Македонија
Енвер Малиќи прогласен за почесен конзул на Мексико

Во Скопје е отворен почесен конзулат на Мексико, а за почесен конзул е прогласен Енвер Малиќи.
Почесниот конзулат ќе работи на унапредување на соработката меѓу двете земји и ќе иницира заеднички активности во повеќе области. Свеченото отворање на почесниот конзулат го предводеше амбасадорот на Соединетите Мексикански Држави, Марко Антонио Гарсија Бланко.
„Отворањето на почесниот конзулат е чекор напред во билатералните односи меѓу Мексико и Северна Македонија, кои на 4 октомври ќе ја одбележат 18-годишнината од воспоставувањето. Односите меѓу двете држави и досега беа пријателски, но отсега соработката и заедничките активности ќе се продлабочат во интерес на двата народа. Со поддршка на Енвер Малиќи како почесен конзул, убеден сум дека ќе се развијат нови области на соработка и разбирање за да се прошират и зајакнат билатералните односи со плодни резултати за обете страни“, истакна амбасадорот Гарсија Бланко.
„Иако географски далечни, нашите земји споделуваат многу заеднички нешта. Почитта кон традицијата, силниот темперамент и борбата за човекови права и достоинство нè обединуваат. Мексиканското и македонското искуство е одлична основа за соработка и поголема размена на идеи што ќе ги зајакнат односите меѓу двата народа. Интензивирањето на соработката во разни сфери ќе биде еден од моите приоритети како почесен конзул овде во Северна Македонија, но и во Соединетите Мексикански Држави. Современите трендови во разни области на општественото живеење и бизнисот во двете држави може заеднички да придонесат за подобри позиции во меѓународните односи и да промовираат развој и напредок“, истакна Малиќи.
Почесниот конзулат се наоѓа во комплексот „Парк резиденс“ во Скопје и ќе биде отворен секој работен ден од 8 до 16 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски – Калас: Континуирана поддршка за европската интеграција на Македонија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Мучунски, попладнево оствари телефонски разговор со високата претставничка на Европската унија за надворешна политика, Каја Калас.
Во разговорот, високата претставничка Калас ја потврди континуираната поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија.
Министерот Мучунски ја реафирмираше посветеноста на нашата земја на европските вредности – владеење на правото, дијалог и добрососедска соработка – како темели на процесот на пристапување кон Европската унија.
Во рамки на разговорот стана збор и за регионалното поврзување, при што министерот ја подвлече поддршката за Коридор 8 како стратешки приоритет за инфраструктурна интеграција на регионот.
Соговорниците разменија мислења и за состојбите на Блискиот Исток, заеднички нагласувајќи ја потребата од почитување на меѓународното право и избегнување на понатамошна ескалација.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со претставници на Македонците во Албанија: Обврзани сме да помагаме во решавање на проблемите

За време на работната посета на Република Албанија, каде што учествуваше на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со претставници на македонското национално малцинство во оваа земја.
Таа беше информирана за нивната состојба и за односот на албанските институции кон нив, на државно и на локално ниво, како и за досегашните иницијативи и планирани активности за зајакнување на националната и културната самобитност.
Претседателката вети дека матичната држава ќе продолжи да вложува напори за да ги подобри нивните права и да ги зацврсти врските со татковината.
На средбата присуствуваа: Марјана Костофски-Фелах, претставничка на македонското национално малцинство и членка на Комитетот за национални малцинства при Владата на Албанија; Ендрит Фетаху, потпретседател на Македонска Алијанса за европска интеграција – единствената партија на Македонците во Албанија; Незир Муча, потпретседател на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Славица Свидерска, професорка по македонски јазик на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана и дипломати на македонската амбасада во оваа држава.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство што изворно може да ги чуе релевантните претставници и со нив да разговара за одлуката на албанските власти за утврдување на критериумите, документацијата и постапките за собирање на податоци за идентификација на лица кои припаѓаат на националните малцинства која важи и за Македонците во Албанија.
Укажувајќи дека со одлуката се утврдени критериумите коишто ќе им овозможат на сите, слободно да ги изразат националната припадност и јазикот на којшто зборуваат, таа рече дека токму припадниците на македонското национално малцинство се засегнати од оваа постапка.
На прашањето дали како претседателка ќе иницира, ќе помогне во решавање на нивните барања, таа рече дека не би била таму ако не дошла со цврста намера, не само да ги сослуша, туку и да ги пренесе нивните проблеми до надлежните.
Претседателката порача дека имаме добри односи со Албанија, имаме разбирање, и во рамките на ова разбирање, треба да продолжиме онаму каде што некој застанал и направил грешка, кога морал да биде уште поактивен.
„Ние сме тука обврзани да помагаме“, рече претседателката.
Македонија
Гаши – Гафарова: Поставени основите за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Азербејџан

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој од 17 до 19 јуни е во официјална посета на Азербејџан, денеска имаше средба со претседателката на Националното Собрание, Сахиба Гафарова, на чија покана ја реализира посетата.
Во Делегацијата, која беше пречекана со високи почести, се и пратеникот Петар Марков, кој е и претседател на Пратеничката Група за соработка со Азербејџан, пратеничката Имрлије Салиу-Фетаи, како и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Претседателот Гаши ѝ се заблагодари на претседателката Гафарова за гостопримството и оцени дека ова е можност заеднички да ги постават основите за продлабочување на натамошната соработка помеѓу двата парламенти, но и помеѓу двете држави.
Тој изрази задоволство што официјалната посета се реализира во годината кога одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи и додаде дека независно од тоа што Северна Македонија и Азербејџан потекнуваат од различни региони, постојат можности за унапредување на меѓусебната соработка во сите области, а особено во делот на енергетиката, економијата и туризмот.
Претседателот Гаши е прв претседател на македонското собрание кој е во официјална посета на Националното собрание на Азербејџан. Тој истакна дека на овој начин, заедно со претседателката Гафарова, отвораат ново поглавје во односите меѓу двата парламента.
Претседателката Гафарова нагласи дека покрај заедничката заложба за продлабочување на соработката на парламентарно ниво, потребно е заеднички да се вложат за унапредување на соработката и на мултилатерално ниво, преку повеќето парламентарни организации, на кои парламентите на двете држави се членки.
Во однос на парламентарната соработка, двајцата соговорници ја истакнаа важноста на соработката меѓу Групите за соработка, преку споделување искуства од парламентарното работење и примена на ефикасни искуства од различни области. Заеднички беше заклучокот дека ќе ги мотивираат Групите за соработка меѓу двете држави да ја зајакнат и интензивираат меѓусебната комуникација, но исто така оценија дека треба да поттикнат и соработка помеѓу парламентарните комисии.
Претседателот Гаши се потпиша и во Книгата на честа во Националното Собрание на Азербејџан, каде порача дека преку парламентарната дипломатија треба да се градат мостови на пријателства.
Делегацијата имаше можност и да го разгледа Националното собрание на Азербејџан и да се запознае со структурата и работата на законодавниот дом.