Македонија
Заев и Мицкоски на лидерска средба за иднината на СЈО

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Собранието треба да одржат лидерска средба на која, според најавите, ќе се обидат да најдат заеднички јазик за Законот за јавно обвинителство, со кој се решава и судбината на специјалното јавно обвинителство.
Лидерската средба е планирано да почне во 20 часот и ќе се одржи во формат еден плус четири. Во фокусот на лидерската ќе биде Законот за Јавно обвинителство, но Мицкоски најави дека ќе ја отвори и темата за предвремени парламентарни избори.
Од ВМРО -ДПМНЕ го потврдија одржувањето на лидерската, но нагласија дека освен за Законот за јавно обвинителство, тема ќе бидат и предвремените избори.
Заев во пораката за Денот на независноста меѓу другото изрази и увереност дека земјата има капацитет со двотретинско мнозинство да го донесе и Законот за Јавно обвинителство.
„Сите случаи и евентуални случаи на криминал и корупција, како во развиените земји, мора да добијат ефикасна, праведна и правична разврска. Тоа го очекуваат граѓаните и со тоа ќе дадеме дополнителни аргументи на ЕУ, дека сме и ние цврсто определени кон правдата и изградбата на правна држава”, порача и премиерот.
Поради скратените рокови, се очекува Законот за Јавно обвинителство да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен, потребно е двотретинско мнозинство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце за излез од државата се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен, извести АМСМ.
Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Дел од Аеродром денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците на улица Филип Богдански, општина Аеродром;
· од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од дел од улицата Црноризец Храбар, од бр. 2 до бр. 20., општина Аеродром.
Македонија
Сончево со мала до умерена локална облачност, температурата до 32 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југозападен правец. Попладне во планинските региони ќе има услови за локален слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 17, а максималната ќе достигне од 25 до 32 степена.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен југозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Времео во наредните денови
Во вторник претежно во планинските региони ќе има услови за локален слаб дожд. Дневните температури ќе бидат малку под просекот за овој период од годината. Од средината на следната седмица времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.