање италијански копнени сили како дел од безбедносните гаранции во Киев во случај на прекин на огнот со Русија.
„Потврдувајќи ја италијанската поддршка за безбедноста на Украина, премиерката Мелони ги повтори клучните точки од ставот на италијанската влада, особено исклучувањето на можноста за распоредување италијански копнени сили“, објави нејзиниот кабинет во соопштение по состанокот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека германските сили би можеле да учествуваат во меѓународните сили, но надвор од Украина.
Шпанија, од друга страна, објави дека ќе предложи учество на својата армија во консолидирањето на мирот во Украина по постигнувањето прекин на огнот, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез на прес-конференција во вторник по состанокот во Париз.
„Шпанската влада ќе предложи да ја отвориме вратата за воено учество во Украина“, рече Санчез, додавајќи дека ќе ја разговара можноста со главните политички партии во земјата.
Порака од Брисел
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во вторник изјави дека Европската унија е подготвена да го поддржи мировниот договор во Украина со цивилни и воени мисии на терен.
„Ќе помогнеме преку цивилните и воените мисии на Европската унија на терен. Украина мора да биде во најсилната можна позиција пред, за време и по какво било прекин на огнот“, рече Коста по состанокот со Зеленски во Париз, одржан како дел од самитот на коалицијата на волните.
Европа
Зеленски: Важно е дека коалицијата денес има конкретни документи, тоа не се само зборови
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е усвоена „суштинска“ декларација за безбедносни гаранции за Украина.
Во изјавата тој рече: „Важно е дека коалицијата денес има конкретни документи. Ова не се само зборови. Постои јасна содржина: заедничка декларација од сите земји од коалицијата и трилатерална декларација од Франција, Обединетото Кралство и Украина“.
Европа
Велика Британија ќе распореди војници во Украина во случај на мир
Канцеларијата на британскиот премиер Кир Стармер соопшти дека потпишувањето на „декларацијата за намера“ е јасен сигнал дека Обединетото Кралство ќе распореди војници во Украина во случај на мировен договор.
Во соопштението од Даунинг стрит се вели дека ова е „клучен дел од силната и долгорочна посветеност на Велика Британија“ за поддршка на Украина.
Најавено е дека Мултинационалните сили за Украина ќе дејствуваат како безбедносна сила за зајакнување на безбедносните гаранции и ќе ѝ помогнат на Украина да се врати во мир и стабилност, истовремено поддржувајќи ја обновата на сопствените вооружени сили.
Додадено е дека потпишувањето на декларацијата го отвора патот за воспоставување правна рамка за дејствување на британските и француските сили на украинска територија, вклучително и заштитата на украинското небо и море. Канцеларијата на премиерот, исто така, изјави дека денешните разговори ги детализирале механизмите за распоредување на силите на терен и дека Обединетото Кралство и Франција ќе воспостават воени центри низ цела Украина по прекинот на огнот, како и заштитени објекти за оружје и воена опрема.

