Свет
Лавров: Како САД со санкции и војна ја бранат демократијата?!

Западот се претставува како бранител на либералните вредности, а во исто време води политика на санкции, воени закани и бомбардирања на суверени држави, напиша рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во авторски текст во рускиот магазин „Русија во глобалната политика“.
„Либерализмот, за кој Западот се претставува дека го брани, се фокусира на поединци и нивните права и слободи. Затоа се поставува прашањето – на кој начин тоа се поврзува со политичките санкции, економските притисоци и отворените воени закани против многубројни независни држави, како што се Куба, Венецуела, Северна Кореја и Сирија“, наведува Лавров во својот текст објавен по повод почетокот на 74. редовно Генерално собрание на ОН.
Тој укажува дека санкциите директно ги погодуваат обичните луѓе и нивната слобода и ги кршат нивните социо-економски права.
Според него, земјите што се претставуваат како пример за демократија, всушност, навистина им е важна демократијата, само кога бараат друга земја да ги уреди своите системи по угледот на Западот, но кога треба да воведат демократија во меѓудржавните односи, тие избегнуваат искрени разговори или се обидуваат да интерпретираат меѓународно право по сопствено убедување.
Шефот на руската дипломатија ги критикува визите и другите санкции на Западот против Русите на Крим нагласувајќи дека тие се казнети поради изразување на својата демократска волја за повторно обединување со својата историска татковина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израелскиот министер: Ако ајатолахот беше на нишан, ќе го елиминиравме

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац откри во интервју за „Канал 13“ дека Израел имал намера да го елиминира врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, но дека таа можност никогаш не се појавила.
„Да беше на нишан, ќе го елиминиравме. Сакавме да го елиминираме Хамнеи, но немаше оперативна можност“, рече Кац.
На прашањето дали Израел побарал американско одобрение за таква акција, Кац одговори: „Не ни треба дозвола за тие работи“.
Минатата недела, Ројтерс, повикувајќи се на двајца американски функционери, објави дека американскиот претседател Доналд Трамп ставил вето на израелскиот план за атентат врз иранскиот ајатолах.
Трамп подоцна го нарече ајатолахот „лесна цел“ во објава на неговата социјална мрежа Truth Social.
„Знаеме точно каде се крие таканаречениот „врховен лидер“. Тој е лесна цел, но таму е безбеден – сè уште нема да го отстраниме (убиеме)! Но, не сакаме ракети испукани врз цивили или американски војници. Нашето трпение е при крај. Ви благодариме за вашето внимание!“, напиша тој во таа пригода.
Свет
Шефoт на МААЕ: Центрифугите во нуклеарниот комплекс Фордо повеќе не се во функција

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека нуклеарната програма на Иран претрпе огромна штета по неодамнешните напади од страна на САД и Израел, пренесува Анадолија.
„Нападите што започнаа на 13 јуни предизвикаа значителна физичка штета на три главни локации: Натанц, Исфахан и Фордо, каде што Иран ги концентрираше поголемиот дел од своите активности за збогатување и конверзија на ураниум“, изјави Гроси за француското радио RFI.
Тој нагласи дека има и други локации кои не биле погодени, но тврди дека штетата е исклучително значајна. „Вистина е дека, со оглед на намалените капацитети, ќе биде многу потешко за Иран да продолжи со темпото со кое работел досега“, истакна тој.
Додаде дека добро ја познава ситуацијата на одредени локации, но повтори дека е потребно инспекторите да излезат на местото на настанот, што не е лесно. Тој особено истакна дека центрифугите на локацијата Фордо повеќе не се во функција.
„Не можеме целосно да процениме, ниту некој може со сигурност да ја каже точната големина на штетата. Но, веќе знаеме дека, со оглед на моќта на тоа оружје и техничките карактеристики на центрифугите, тие повеќе не се во функција. Ова се машини кои бараат прецизно позиционирање, има ротори, делови, па штетата мора да биде целосна“, објасни тој.
Запрашан за одлуката на Иран да ја суспендира соработката со МААЕ, Гроси изрази голема загриженост и рече дека Иран не може еднострано да ја суспендира соработката.
„Присуството на агенцијата во Иран не е чин на добра волја. Тоа е меѓународна обврска. Иран е потписник на Договорот за неширење на нуклеарно оружје и како таков мора да биде предмет на инспекцискиот систем“, рече тој.
Додаде дека ако Иран одбие пристап до инспекторите, апсолутно ќе има последици. На крајот, Гроси рече дека останува разумен и реалистичен, со надеж дека е можно дијалогот да се обнови и инспекциите да продолжат.
Свет
Автобус полн со ученици падна од патот во река во Англија

Утрово околу 10:07 часот, училишен автобус на „Блустар“ што превезувал ученици од средното училиште „Бартон Певерил“ излетал од патот и паднал во реката во Истли. Во моментот на несреќата, во возилото имало 20 лица, односно 19 ученици и возач. Пет лица се хоспитализирани, од кои две со сериозни, но стабилни повреди.
„Сè уште не е познато зошто автобусот излетал од патот. Истрагата е во тек“, рече инспекторот Енди Тестер од полицијата во Хемпшир.
„Можам само да замислам какво застрашувачко искуство мора да било ова за децата и возачот“.
Според изјавите на службите за итни случаи, „бројни ресурси, две хеликоптерски единици, пет амбулантни возила и технички екипи за спасување беа веднаш испратени на терен“. Неколку лица, вклучувајќи го и возачот, беа привремено заробени во возилото, но сите беа успешно евакуирани.
Некои ученици успеаја сами да излезат од превртениот автобус, додека други чекаа помош. Околу 14 лица со полесни повреди беа прегледани и згрижени на лице место. „Беше многу хаотично, но сите служби реагираа брзо и професионално“, рече еден од присутните спасувачи.
Средното училиште Бартон Певерил веднаш отвори информативен центар за родители во The Hub во Бишопстоук и ги повика да не доаѓаат директно на местото на настанот. „Ги молиме родителите за трпение додека не се стабилизира ситуацијата“, соопшти училиштето преку социјалните мрежи.
Полицијата го затвори патот за истрага и отстранување на возилото, а се очекува сообраќајниот дел да остане затворен до пладне. Во спасувањето беа вклучени противпожарни екипи од неколку блиски градови, а граѓаните беа апелирани да ја избегнуваат областа додека трае интервенцијата.