Македонија
(Видео) Судскиот совет го разреши Јово Вангеловски
Судскиот совет на денешната седница го разреши Јово Вангеловски од функцијата претседател на Врховниот суд, поради нестручно и несовесно вршење на функцијата. Разрешувањето на Вангеловски е поради одлуката да го спаси од притвор бизнисменот Сеад Кочан во предметот „Труст“ на СЈО.
Вангеловски е разрешен со 7 гласа од 10 членови на Советот. Избран е и ВД претседател. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев не сакаше да открие кој е назначен на местото на разрешениот претседател на судот.
Седницата на која имаше повеќе точки на дневниот ред, почна во 10:30, а заврши во 13:30 часот. Тричлената комисија за извештајот за Вангеловски ја сочинуваа Лидија Каначковиќ, Владо Богдановски и Сашо Ѓорѓиевски.
Сега Вангеловски има право на жалба до Врховниот суд. Разрешување за него беше побарано во декември 2017 година.
Вангеловски без ден судиски стаж, со три години искуство како стручен соработник во Окружниот стопански суд и 20 години адвокатско искуство во мај 2008 година беше избран за судија на Врховниот суд, во граѓанскиот оддел.
Два месеца по изборот беше избран за претседател на Врховниот суд, функција што ја вршеше до 2012 година. По мандатот на Лидија Неделкова, во 2017 повторно на итна седница на Судскиот совет беше избран за претседател на Врховниот суд.
Вангеловски во 2015 година беше споменуван и во прислушуваните телефонски разговори на опозицијата во негов разговор од 2011 година со министерот за транспорт, Миле Јанакиески, за случајот „Глобал“.
Тој беше повикан и на распит во скопското обвинителство за сомнеж за местење предмети во судот и изигрување на АКМИС-системот и годишните распореди за работа на судиите, но обвинителството не го осомничи.
Вангеловски е кум со поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски. Првиот човек на Врховен е во правна војна со тимот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Јово Вангеловски има долг анкетен лист. Во имотниот лист навел дека има четири стана во Скопје, деловен простор, градежно и земјоделско земјиште. Вози „мерцедес“ Е 300, кој го купил во 2013 година, а освен тоа, во гаражата на семејството Вангеловски уште има и „лексус“, „тојота“ и „крајслер“.
Поседува многу акции од кои зема дивиденда, а има и неколку кредити. Претседателот на Врховен е љубител на уметнички слики, а поседува сребрен и златен накит и два рачни часовници „Картие“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

