Македонија
Почна уривањето на дивоградбите во Охрид

Општина Охрид ја почна најавената акција за уривање дивоизградени објекти на подрачјето на општината во согласност со законските процедури и акцискиот план за постапување по препораките од последниот состанок на Комитетот за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО.
Според предвиденото, во акцијата за уривање паралелно ќе бидат отстранувани дивоизградени објекти што се во тек на израдба и оние дивоградби опфатени со регистарот на дивоизгредени објекти, кои се изградени во периодот од 2006 до 2019 година.
На почетокот ќе се отстрануваат објекти кај кои не постојат правни пречки и акцијата за уривање ќе ги опфати сите физички или правни лица што имаат добиено решение за отстранување бесправно изграден објект/градба и тие не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на Општина Охрид.
Во рамките на акцијата, денес се спроведува отстранување дивоизграден објект на улицата Марко Нестороски број 144, во согласност со решението за отстранување ИП-1 бр. 36-843 од 13.9.2019 година и заклучокот за дозвола за извршување ИП-1 бр. 36-843 од 19.9.2019 година. Се работи за дивоизграден објект во сопственост на физичко лице, кој е во фаза на карабина. Димензиите на објектот, врз основа на направениот записник се 10,45 метри на 12,50 метри во вкупна бруто-површина од 130,6 м2. Предметниот објект е лоциран на КП 10426/1 КО Охрид 2 и се градеше без одобрение за градење.
Општина Охрид е сериозно посветена на успешноста на целокупната акција за отстранување на дивоградбите и уште еднаш ги повикува сопствениците на дивоизградени објекти да постапат во согласност со добиените решенија за отстранување на градбите. Во спротивно отстранувањето ќе го изврши Општината, а трошоците за отстранување ќе ги сносат лицата задолжени во решенијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Oблачно време со повремени врнежи, температура до 19 степени

Времето денес ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 14 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со услови за повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 19 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, освен во четврток и сабота кога ќе преовладува стабилно време. Во петок и сабота ќе дува засилен ветер од југозападен, а од недела од јужен правец.
Македонија
Повеќе делови од Скопје денес без струја

ЕВН Македонија АД извести дека денес без електрична енергија ќе бидат:
– во периодот од 08.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од село Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
– во периодот од 8:30 до 14:30 часот, корисниците од ул. 4 и ул. 10 во Сарај. (општина Сарај)
– во периодот од 08:30 до 16:00 часот, корисниците во подрачјата Мала Река, Алдинци, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
– во периодот од 9:00 до 12:00 часот, корисниците од бул. Борис Трајковски лоцирани од раскрсницата со патека за Лисича кон Охис, ул. 1523, кон Драчево од бр. 77 до бр. 85, како и корисници лоцирани помеѓу објектите кај Циле Инженеринг и Интеграф. (општина Кисела Вода)
– во периодот од 9:00 до 13:00 часот, корисници од ул. Питу Гули лоцирана во близина на српската амбасада. (општина Центар)
– во периодот од 9:00 до 14:30 часот, дел од корисниците од ул. Пијанец. (општина Карпош)
– во периодот од 9:00 до 15:00 часот, корисници на блокот на зградата лоциран на потегот од Бул. Партизански одред бр. 17 Кон ул. Максим Горки. (општина Центар)
Македонија
Митески: Наместо Градот, ние го собираме отпадот во Аеродром

Кандидатот за градоначалник на општина Аеродром, Дејан Митески, изјави дека општината самоиницијативно се справува со зголемените количества отпад, иако надлежноста за комуналната чистота е на Град Скопје.
„Сликата е жалосна во цело Скопје, но ние во Аеродром не чекаме – дневно депонираме повеќе од 10 тони отпад во Дрисла,“ изјави Митески.
Тој нагласи дека, пред да се воведат казни, неопходно е граѓаните да имаат услови каде да го одлагаат отпадот.
„За првпат како општина воведовме редовни акции коишто траат два месеци на пролет и на есен за одлагање на кабаст отпад, понудивме услуга преку нашето јавно претпријатие да може на повик, граѓаните дојдат и го депонираат отпадот за симболичен надоместок, за првпат лиценциравме јавно комунално претпријатие коешто може да одвезува и да транспортира неопасен отпад“, рече Митески.
Во гостување на Телма, тој додаде дека Аеродром веќе има лиценцирано јавно комунално претпријатие што може да одвезува и транспортира неопасен отпад.
Покрај тоа, Митески најави и дел од инфраструктурните и еколошките проекти од програмата – топлификација на Лисиче, нов културен дом и зелена офанзива со засадување нови садници во соработка со инвеститорите.