Македонија
Ново партерно уредување во дворот на студентскиот дом „Гоце Делчев“
Студентскиот дом „Гоце Делчев“ набргу ќе добие комплетно ново уредување на дворот. Станува збор за обновување искршени бекатон-плочки на пешачките патеки, пробивање нова пешачка патека како и поставување нова урбана опрема и ново зеленило околу четирите згради на студентскиот дом, соопшти Државниот студентски дом „Скопје“.
Во соработка со Министерството за образование и наука, Државниот студентски дом ќе постави рампи за контрола на влез на возила на источниот и западниот пристап во комплексот, а на северната и јужната патека ќе бидат поставени заштитни столпчиња. Целта на поставувањето рампи е регулирање на сообраќајот за да се зачува новото партерно уредување. Рампите ќе бидат механички контролирани и ќе биде овозможен пристап од споредните сообраќајници во случај на потреба од специјално возило.
Постојните дотраени бетонски патеки ќе се реконструираат со павер-елементи, а новите патеки со чакал и урбана опрема. Предвидена е и нова пешачка патека на западната страна од блокот Б, со која се олеснува пристапот од блоковите до булеварот, а со тоа и до автобуската конекција за студентите. До секој од споредните влезови од блоковите ќе биде овозможен пристап до рампите за инвалидизирани лица.
Централното зеленило меѓу блоковите има комплетно ново решение, со ниско и високо зеленило. Урбана опрема ќе биде поставена во целиот комплекс соодветно, при што предвидено е да има 38 клупи, 9 канти за ѓубре, 8 паркиралишта за 5 велосипеди, како и нови инсталации за водовод, канализација, електрична и термотехничка инсталација.
Во овој студентски дом во тек е внатрешното уредување на собите во блоковите Б и Г, кои беа реновирани. Целта на Државниот студенстки дом е сите студентски домови да обезбедат пријатен простор за престој и квалитетно студирање на сите студенти како во внатрешноста на зградите така и во дворните места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зимзоленд: Продолжуваме со работа, шпекулација е дека настанот ќе биде затворен
Од Зимзоленд велат дека продолжуваат со работа и дека информациите за неговото затворање се шпекулации.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно. Зимзоленд продолжува да работи со редовно работно време“, се наведува во јавното соопштението.
Во него се додава дека е точно дека во претходните денови имало инспекциски надзори, но велат дека до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација.
Македонија
Ѓорѓиевски најавува враќање на празничниот дух, на 15 декември почнуваат настаните на плоштад „Македонија“
На 15 декември почнуваат предновогодишните настани на плоштад „Македонија“.
„Градот Скопје со радост најавува дека годинава празничниот дух повторно се враќа на плоштадот „Македонија“. Со посебна атмосфера, богата програма и многу изненадувања за сите генерации, претстојниот настан го означува почетокот на новогодишните и божиќните празнувања во главниот град“, велат од Градот.
„ Ајде заедно да го осветлиме градот. 15.12.2025 во 18:00 часот. Почитувани скопјани, драги родители, најдраги дечиња, нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. А сите ние – и младите, и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат Новогодишните и Божиќните празници. Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите. На 15 декември, во 18 часот, на плоштадот „Македонија“, заедно со вас ќе го осветлиме градот и после неколку години ќе ја почувствуваме првата искра на празничниот дух. Веќе од наредниот ден, па сѐ до самата Нова година, ќе следуваат секојдневни настани и забави за сите генерации. А дочекот, ви ветуваме, ќе биде спектакуларен и незаборавен“, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Притвор за скопјанецот кој насилно упадна во студиото на „Инфомакс“
Судот му определи притвор на 43-годишниот скопјанец кој вчера насилно упадна во студиото на „Инфомакс“.
Според информациите од МВР, полицијата поднесе кривична пријава по брза постапка против Г.С.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела насилство и спречување на службено лице при вршење службено дејствие.
„Имено по претходна пријава од страна на А.М. водител на емисијата ‘Инфомакс’ и по преземени мерки од страна на полициските службеници извршен е разговор со оштетениот и сведоците на настанот, обезбедени се видео записи од безбедносни камери, извршен е службен разговор со пријавениот и документирани се заканувачки пораки од пријавениот кон оштетениот. Тој е изведен пред судија на претходна постапка при што му е изречена мерка притвор“, соопшти МВР.

