Свет
Захарова: САД мора да се извинат за бомбардирањето на поранешна Југославија
САД мора да се извинат за бомбардирањето на поранешна Југославија во 1999 година и да им исплатат компензација на роднините на убиените и повредените во воздушните напади на НАТО, поддржани од САД, изјави во неделата портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.
„За почеток, САД треба да им се извинат на оние што ги бомбардираа, да им исплатат обештетување на роднините на загинатите, како и на ранетите и на оние чие здравје е оштетено, поради проектилите со осиромашен ураниум. И дури кога ќе го сторат тоа, кога ќе се постават соодветните темели, може да ги повикаат другите да одат напред“, напиша таа на „Фејсбук“ коментирајќи ја изјавата на американскиот амбасадор во заминување во Србија, Кајл Скот, кој рече дека Србите треба да ги гледаат бомбардирањата на НАТО во 1999 година од поширока перспектива.
На 24 март 1999 година НАТО почна воена операција против Сојузна Република Југославија за која тврдеше дека е наводно за спречување геноцид на албанското население во Косово. НАТО соопшти дека за време на 78-дневната операција нивните авиони извршиле 10.000 бомбашки напади.
Воени експерти откриле дека алијансата лансирала 3.000 крстосувачки ракети и исфрлила 80.000 бомби, вклучително и кластер-бомби и бомби со збогатен ураниум. Според српските експерти, НАТО во текот на тримесечните бомбашки напади испуштил 15 тони осиромашен ураниум и ја направи земјата број еден во однос на случаите на карцином. Речиси 30.000 нови случаи на рак се регистрирани во првите 10 години по бомбардирањата со стапка на смртност од 10.000 на 18.000 пациенти.
Материјалната штета достигна 100 милијарди американски долари.
Според Љубиша Ракиќ, српски научник и член на српската, руската, евроазиската, европската и други академии, количината ниско збогатен ураниум исфрлен од НАТО на Балканот е доволна за да се направат 170 А-бомби како онаа што САД ја фрлија на Хирошима.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин: Украинските сили мора да се повлечат, ако не заминат, тогаш ќе го постигнеме тоа со воени средства
Претседателот на Русија, Владимир Путин, денес изјави дека нацрт-планот за мир што го дискутираат САД и Украина може да стане основа за идни договори за прекин на војната во Украина, но ако тоа не се случи, Русија ќе продолжи да се бори.
„Општо земено, се согласуваме дека ова може да биде основа за идни договори“, рече Путин, додавајќи дека верзијата на планот што го дискутираат САД и Украина во Женева ѝ е предадена на Русија.
Путин рече дека САД ја земаат предвид позицијата на Русија, но дека сè уште треба да се разговара за некои прашања. Тој додаде дека Русија е подготвена да ѝ даде гаранција на Европа дека нема да ја нападне, доколку Европа го сака тоа.
На Русија, рече Путин, сè уште ѝ се вели да престане да се бори. „Украинските сили мора да се повлечат од територијата што ја држат и тогаш борбите ќе престанат. Ако не заминат, тогаш ќе го постигнеме тоа со воени средства. Тоа е тоа“, рече Путин.
Тој додаде дека руските сили напредуваат во Украина со забрзано темпо.
Путин рече дека смета дека украинското раководство е нелегитимно и затоа правно невозможно да потпише договор со Украина, поради што е важно меѓународната заедница да го признае секој договор – и придобивките на Русија во Украина.
Путин ја отфрли сугестијата дека американскиот претставник Стив Виткоф покажал пристрасност кон Москва во мировните преговори во Украина, нарекувајќи ја бесмислена.
Фото: ЕПА
Свет
Објавен идентитетот на Авганистанецот кој пукаше во гардисти пред Белата куќа, работел со ЦИА
Двајца припадници на Националната гарда, Сара Бекстром (20) и Ендру Волф (24), се во критична состојба откако синоќа беа застрелани во близина на Белата куќа во Вашингтон.
Осомничениот за нападот е Рахманула Лаканвал, 29-годишен авганистански државјанин кој влегол во САД во 2021 година откако работел со американската влада, вклучително и со ЦИА, во Авганистан. Лаканвал, исто така, бил ранет во инцидентот и хоспитализиран, а претседателот Доналд Трамп вети дека осомничениот ќе „плати највисока можна цена“ за овој „акт на терор“, објавува Би-Би-Си.
Според американската државна обвинителка Пам Бонди, двајцата ранети војници биле оперирани. Обвинителката Џанин Пиро потврди дека нивната состојба останува критична. Војниците, членови на Националната гарда на Западна Вирџинија, беа цел на „дрска и насочена заседа“, рече Пиро.
Двајцата гардисти биле застрелани повеќе пати. Бонди кажа дека една од жртвите била млада жена која се пријавила доброволно да служи во главниот град за време на Денот на благодарноста. „Таа се пријавила доброволно, како и многу од овие гардисти и жени, за да можат другите луѓе да бидат дома со своите семејства, а сега нивните семејства се со нив во болничките соби додека се борат за своите животи“, рече Бонди.
Директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, потврди за „Фокс њуз“ дека на вооружениот напаѓач му било дозволено да влезе во САД поради неговата претходна работа со американската влада, вклучително и со ЦИА, како член на партнерските сили во Кандахар.
Обвинителката Пиро рече дека е прерано да се зборува за мотив. „Дефинитивно има области што ги истражуваме, но не сме подготвени да навлегуваме во детали“.
Свет
Три лица затрупани во лавина на глечер во Австрија
Лавина го погоди глечерот Штубај во австриски Тирол утрово, а три лица се затрупани, објави „Кронен цајтунг“.
Почната е спасувачка операција.
Според Рајнхард Клир, раководител на жичницата на глечерот, несреќата се случила во зоната надвор од пистата, во близина на превојот Дауншарте околу 9.30 часот утрово.
„Врз основа на моментните информации, снежните маси делумно стигнале до долниот дел од деветтата патека, која потоа била затворена“, рече Клир.
Двајца делумно затрупани скијачи веќе се спасени.
Забележано е дека неколку скијачи надвор од пистата отвориле воздушни перничиња за лавина.
На терен има неколку хеликоптери за итни случаи, вклучувајќи ги „алпин 2“, „мартин 2“ и „либеле тирол“, како и екипи за планинско спасување од Нојштифт им Штубај и Зелден со кучиња трагачи, пренесува „Танјуг“.
Фото: ЕПА

