Македонија
Милошоски: Договор можеби и ќе се постигнеше доколку Заев не беше толку нервозен за ,,Рекет”

Aнтонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и еден од учесниците на вчерашните разговори, на „Фејсбук“ напиша дека „договор за нов закон за обвинителство можеби и ќе се постигнеше доколку премиерот Заев не беше толку нервозен во врска со предметот ‘Рекет'”.
„Договор за нов закон за обвинителство можеби и ќе се постигнеше доколку премиерот Заев не беше токолу нервозен во врска со предметот ‘Рекет’, што не може да прифати ниедно системско решение за висока корупција во кое друг професионален обвинител би имал увид во овој мега-скандал, освен владино-подобната обвинителка Вилма Рускоска. Таквото однесување остава сомнеж дека хиерархијата на соучесници и организатори во ‘Рекет’ е многу повисоко во власта од улогата која во овој криминал ја имала осомничената Катица Јанева”, напиша Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
БГНЕС: Се очекува Европскиот парламент да го отстрани „македонскиот идентитет и јазик“ од извештајот за Северна Македонија

Следната недела на пленарната седница во Стразбур се очекува мнозинството во Европскиот парламент да ги поддржи амандманите кои предвидуваат отстранување на термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија, пишува бугарската новинска агенција БГНЕС.
Според медиумот, трите најголеми политички групации – Европската народна партија (ЕНП), Социјалистите и демократите (С&Д) и Обнови ја Европа – постигнале согласност за измените.
Нацрт-резолуцијата, базирана на извештајот на Томас Вајц, според БГНЕС, ја критикувала геополитичката стратегија наречена „Српски свет“ и имала за цел промена на границите на Балканот, вклучувајќи ги Република Српска, Црна Гора, Косово и Северна Македонија.
Покрај тоа, како што се додава, извештајот ја нагласува потребата за отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС) и нивно регионално истражување за надминување на тоталитарното минато и зајакнување на демократијата во Западен Балкан.
БГНЕС пишува и дека во документот е истакнато и присуството на странски влијанија во Северна Македонија, вклучувајќи антиевропски наративи преку медиуми на српски јазик со врски кон Кремљ, како и континуирани активности на руски тајни мрежи, што било потврдено со протерување на 13 руски дипломати помеѓу 2018 и 2023 година.
Се нагласува дека земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, се изложени на хибридни закани, дезинформациски кампањи, стратешка корупција од Русија и Кина.
Посебна загриженост, како што пишува агенцијата повикувајќи се на извештајот, предизвикуваат улогите на Унгарија и Србија во поддршка на геополитичките цели на Кина и Русија, како и ризикот од економска зависност преку нерамноправни кредитни договори.
Македонија
Бришењето на македонскиот јазик и на идентитетот од извештајот е еднакво лошо за нас како да стоеше модерен, вели Мицкоски

По објавите на бугарските медиуми дека трите најголеми политички сили во Европскиот парламент (ЕП) се согласие од извештајот за напредокот на земјава да се отстранат термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“, премиерот Христијан Мицкоски вели дека бришењето за нас е исто како и обидите да се стави придавка пред јазикот и идентитетот.
„За нас е подеднакво лошо и тоа што се брише од извештајот македонски идентитет и македонски јазик исто како и да стоеше модерен. Буквално е подеднакво лошо. Но она што е важно е да се напомене дека оној мал чекор кога помина на комитетот и македонски јазик и македонски идентитет ќе остане во колективната меморија дека за првпат некогаш помина македонски идентитет и македонски јазик во главниот град на Европска Унија, Брисел, во седиштето на европската демократија, Европскиот парламент“, рече премиерот Мицкоски.
За него, со ваквото усогласување уште еднаш се покажа и се докажа, на јавна сцена дека не се работи за само неколку стотини Бугари во Уставот, туку е многу, многу подлабоко. Тој побара да се извинат сите кои досега убедуваа дека ако само се смени Уставот, нема да имаме проблеми.
„Сега сите тие кои манипулираа во минатото, сите оние кои не убедуваа дека само да го смениме Уставот и готово, сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани и да им се извинат. И не само пред македонските граѓани, туку и пред вистинските добронамерници кои доаѓаат од надвор, не од Македонија. И политичари и личности кога им велеа дека само ова да се реши и завршена е работата, дека не ја говореа вистината или поим немаа од водење политика. За жал оние егзибиции кои седум години се случуваа кај нас дома, тука, не доведоа во една ваква ситуација“, рече премиерот Мицкоски.
Иако се двоумеше дали да го употреби, сепак бришењето на македонскит јазик и идентитет од извештајот премиерот рече дека е направено на талибански начин.
„Има еден збор да го употребам, не би сакал да го употребам, но ќе го употребам, ќе одам чекор понапред – на талибански начин се брише македонскиот идентитет и македонскиот јазик од извештајот во Европа. Тоа го дочекавме како народ во 21 век. Ете тоа го дочекавме. Тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковечевски, Бојан Маричиќ и останатите“, вели премиерот Мицкоски.
Бугарските медиуми денес објавуваат дека на барање на Европската народна партија (ЕНП), трите најголеми партии во Европскиот парламент – ЕНП, Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д) и Обнова се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на нашата земја оти темите за идентитетот и јазикот немаат место во извештајот за напредокот на земја што аплицира за членство во ЕУ. Извештајот треба да се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент на 8 јули, а бугарските европратеници очекуваат поддршка од мнозинството за овој амандман.
Владата во мај, годинава, како голема победа на македонската дипломатија го претстави спомнувањето на македонскиот јазик и идентитет на четири места во извештајот за напредокот на земјава. Уште една победа нашата Влада прогласи кога нацрт-извештајот помина на комисија без измени и покрај барањето на бугарските европратеници пред македонскиот идентитет и јазик да стои зборот „сегашен“.
Македонија
СДСМ: Повлекувањето на обвинението против Димитриевски е срам за правдата

Скандалозен е потегот на Основното јавно обвинителство Куманово, кое, само неколку дена пред завршните зборови во судска постапка, го повлекло обвинението против градоначалникот Максим Димитриевски без никакво објаснување, реагира СДСМ.
„Ова е скандал без преседан, класичен пример за партизирано судство и селективност“, изјави Соња Тодоровска, секретар на Општинската организација на СДСМ Куманово.
Според неа, станува збор за случај што бил воден повеќе од една година и се однесувал на злоупотреба на службена положба и нанесена штета од над 3 милиони денари, поврзано со издавање дозвола за градба. Од СДСМ обвинуваат дека обвинителството, без нови докази или промена на фактите, одлучило едноставно да се откаже од случајот.
„По чиј налог? Кој притискал, договарал и овозможил оваа фарса?“, праша Тодоровска, повикувајќи на итна истрага за одлуката и за мотивите зад неа.
СДСМ тврди дека ова е јасен показател за постоење на политички влијанија врз правосудниот систем, со цел прикривање на одговорност и заштита на поединци блиски до власта.
„Ова е срам пред правдата, направен во Куманово и уште еден доказ дека судството е под капата на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити“, рече Тодоровска.
Партијата предупредува дека без независно обвинителство и непристрасно судство, нема ни правна држава, ниту доверба во институциите, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат вистинска правда, а не селективност.