Култура
Гарванлиев, кој се прослави со „Марионка“, ќе настапи во операта „Дидо и Енеј“ во Филхармонија
Македонскиот исклучителен баритон Васил Гарванлиев, кој кариерата успешно ја гради на меѓународните сцени (Чикаго, Милано, Торонто, Лондон) во сферата на класичната музика, но и во водите на поп-музиката, ќе настапи во улогата на Енеј на премиерата на барокната опера „Дидо и Енеј“, која ќе се случи во Камерната сала на Филхармонија на 20 септември во 20 часот.
Во најпознатата опера од британскиот композитор Хенри Персл, „Дидо и Енеј“, ќе настапи и канадската оперска дива, сопранот Криста де Силва како Дидо, која моментно пее во престижните оперски куќи на Едмонтон и Монтреал, потоа еден од најбараните барокни ансамбли – „Г.А.П.“ од Германија, како и ансамблот „ИН МЕДИАС РЕС“ на „Полифонија“.
Станува збор за автентична, концертна изведба на љубовната приказна преточена во опера, во организација на Уметничкиот центар „Полифонија“.
Васил Гарванлиев, кој зад себе веќе има реализирано неколку улоги на светските сцени, вели дека настапот во оваа опера и неговото враќање во Македонија за таа цел, го доживува мошне возбудено. „На едно од првите интервјуа што ги дадов кога бев мал водителката ме праша: ‘Што сака да биде Васил кога ќе порасне?’. Без да размислам кажав дека сакам да бидам оперски пејач. Ниту знаев што е тоа опера, но не бадијала велам и сега: ‘Внимавај што ќе посакаш!’ Се чувствувам среќен и благодарен што ќе настапам во Скопје. Среќен сум всушност, поради тоа што станува збор за барокна опера каде што слободно можеш да си ‘играш’ со гласот, со емоциите, со интерпретацијата… И секако, затоа што ова ми е прва оперска улога дома. One night only!
За неговиот порив да учествува токму во ова дело на Персл, Гарванлиев вели: „Навистина голем мотив е пред сè да настапам во опера дома. Пред неколку години, одлучив да се повлечам од операта и да се фокусирам во креирање на оригинална поп-музика. Овој настап е исклучок. Не можев да ги одбијам ‘Полифонија’ и виолинистката Сања Шуплевска, која стои зад организација за ваква соработка. Со Сања се запознавме многу одамна на настапот на Моцартовата ‘Така прават сите’ каде таа свиреше прва виолина, а јас ја пеев главната улога. Интересно е што двајцата сега вратени во родната земја се трудиме да креираме и да придонесеме за нашата музичка сцена. Ништо не е случајно што повторно се споивме и ќе соработуваме на многу проекти заедно во блиска иднина.“
Инаку, еден од последните ангажмани на Гарванлиев врзани за класичната музика беше премиерата на една современа опера во Лондон, каде што, како што вели, тој имал чест да креира улога од почеток. „Бев дел и од престижниот ‘Марлборо фестивал’ во САД две години по ред, каде што настапив со најдобрите музичари од цел свет. Аудиции не се пракса на овој фестивал, и организаторите сами избираат и ги покануваат уметниците да бидат дел од групата“, вели извонредниот вкалист.
За него најголем предизвик во креирање на една улога е да сподели искрена емотивна приказна преку неговиот глас. „Единаесет години музички се образував за да ги научам сите правила. Иако знаев многу одамна дека сакам да бидам универзален пејач, операта ми помогна да ги научам правилата, и сега е време да се ‘скршат’ истите. Моите планови за иднина се врзани со домашната сцена, се вратив со новиот сингл „Ѓердан“, снимивме акустичен збир на песни со Горан Алич (Дом. Патување. Љубов), и бев дел од евровизискиот тим годинава со Тамара. Во моментов сум навлезен во креативна фаза на пишување музика која многу скоро ќе биде објавена.“
Дел од македонската публика го памети Гарванлиев уште како дете, кога ја испеа познатата „Марионка“ на фестивалот „Златно славејче“. Вели дека токму „Марионка“ го одбележала неговото детство и воедно, на некој начин, тој настап му ‘укажал’ што сака да биде во иднина.
„Благословен сум што толку рано го препознаа мојот талент. По заминувањето во САД, имав јасна визија дека музиката ќе биде дел од мене засекогаш. И ете, приказната уште се гради“, вели Гарванлиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

