Македонија
(Видео) Активисти за заштита на животните упаднаа на собир на Шилегов и Марин

Активисти за заштита на животните упаднаа на собир во скопската населба Аеродром каде што средба со граѓаните имаа градоначалниците на Скопје и Аеродром, Петре Шилегов и Златко Марин, и поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски. Герила-акцијата следуваше откако вчера во населбата Аеродром непознато лице со секира уби две улични кучиња кои беа чувани од жителите повеќе од една деценија.
Фотографиите од мртвите кучиња облеани во крв сериозно ги вознемирија жителите на Аеродром кои ги најдоа рано утрината, а веднаш била повикана полиција да изврши увид.
Активистите на денешната средба носеа транспаренти со фотографии од мртвите кучиња на кои пишуваше „Мојот последен оброк“, „Можевме со секири, наместо со транспаренти“, „Не за убиства“.
Шилегов, Жерновски и Марин говореа пред граѓаните, не забележувајќи ги активистите кои сакаа да укажат дека кај институциите треба да се развие свеста за решавање на проблемот со уличните кучиња на хуман начин, а оние кои со примитивни методи им го одземаат животот, да бидат соодветно казнети.
Засега, решавањето на проблемот со уличните животни тапка во место. Поминаа шест месеци откако стационарот „Вардариште“ беше затворен, а во меѓувреме беше отворено новото јавно претпријатие „Лајка“, кое треба да се занимава со овој проблем. Сè уште се работи на реновирање на стационарот, па во меѓувреме уличните кучиња не се стерилизираат, вакцинираат и обележуваат со ушни маркици како досега, па на тој начин се зголемува и нивниот број.
Еден од активистите го праша градоначалникот Шилегов за крвавата случка во Аеродром.
„Дали ќе седите мирни додека психопат шета по скопските улици и убива животни и расфрла отрови во близина на училишта и детски градинки? Што ќе преземете како прв човек на градот, бидејќи не се чувствуваат безбедни, не само кучињата туку и жителите на градот?“.
На ова, Шилегов одговори дека за првпат е поведена постапка во МВР во Одделението за крвни деликти за убивање куче и дека тоа досега не била практика.
„Немаме надлежности како локална власт да превенираме или да спречиме, доколку некој е луд и вршни крвни деликти и убиства“, рече Шилегов и рече е дека на иста страна со активистите. Тој ги повика активистите на заедничка средба.
Шилегов денеска рече дека во почетокот на октомври ќе биде пуштен во употреба новиот стационар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со двојно поголем буџет, Мицкоски сака македонските универзитети да влезат во првите 1.000 на Шангајската листа

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека буџетот за науката е двојно зголемен во споредба со минатата година, достигнувајќи околу 650–660 милиони денари.
Тој додаде дека Владата обезбедила бесплатен пристап до двете најголеми научни бази за сите истражувачи, студенти и универзитети во земјава.
„Нашата цел е да ја стимулираме науката. Очекувам младите научници да ги користат овие бази, да ги следат светските трендови и да публикуваат свои трудови“, рече Мицкоски.
Според него, со оваа поддршка, универзитетите во Македонија би можеле да се приближат кон влез во првите 1.000 на Шангајската листа во текот на овој владин мандат.
Македонија
Мицкоски со остра осуда за скандирањата на ксенофобични пораки и национализам на натпреварот Македонија-Романија во Куманово

Премиерот, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање остро го осуди скандирањето на натпреварот Македонија-Романија во Куманово од страна на неколкумина присутни во салата, и посочи дека навивачките групи треба да ги бодрат своите тимови, без навредливи и ксенофобични пораки.
„Во текот на вчерашниот ден домаќинот а тоа беше кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го подржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, вели Мицкоски.
„Уште еднаш да повторам апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина кои што не наидоа на поддршка од страна на ниту еден од присутните во салата“, порача премиерот Мицкоски.
Македонија
Нови цени на горивата од ноќеска на полноќ

Од ноќеска на полноќ ќе има нови цени на бензините и дизелот, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,533 ден/кг и сега ќе изнесува 39,945 ден/кг.
Од 5.8.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,945 (денари/килограм)