Македонија
Заев се сретна со новоименуваниот холандски амбасадор

Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со Дирк Јан Коп, новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија во Република Северна Македонија. На средбата e констатирано дека Република Северна Македонија и премиерот Заев лично треба да се гордеат на досегашните постигнувања во демократскиот развој. Изразена е поддршка кон политиките на отворен дијалог на премиерот Заев и на Владата. Во таа насока изразена е оценка дека државата работи на функционални институции, како и охрабрување за натамошен развој, особено на капацитетите на правната држава.
Заеднички е констатирано дека обезбедувањето владеење на правото веднаш значи и подобра економија.
Премиерот Заев изрази благодарност за поддршката на европските држави, вклучително и на Кралството Холандија, за влогот и помошта кон нашата држава во изградбата функционални институции вклучувајќи ја и поддршката во областа на правосудството. Тој посочи дека Република Северна Македонија е држава со функционален парламент, во кој со консензус се донесени клучните реформи што сега треба да донесат бенефит на граѓаните во интеграциска и економска смисла и дека Владата е посветена на ефективен дијалог со опозицијата во името на модерната историја што ја живее нашата држава и отворените перспективи.
„Мора да има развој на капацитетите, особено во правосудниот систем во кој вложивме многу низ реформскиот процес, а во нив придонесоа и земјите членки на ЕУ. Потребно е да се обезбедат гаранции за предметите отворени од СЈО бидејќи мораме да бидеме одговорни кон граѓаните и државата. Правосудството веќе прави чекори, што покажуваат дека системот почнува да функционира на професионален и независен начин. Законот за Јавното обвинителство не е обврска кон ЕУ, но е добар аргумент пред октомврискиот совет на ЕУ дека како држава сме подготвени да ги развиваме капацитетите на институциите на европски начин. Во тој дух ги продолжуваме и разговорите со опозицијата и веруваме дека договор е можен секаде каде што има волја за решение, рече, меѓу другото, премиерот Заев.
На средбата е изразена поддршка за вреднување на покажаниот индивидуален напредок на Република Северна Македонија од страна на ЕУ во пресрет на советот на ЕУ во октомври.
Исто така, констатирано дека Република Северна Македонија е веќе видлива на економскиот пазар, како и дека постојат услови и обострана волја за поголема економска соработка меѓу нашата држава и Кралството Холандија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче бара итни мерки: прегледи за жителите, анализи на воздух и почва, поширока безбедносна зона

Претседателот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, ја оцени ситуацијата по вчерашниот пожар во Трубарево како сериозна и упати конкретни барања до институциите за итно дејствување. Тој истакна дека ваквите кризни настани бараат одговорна, транспарентна и координирана реакција, а не политички спинови и конфузни пораки.
„Граѓаните имаат право да знаат што дишат и што внесуваат во организмот, но и да бидат заштитени од државата. Тоа е нивно основно човеково право, а должност на институциите е да им го обезбедат“, посочува Филипче.
Тој потенцираше дека одговорноста не завршува со гаснење на пожарот, туку дури почнува со справувањето со последиците, кои како што рече можат да бидат долгорочни и опасни по здравјето.
„Јавно барам да се овозможи медицински преглед за сите жители во и околу Трубарево, особено за оние кои биле директно изложени на чадот и токсичните гасови“, изјави тој. Дополнително, побара и лабораториски анализи на воздухот, почвата и водата со јасен фокус на диоксини, тешки метали и HF остатоци, но подвлече дека тие резултати мора да бидат транспарентно објавени.
Филипче посочи и на потребата од обезбедување психолошка поддршка за жителите и пожарникарите кои биле на лице место. „Не можеме како држава да ги оставиме сами со траумата“, нагласи тој.
Претседателот на СДСМ укажа дека воспоставената безбедносна зона од 400 метри е недоволна, и предложи таа да биде проширена на периметар од 500 до 2.000 метри. Во тој радиус, рече тој, мора да се воспостави јасен протокол кој ќе вклучува затворање на училишта ако е потребно, дистрибуција на маски, ограничување на движењето, како и активирање на јавен систем за предупредување преку СМС пораки и локални медиуми.
„Очекувам да бидат поставени мобилни мерни станици кои ќе го мерат загадувањето во реално време, особено по правците на ветерот“, додаде Филипче. Тој исто така предупреди на потребата од долгорочно следење на квалитетот на почвата и водата, информирање на населението дали може да ги користи земјоделските производи, како и дали ќе биде потребна дезинфекција на јавни површини.
На крајот, побара целосна истрага за причините за пожарот. „Потребна е истрага за тоа што точно се случи, зошто немало контрола, каде затаиле протоколите и кој ќе понесе одговорност“, рече Филипче, потенцирајќи дека „наместо конфузни изјави и политички спинови, луѓето очекуваат одговори и решенија“.
Македонија
Обвинителство чешла документи, Армијата мери токсини по пожарот во Трубарево, се чека и на резултатите од министерството на Меџити

Во врска со големиот пожар што зафати магацински објекти во селото Трубарево, Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека презеле дејствија за утврдување на фактите и обезбедување на докази за понатамошната постапка.
Јавниот обвинител упати барање до Началникот на Генералштабот на Армијата за ангажирање на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана. Припадниците на единицата со специјални инструменти извршија мерења и детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички кои се ослободуваат од пожарот. Првичните резултати од мерењата веќе се доставени до обвинителството.
Покрај тоа, се очекуваат и резултати од надлежните служби при Министерството за животна средина, кои ќе дадат дополнителни податоци за степенот на загаденоста.
Обвинителството издаде наредби за прибирање на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот. Во наредниот период, откако ќе се обезбедат информации за видот на складираните материјали, ќе биде наредено и вештачење за да се утврди видот на контаминацијата и последиците врз животната средина.
Моментално, во опожарениот објект не постојат услови за увид на лице место поради опасноста, а полициските службеници и натаму го ограничуваат пристапот на сите неовластени лица и лица без соодветна заштитна опрема.
Македонија
(Видео) Се’ уште чади во Трубарево преку песокот со којшто е затрупан отпадот, спречено е ширење на пожарот

Благодарение на брзата и координирана акција на скопските пожарникари, спречено е ширење на големиот пожар што вчера избувна во Трубарево, во магацини со пластичен и електронски отпад, изјави утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што рече, со навременото делување спасени се четири објекти, но и голема количина на пластичен отпад до која не дошол огнот.
И покрај тоа, чадењето сè уште е присутно од под песокот со кои се затрупани литумските батерии. Пожарникарите во моментов работат на навлажнување на песокот за целосно догаснување, со оглед на тоа што ваквиот вид отпад е исклучително тежок за гаснење, рече Ангелов.
Паралелно, околу 2:30 часот по полноќ, екипи на скопската противпожарна бригада интервенирале и на депонијата Дрисла, каде биле забележани пламени јазици. Се работело за испарување на гас, а брзата интервенција спречила опасност пламенот да го зафати главниот дел од депонијата.
„Состојбата во Дрисла е стабилна, продолжуваме со агресивно затрупување на преостанатиот дел, бидејќи најмалку половина од местото што гореше вчера е веќе покриено. Дел од механизацијата беше пренасочена во Трубарево,“ изјави Ангелов.