Македонија
Царовска: Само со дијалог можеме да креираме мерки за вработување кои ќе бидат добри за сите
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска говореше на панел-дискусија посветена на „Недостигот на квалитетна работна сила и за иновациите во индустриите“, на Балканскиот претприемачки самит што се одржува во Скопје.
Царовска потенцираше дека младите се иднината на државата и токму секој од нас е должен да вложува во нив, во нивно обрзование, во услови за напредок и да создава политики коишто ќе дадат силни ефекти врз намалувањето на невработеноста и иселувањето.
„Годинава за првпат имаме Оперативен план со активни мерки за вработување за којшто издвоивме рекордни 1,1 милијарда денари. Ова е највисок износ досега, трипати повисок во споредба со 2014 година. Навистина ми е драго што овој план го изработивме со заеднички сили со бизнис-секторот и целосно е прилагоден на потребите на пазарот на трудот. Ваквата пракаса ќе ја следиме и за идниот ОП за 2020 година, бидејќи само преку дијалог којшто ќе го спуштиме на локално ниво ќе можеме да креираме мерки кои ќе бидат добри за сите“, рече Царовска.
Таа истакна дека со новите законски решенија како што е Законот за практиканство, но и со Младинската гранција којашто е дел од оперативниот план се создаваат нови можности за вработување на младите и премостување на јазот што се создава од завршување на образованието до работното ангажирање.
„Република Северна Македонија е единствената земја што не е членка на ЕУ, а ја има Гаранцијата за млади. Во моментот ја спроведуваме во три региони Североисточен, Југозападен и Полошки Региони и ги надмина нашите очекувања. Годинава планираниот опфат беше 9.500 млади, а досега се пријавени 13.363 млади лица, од кои 33,3% се вработија во првите 4 месеци. Ова нè охрабрува од идната година мерката да ја прошириме на територијата на цела држава.
Царовска рече дека и дуалното образование е еден од процесите да создадеме млади лица кои знаат што сакаат да работат и како да го прават тоа. На овој начин им се овозможуваме сигурен влез на пазарот на трудот и шанса за професинален развој, а на работодавците се нудиме подготвен кадар, кој може веднаш да почне да работи.
Самитот е во организација на Стопанската комора на Македонија и центарот за неформално образование Creative Hub, што се одржува во Скопје. На самитот говорат најуспешните кои годинава се најдоа на листата на „Форбс под 30“, од регионот, но и претставници од бизнис-заедницата, како и креаторите на деловните политики, а теми кои ќе се наметнат се инвестициските трендови, трендови во дигиталниот маркетинг, недостигот на квалитетна работна сила и за иновациите во индустриите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерството за здравство ги разгледува можностите и капацитетите за поддршка на Швајцарија за згрижување на повредените од трагичниот пожар
Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана, соопштија од таму.
„Во таа насока, Министерството за здравство веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
Воедно, Министерството за здравство изразува искрено сочувство до семејствата на настраданите и најдлабока солидарност со повредените од овој трагичен настан“.
Македонија
Понудена помош за справување со трагичната несреќа: телефонски разговор на Муцунски со швајцарскиот амбасадор Зомер
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, по трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која беше активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по остварена консултација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу попладнево оствари телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.
Во рамки на разговорот, Муцунски изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.
Во таа насока, министерот ја изрази подготвеноста на Република Северна Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи.
Дополнително, министерот изрази подготвеност, доколку има потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“
Секторот за внатрешни работи информира дека во моментов, повторно е воспоставен нормален сообраќај на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“.
Сообраќајот, сега е нормализиран и се одвива во двете насоки а беше затворен и во целосен прекин, од 30.12.2025 година, поради превртена цистерна на патот.
Од тогаш, сите надлежни служби излегоа на местото на настанот и активно отпочнаа со мерки за утврдување на причините за незгодата и дислокација на превртената цистерна од коловозот.

