Регион
Вишеградската група апелира на забрзување на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан
Премиерите на земјите од вишеградската група се заложија во Прага за забрзување на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, а чешкиот премиер Андреј Бабиш рече дека би било идеално Србија и Црна Гора да му се приклучат на европското семејство пред крајот на 2027 година.
„Нема сомнеж дека преговорите со Србија и Црна Гора ќе се забрзаат и оти ќе можеме да ги вклучиме овие две земји во европското семејство што е можно побргу, идеално би било пред крајот на 2027 година“, рече Бабиш и ја поздрави можноста за отворање пристапни преговори со Република Северна Македонија и Албанија во октомври годинава.
Тој нагласи дека Чешка секогаш се залагала за блиски врски помеѓу ЕУ и Западен Балкан.
„Денеска, усвоивме декларација во која изразивме заедничко убедување дека политиката на проширување на ЕУ е најефикасно средство за промоција на стабилноста, безбедноста, просперитетот и демократијата на Западен Балкан затоа што безбедноста на Западен Балкан значи безбедност во Европа“, нагласи Бабиш.
Тој додаде дека повторното обединување на Европа нема да биде целосно доколку Западен Балкан не биде вклучен во процесот на проширување.
„Западен Балкан е клучен партнер за прашањата за безбедноста и сигурноста. Затоа ги почитуваме напорите на земјите од Западен Балкан да се занимаваат со миграцијата“, рече Бабиш.
Премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки, рече дека денешниот состанок во Прага претставува продолжение на средбата во Познањ, каде што беше нагласена потребата од интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
Тој додаде дека приклучувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ е од интерес на вишеградската група и на Полска.
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, рече дека Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија треба да станат членки на ЕУ.
Тој додаде дека приклучувањето на земјите од Западен Балкан не е товар, туку шанса за Европа.
„Европа ќе биде посилна ако ги прифатиме овие земји. Ако ЕУ не спиеше и ги прифатеше Србија и Северна Македонија како свои членки, не би имало толку илегални мигранти, кои доаѓаат во Европа. Можевме да ја спречиме миграцијата, сега мора да го пополнуваме просторот. Мораме да ги прифатиме како членки“, рече Орбан.
Премиерот на Словачка, Петар Пелегрини, истакна дека вишеградската четворка испратила јасни сигнали оти сака нови членки во ЕУ што побргу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Една година од масакрот во училиштето во Белград, беа убиени девет ученици и чуварот
Помина точно една година од трагедијата во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, кога Коста Кецмановиќ вооружен со пиштолот на татко му уби девет ученици и чуварот на училиштето, а рани уште неколку.
На местото на трагедијата пристигнуваат се повеќе луѓе за да им оддадат почит на жртвите. Први пристигнале членовите на семејствата на убиените деца, а глетката пред училишната зграда никого не остава рамнодушен, објавија српските медиуми.
На посебно плато пред училиштето, каде се поставени фотографиите и имињата на убиените деца и чуварот, се оставаат цвеќиња и се палат свеќи.
И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово положи цвеќе во ОУ „Владислав Рибникар“.
„Помина една година од невидената трагедија која остави неизбришлива лузна на душата на целата земја, но болката, неверувањето и неизмерната тага не поминаа“, рече Вучиќ.
На 3 мај минатата година Коста дошол вооружен во училиштето и од влезната врата го започнал својот крвав поход, во кој животот го загубија девет деца и чуварот.
Откако го извршил масакрот повикал полиција и пријавил што направил.
Веднаш по трагедијата се одржа вонредна конференција на српското Министерство за внатрешни работи, на која беа соопштени деталите за она што се случи во училиштето „Владислав Рибникар“.
„Повикот дојде во 8 часот и 42 минути наутро, две минути по пријавувањето на случајот во полиција од страна на заменик директорот на ова училиште“, изјави началникот на белградската полиција Веселин Милиќ.
На таа конференција Милиќ изјави и дека К.К. еден месец го планирал злосторството. Тој го покажа и списокот што полицијата го пронашла во станот на момчето убиец, на кој биле испишани имињата на учениците кои планирал да ги убие.
Дополнително, како што тогаш беше кажано од највисоките функционери на српската полиција, К.К. имал и прецизен план на училиштето, со означен влез и излез.
Поради делото, Коста е во болница, а против татко му и мајка му, Владимир и Миљана Кецмановиќ во меѓувреме е покренато обвинение, со оглед на тоа што момчето-убиец во моментот на делото имало 13 години и затоа не е кривично одговорен.
Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека обвинетиот Владимир Кецмановиќ во периодот пред трагедијата го научил својот син да пука во цели во форма на концентрични кругови и силуети на луѓе, да стои и да дише кога користи огнено оружје.
Против семејството Кецмановиќ се водат три граѓански постапки, а поднесени се вкупно пет тужби, меѓу кои и една кривична.
Регион
(Видео) Избрана е новата Влада на Србија
Собранието на Србија со 152 гласа ја изгласа новата Влада на премиерот Милош Вучевиќ. Два дена траеше расправата за составот на Владата и нејзиниот план за работа, при што опозицијата го оспори кредибилитетот на Вучевиќ, посочувајќи дека, како и досега, за секоја одлука ќе биде прашан претседателот на државата Александар Вучиќ.
Новата Влада на Србија брои 31 член, од кои една третина се нови имиња во споредба со претходната Влада на чело со Ана Брнабиќ.
Премиерот Вучевиќ претходно изјави дека длабоко верува во историскиот договор меѓу Србите и Бошњаците и рече дека сака добри односи и со Хрватите. Истовремено, тој рече дека нема да ги гради овие односи на штета на сопствените интереси и дека Србија нема да се откаже од традиционалните пријатели.
Посебно внимание предизвикаа двајцата министри кои се под санкции на САД: Александар Вулин ќе биде вицепремиер, а Ненад Поповиќ ќе биде министер без ресор.
Регион
Договорен текстoт на резолуцијата за Сребреница
Предлогот за резолуција за комеморација на геноцид врз Бошњаците од Сребреница, извршен во јули 1995 година, е договорен, а за него треба да се расправа на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации, потврди амбасадорот на БиХ во ОН, Златко Лагумџија.
Лагумџија на социјалната мрежа „Икс“ објави дека процесот на усогласување на резолуцијата, чии формални предлагачи се Германија и Руанда, е завршен и испратен до претседателот на Генералното собрание на ОН, Денис Френсис, па нејзиниот текст ќе биде претставен до земјите членки. на светската организација, од која се очекува поддршка.
Резолуцијата повикува да се воспостави 11 јули како меѓународен ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница, уште еднаш се осудуваат сите дејствија со кои се величат сторителите на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид утврдени со пресудите на меѓународните судови. Ја нагласува важноста од завршување на потрагата по останките на преостанатите жртви кои досега не се пронајдени и повикува на продолжување на гонењето на сторителите на геноцидот кои се уште се на слобода.
Резолуцијата има намера да ги повика сите држави целосно да ги почитуваат своите обврски од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, да го почитуваат меѓународното обичајно право за спречување и казнување на геноцид и да ги почитуваат релевантните одлуки на Меѓународниот суд на Правдата (МСП).
Од генералниот секретар на ОН се бара да воспостави информативна програма наречена „Геноцид во Сребреница и Обединетите нации“, која треба да се спроведе пред следната година, кога се одбележува 30-годишнината од тоа злосторство.
Сите земји-членки на ОН, како и невладините организации и граѓанското општество, предлагачи на резолуцијата истовремено повикуваат на соодветни активности за комеморација и чест на жртвите на геноцидот во Сребреница во 1995 година.
Македонија е коспонзор на оваа резолуција.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и лидерот на босанските Срби Милорад Додик инсистираат дека оваа резолуција е обид да се наметне колективна вина врз српскиот народ.